Четирите столба на македонскиот пациент!

25.08.2014 12:22
Четирите столба на македонскиот пациент!

Секои две-три минути излегував на терасата, женава ме заебаваше, викаше, што се штрецаш, бе, еректираш како детско куре на охридска плажа, да не ја чекаш гоцевата раса, не, ѝ реков, не ме заебавај, каква раса какви бакрачи, чекам да ми дојде првиот столб, фала богу, фала богу, викаше женава, фати среди ја тоа оградата, види и за другите два-три столба, малку ќе ни е еден, квачка расквачена, си реков, што не си ја гледа кујната, кога оп, од подножјето на ритчето, таму откај селската кооперација во Орешани, забележав како угоре ита некое, „астриче“ ми се виде, брм, брм, брм, застана пред оградната врата на барокната барака што се мавташе (вратата, не бараката, з.а.) на ветрот и испушташе некои, ениомориконеовски ми се слушаа, звуци, како во филмовите на Серџо Леоне, Мајло ѝ се израдува на екипата и се стрча да си поигра, тие се вратија во автомобилот целите исплашени и не мрднаа додека не го врзав тробојното биглче, па им пријдов да ги охрабрам и да ги искарам, кај сте бе пријатели, што е ова лигавење од страв, ко да се плашите од бајадери, богати, Ѕинго е стопати поопасен, а кај се Илчо, Влатче и другите џукели, режимот ко џукела... Ние сме, ми рече возачот, еден од петте илјади тимови, море и повеќе нѐ има, ако сакаш точно да знаеш 4.789-иот тим од првиот столб на СДСМ, што сме одредени да ги чуеме и да ги решиме проблемите на граѓаните, оти ние како политичари, утре, здравје боже, власт, не сме тука да диктираме, туку да слушаме и да ги решаваме проблемите на граѓаните, од граѓаните зависи сѐ... Убаво, им реков, крајно време беше некој да се сети на граѓаните и на мене како граѓанинот покорен и конкретен, ебан денар немам, работа имам само за по дворот, добро и за Геро подработувам, понекогаш пред, понекогаш по редовните утрински, фрајдеј мастурбации, понекогаш ми се чини дека тоа што му го испраќам не е ништо друго туку топол утрински ејакулат, вистина, богат со протеини за широките народни маси, дркотина би рекле во биртиите на Аминта, Трети, мислам дека беше, исправете ме ако грешам, колку да не е без ич, пензиско - немам, социјално - немам, ако може да појдеме до Драчево, барем за парите ако не за друго... Отидовме, ни кафе луѓето не се напија, право во Комерцијална банка, извадија човеците 10.000 евра и ми ги дадоа за оградата и за пензиското и за социјалното, плус за некое пивце и лубеница за жена ми, оти луѓе сме, нели, рекоа луѓето и тука на зеленото драчевско пазарче се разделивме оти тие мораа да појдат да решаваат други проблеми, не си саде ти, бе, Тричкооо, ми викнаа со радостен поглед преку рамењата и отидоа, а жена ми, кога се вратив, ми рече: мешај додека масата не се згусне, ми ја тутна дрвената лажица в раце и отиде во Скопје, не тутун да реди в монопол, туку во станот, да чека некој од илјадниците тимови на Социјалдемократскиот сојуз, имало господ, си реков и тоа црвен да ти бил!

Веднаш ми падна в очи отсуството на народот во најновиот есдеесовски трактат, помислив, со право, оти народот, тоа звучи така десно и лигаво, па и загубено, ако сакате, од аспект на левицата, мислам, додека граѓанинот е нешто друго, граѓанинот звучи модерно, лево, непатетично, безбаладично, а сепак, рефренски, тироносаурусрексовски, револуционерно, прифатливо, граѓанинот дава основа да се формулира модерна политичка програма и, второ, граѓанинот дава основа да се осипе кретенизираниот народ од трлото на непријателот, не на противникот - на непријателот, да не говориме дека во нашата мултиетничка средина може да функционира обединително, а не кавгаџиски како народот, но...

Доминантното чувство, јас би рекол, кај сите луѓе што не се корумпирани или исплакнати во мозокот во вениш лабораториите на вемерето, е страшниот немир и некој чуден но доста интензивен страв, дека губат нешто големо, дека го губат засекогаш, дека се припадници на генерации кои ќе затворат не една страница на историјата, туку целата историја на еден народ и на една држава; дури и домино шампионите од МАНУ, мртви уплашени, разбудени од коматозниот сон, гледаат и не можат да веруваат, си ги тријат очите, Камбовски го штипе Старделов, Старделов ја штипе Катица Ќулафкова, гледаат Македонија изедена до кто и предупредуваат луѓето дека кризата се движи кон губење на државата или така некако, но наспроти тоа, нема кој таа драма да (им) ја систематизира, да (им) ја образложи, објасни и разобличи, до најдлабоките корени и коренчиња, до најзелените ливчиња и најскапаните плодови, да (им) ја изартикулира и да ( им) каже не тоа што тие сакаат да го чујат, туку тоа што мора да се каже и да се направи, па ми се чини, понекогаш - ќе пропаднеме не толку оти не сме во состојба да си го објасниме светот, туку зашто не сме кадарни да си се објасниме самите на себе!

Четирите столба ја дефинираат методологијата на СДСМ, тие можат да се критикуваат или да се фалат, тие се, сепак, четири нормални инстанци за една сериозна опозициона партија, тие не се нешто што е над тоа и тука импозантните бројки не помагаат многу; проблемот, значи, не е и овој пат во методологијата туку во недофатната суштина, во тоа што без јасна и категорична идејна позиција за суштината на македонската драма, а не за освојувањето на власта, не само, значи, за прашањето на власта, како што и овој пат е поставена работата, битката за спас, зашто за тоа се работи, нема никакви шанси, а јас имам впечаток дека и овој пат тоа е она што недостасува во приодот на СДСМ!Обичниот човек не може да ја види од новиот документ вистинската причина за мобилизација на СДСМ, ниту причината за сопствената потенцијална мобилизација врз програмата на социјалдемократите. Заев вели: „Да ја извлечеме државата од бесперспективноста што нѐ задушува сите нас, сите овие години на контролирано и манипулациско владеење, да ја вратиме земјата на нормален колосек, каде што заслужува, како дел од европското семејство и НАТО... бидејќи со штетните политики на актуелната власт е загрозена егзистенцијата на милион граѓани...“ Убаво, сето тоа не е неточно, арно ама...!

Целиот свет е излезен од нормалата и има проблеми со перспективите, не е тоа поентата и спецификата на македонската ситуација, до тоа ниво на сознајноста ќе се искачи оној што ќе се обиде да одговори на прашањето зошто една питома национална заедница реши да си ги пресече вените со острите жилети на вемерето и да се обеси на ременот на своите баби и дедовци, на вратата на Европската унија, тресната со газот од подметнатото грчко столче, како Македонија! Без детална анамнеза на таа суицидалност, без безпардона евалуација на македонскиот пациент, нема решение ниту со четири, нуту со четиристотини столба и тоа под итно, понеже, ние сме субјект со часовен механизам кој може да се деактивира само врз база на комплетната културнополитичка, историска и идеолошка демонтажа на митот и политичкиот концепт на ВМРО и врз база на длабоката ревизија на нашето саморазбирање! Самиот на себе си сум си досаден, ама, тоа е, бе, драги мои граѓанки и граѓани, нема друго! Односно има друго, но и него го нема како основа за строга диференцијација: СДСМ избегнува, нападно избегнува, да ги искористи новите димензии на геополитичкиот конфликт (Украина, но и Блискиот исток) за потенцирање на културната, идејната, политичката и секаква друга разлика со ориенталната филозофија на режимот на чипираните идиоти!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат