Војната низ двојна призма (1)

03.09.2014 14:28
Војната низ двојна призма (1)

Британски војници испраќаат порака преку гулаб-писмоносец на западниот фронт, 1917.

 

Војната низ двојна призма: фикционални и епистоларни сведоштва за Првата светска војна во македонски контекст

 

Присуството на темата на Првата светска војна во македонскиот национален, а оттаму и во книжевниот контекст е атипично, во однос на другите балкански, а да не зборуваме и за европските народи. Односно Големата војна и „кланицата на народите“ го нема она значење на прва и невидена катаклизма во модерната светска историја, на историска црна дупка во која пропаднала нацијата, или од која како феникс се издигнала. Автоматскиот одговор на циниците би бил дека таа културно-историска празнина е нормална во услови кога малата балканска нација не била оформена ниту пак имала своја држава. Но, тоа не е така, затоа, што, парадоксално, други настани, од предвечерјето на Големата војна, преку својата катастрофичност се формативни за македонската митологија и имаат високо значење во националната историја. Имено, македонската историја ги памети првата и втората балканска војна како невидено и неочекувано страдање на македонскиот народ - братоубиствена војна, изневерување на идеалите за самостојна македонска држава и заговорничко распарчување на етничката територија на Македонија од страна на нејзините соседи-„ослободители“. Радоста од заминувањето на Османлиите и завршувањето на петвековното турско „ропство“ било заменето со нов јарем, овојпат од блиските браќа, кои не ги намалиле репресалиите и денационализаторско-асимилаторската политика. Двете балкански војни биле крунисани со Букурешкиот мировен договор од 1913 година, каде трипартитната поделба на територијата на Македонија се потврдила, и тој настан е со црни букви врежан во македонската меморија. Во таа смисла, Големата војна од 1914 година е само продолжување на траумата, уште една од серијата лоши години на македонското население, кое веќе отрпнало на несреќите. Извештајот на Карнегиевата комисија за балканските војни рапортира за такви ѕверства и страдања на населението во Македонија, што подоцнежните умирања по рововите од гранати или јуришнички бајонети, или од болести во заднината изгледаат како брза и лесна смрт. Значи, фокусот на националната историја е врз балканските војни и мирот во Букурешт, а не на Првата светска војна. Но, во македонската национална книжевност ги нема доволно, не само Големата војна туку ниту балканските војни. Во една голема дијахрониска перспектива интерес нема ниту кај предвоените ниту кај повоените автори. Во различните книжевни родови се рефлектираат историските периоди околу илинденското востание, дури и младотурската револуција, во помала мера пресметките помеѓу различните крила на револуционерната организација на македонскиот народ, ВМРО, во дваесеттите и триесеттите години од дваесеттиот век, секако Втората светска војна, дури и првите денови на фашистичката окупација, но не и периодот од балканските и светските војни.

Оваа ситуација не се промени ниту во периодот од деведесеттите години па наваму. По независноста на Македонија, многу автори, особено, оние блиски до политичката десница, напишаа многу дела во жанрот на историскиот роман, во кои ги отвораа т.н. црни петна на комунизмот или премолчени теми од „комуњарската“ историографија. Се пишуваа романи и драми во кои се рехабилитираа историски личности (Драган Богдановски, Тодор Александров, Методија Шаторов Шарло, Методија Андонов Ченто) или пак се оцрнуваа поранешните социјалистички функционери (Лазар Мојсов, Лазар Колишевски). Меѓу темите сепак не беа случувањата од балканските војни односно Првата светска војна. Од ваквата согледба се наметнува прашањето дали постои национален, културно-историски консензус за драматичиот период од 1912 до 1918 година, каде што не постои ниту една историска личност или настан што ќе го наруши митот за народот-страдалник и жртва на меѓународните политики и соседски агресии? Дали не постои национален историски субјект што учествувал во историските собитија и оставил видлива, а да не зборуваме и за контроверзна историска трага кој би можел да го покрене интересот на писателите?

Дресер на кучиња чита порака донесена од куче-курир во Франција, за време на Првата светска војна.

Темата е незначително присутна дури и во помодарскиот жанр на постмодерната историографска метафикција, особно погодна за меѓународна слава и успех преку системот на глобализираната книжевна индустрија. Наспроти универзалистичките историски ликови, како оние на Барух Спиноза и Сигмунд Фројд, со кои младиот Гоце Смилевски доживува невидена меѓународна слава, или на Александар Велики за кого Слободан Мицковиќ, направи одлично дело, за жал, без никаква меѓународна рецепција, Првата светска војна не заинтересира ниту еден македонски писател во поново време. Исклучок е Иван Чаповски, кој во 2004 година ја објави романизираната биографија „Тагата на Мајлс Франклин под Кајмакчалан“ (издание на Култура), за една австралиска писателка што ги поминала двете последни години од војната во една полска болница во граничниот, егејски дел на Македонија. Романот, за жал, не остави позначајна трага ниту во македонскиот книжевен контекст, иако авторот фокусот го става на персоналните квалитети на слободоумниот, феминистички женски лик и нејзините согледувања на разорните воени страдања. Авторот внесува цела галерија македонски и балкански историски ликови, кои станаа дел од новата, десно ориентирана, рехабилитациска политика, но тие се дадени во фон, така што книжевната интерпретација на Чаповски не ја заинтригира значајно интелектуалната и книжевната јавност. Чаповски останува верен на зацртаната парадигма дека македонскиот народ е голема жртва и страдалник на војната и тоа го засведочува главниот лик во романот. Мала сатисфакција во однос на политичката географија е што Чаповски инсистира на македонските топоними за сите локации на дејствието, како контрастав на официјалната грчката политика на менување и бришење на македонската и османлиската топомастика на територијата на Егејска Македонија.

Сличен универзалистички потход има и најновиот роман на Луан Старова, „Љубовта на генералот“ (издание на МАНУ, 2014), во кој авторот прави романизирана биографија, базирана на вистинска случка, љубовта меѓу еден француски генерал и Албанка од православна вероисповед, чија рецепција допрва се очекува.

И покрај тоа што квантитативно присуството на Првата светска војна како тема на историските романи не е големо во македонската литература, и тој тренд не се менува ниту во рецентната популарност на историографската метафикција, што како жанр воведе многу досега невклучени историски и културни ликови и топоси, постои еден роман, објавен во веќе далечната 1980 година, кој останува да сјае, не само како едно од најголемите дела инспирарани од случувањата пред и по Првата светска војна, туку и како едно од најголемите дела на македонската книжевност воопшто. Тоа е романот „Пиреј“, од Петре М. Андреевски, кој веднаш по објавувањето ги доби значајните национални награди, стана едно од најчитаните дела и се стекна со култен статус. Во недостаток на друго врвно дело инспирирано од Големата војна, сметаме дека репринт на романот, и повторна афирмација на неговите високи книжевни вредности, ќе биде добар начин во Македонија да се одбележи стогодишнината од светската траума.

Британски гулаби-писмоносци на западниот фронт во Франција, за време на Првата светска војна.

Кои се квалитетите што овој роман го прават дел од националната епопеја? Најпрвин, идеолошките назнаки. Делото го одразува националниот консензус во разбирањето на историскиот период и улогата на Македонците во него. А бидејќи, како што опишавме погоре, тој консензус е еден од ретките што не е начнат по падот на комунизмот, по подемот на политичката десница и новите приоритети на Македонија како национална држава и независна земја, делото сè уште ја еманира истата енергија и претставува соодветна книжевна интерпретација за тоа историско раздобје. Тематски, приказната почнува со крајот на османлиското владеење, дава мал осврт на балканските војни, централната нарација се однесува на Првата светска војна, го опфаќа периодот на српската доминација во Македонија во времето на Кралството СХС, и завршува во епилогот со слика од Втората светска војна и повторната бугарска окупација на земјата. Фокусот во романот е ставен врз македонскиот селанец, субјектот на големото страдање, но и меласата на идниот национален супстрат. Во таа смисла Петре М. Андреевски се покажува како добар реалист. Тој ги одбира најтипичните претставници во македонската културна средина. Дека овој избор е исправен покажува и еден друг пример. Имено, во 2008 година, Фондацијата Отворено општество – Македонија, ја објави монографијата „Отпретани сведоштва – војнички писма од Големата војна 1914-1918 година“. Книгата е резултат на научно-истражувачка работа врз раритетна документација, збирка од преку 200 писма и 50 дописни картички како и други документи, главно настанати во текот на Големата војна. Најдени се во метална канта во околината на Ќустендил, Пиринска Македонија, а Фондацијата ги откупила од приватен колекционер. Тоа е колекција на писма испратени од војници од североисточна Македонија (кратовскиот, пробиштипскиот и злетовскиот регион), мобилизирани во српската или во бугарската војска. Сите епистоларни сижеа можат да се сведат на една наратолошка матрица. Писма разменуваат регрутираните селани со своите сопруги, и најблиски припадници на семејството, роднини и пријатели. Војниците се на линијата на фронтот, или во болница, или во заробеништво. Имено многумина, кои служеле во српската војска биле заробени или се предале на Австроунгарците, па оттаму биле интернирани во логори низ централна Европа. Војниците даваат шкрти и куртоазни одговори за своето здравје и состојба, а прашуваат за здравјето на блиските, за состојбите со имотот, реколтата, добитокот и соселаните. Најчесто бараат пари. Нивните блиски им одговараат за здравствената и имотната состојба во кратки и паушални реченици, ретко и шкрто одговараат за нови и непријатни моменти, смрт на роднина или загуба на добиток, најчесто се жалат на слабиот род, на недостатокот од работна сила, на сушното време, висината на данокот и немаштијата.

Ова е горе-долу сижето и на романот Пиреј. Приказната е раскажана од брачниот пар Јон и Велика, преку два маестрални паралелни нарации, од Јон и од Велика, наизменично, од визурата на овие два лика, со две прологно-епилогни раскажувачки рамки од сезнаечки раскажувач, кој повторно се потпира на цитирањето на приказната од нивен близок соселанец. Јон ги соопштува своите кошмарни доживувања од фронтот, а Велика од заднината, од родното село. Секако дека како и секој добар автор на роман со историска тематика, Петре М. Андреевски, го базирал своето дело на претходни истражувања. Но, исправноста на неговата наративна стратегија се потврдува и триесет години подоцна, со случајното откритие на тристате писма и дописни картички и отпретувањето на сведоштвата на селаните од кратовско-пробиштипскиот регион. За топос на романот Петре М. Андреевски го одбира својот роден крај, демирхисарско-битолскиот регион и јужните планини. Поклопувањето на судбините на селаните на трансверзалата североисток-југозапад зборува и за обемот на воената трагедија, но и за истородноста на човечкиот супстрат, од чија споделена судбина подоцна се создава македонската нација.

Куче опремено со посебна корпа во која носи гулаби-писмоносци на фронт во Белгија, за време на Првата светска војна.

Но, треба веднаш да се напомене дека писмата и дописните картички се цензурирани. Без разлика дали писмата биле прегледувани од австроунгарска, бугарска или српска воено-цензорска комисија, воената администрација, барем во тој поглед покажала невидена унифицираност и ефикасност. Сите триста писма се пишувани со исти, шкрти зборови, со општи фрази на поздравување и информирање, речиси без никакви чувства, со избегнување да се зборува за какви било проблеми или психички состојби. Дури и кога известуваат дека се наоѓаат во болница, војниците кратко го изразуваат своето задоволство, небаре се на некоја рехабилитациска клиника во Алпите. Небаре се пишувани од ист, беспрекорно бирократизиран човек. Впрочем, ако се има предвид дека голем дел од војниците-селани биле неписмени, тие писма и биле пишувани од добро инструирани и обучени четни писари. Од друга страна, иста е и шкртоста на повратните писма. И роднините на војниците главно известуваат на истиот „испран“ начин, без никаква емоција, со автоматско констатирање, дури и на најтажните факти, како што е смртта на таткото или дедото, смртта на омилениот добиток, болеста на братот или децата. Тие не ја кријат својата неписменост, па дури и известуваат дека побарале помош, и дека како адреса ја користат куќата на некој угледен градски трговец или службеник, кој, веројатно за извесен надоместок, или за да ги има како клиенти, им помага во пишувањето, во адресирањето и дистрибуцијата на писмата. Еден војник, дури и кажува за едно младо момче од селото, кое било многу писмено, и ги упатува своите роднини на него, како некој што може и да им ги прочита неговите писма и да им напише одговор. Друг, таков „локален Прометеј“ бил трговецот Бидиков од Кратово. Монографијата е резултат на едногодишна истражувачка работа на тим млади историчари, ангажирани од Фондацијата Отворено општество. Тие спровеле и теренски истражувања во кои се обиделе да ги лоцираат семејствата на војниците, нивната понатамошна судбина, нивните потомци. Извештаите од теренските истражувања во сублимирана наративна форма, се прикачени на крајот од секое врзопче писма, групирани според селата од каде што потекнуваат војниците. Една од тие реконструирани биографии кажува за судбината на тие локални трговци, чиновници, прометеи, која не била баш розева. Многумина морале да ги запрат своите трговски кариери, ако не во Првата, сигурно во Втората светска војна, под обвинение дека се воени профитери, народни дерикожи, праматари и соработници на туѓите војски. Една анегдота кажува дека партизаните во 1945-та ги испразниле шаржерите на своите шмајзери во бурињата вино, ракија, масло, оцет, складирани во еден трговски подрум. Со денови по кратовските улици се лееле скапите течности ослободени од ненародниот јарем.

Овие екскурси сепак ги нема во писмата. Таму телеграфски се известува, дури и за еден немил настан, поради кој неколкумина селани од различни села биле затворени во кумановскиот затвор. Иако притворот траел продолжено, вознемиреноста се крие зад само еден збор, „лакрдија“, кои селаните уверуваат дека безболно и брзо ќе заврши. Историчарите не можеле да откријат за каков настан станува збор. Ретко, меѓу писмата се случува да се погоди војник, или неговата сопруга, или неговиот татко, или братучед, со карактер, чија посебност не можат да ја сокријат штурите зборови. Се случува војникот упорно да бара пари, или сопругата да инсистира тој да се врати на отсуство за да може да ги заврши полските работи, кои без него ќе останат незавршени, а со тоа и семејството нема да може да преживее. Има татковци кои премногу ги советуваат своите синови како да постапат на фронтот, како со воените другари, или како со старешините, но има и синови-војници, кои во тие кратки писма даваат команди што и како да се заврши од домашните или од земјоделските работи. „Мили ми родители, пишете ми како да направиме постапка за ослободување, татко, тоа е главно да гледаш да направиш, ако сакате да имате син“, стои во писмото што заробениот војник Саздо Гичев им го испратил на родителите од австриските логори. Но, во повеќето писма, на виделина излегува неукоста, сиромаштијата, ограничениот светоглед и ограничениот живот на селаните од североисточна Македонија. Големата беда во која се наоѓале кратовските војници и нивните семејства се гледа и од фактот што многу од писмата се пишувани на хартија откината од картонска кутија за чевли. Таа 1915 година се погодила сушна. Во повеќето од селата грозјето не родило, а жетвата на „мумуруз“ (пченка) била слаба. Повеќето селани имале проблем да најдат аргати да ја соберат житнината, а многу семејства не стигнале ни да овршат. Даноците тешко ги отплаќале и жалат по добитокот кој бил однесен од воените управи за потребите на фронтот. Но, повторно, тоа се само патемни информации, а во писмата доминираат празни церемонијални фрази во кои се изразува задоволството што „сите се живи и здрави, и куќаните, кои го позравуваат, поименично, и добитокот, сиот е на број“.

(продолжува)

Извор: Sarajevske Sveske br. 43-44

ОкоБоли главаВицФото