Ќосевци

13.09.2014 10:22
Ќосевци

Уф, голема полемика затеравме за споменик на еден мал човек. Така е тоа кога некој сака нè направи малоумни, да ни покаже, па и уште да ни докаже, дека Андон Ќосето е парадигма на Македонецот, дека ние Македонците имаме само војсководци, генерали, комити и ајдуци за славење (некој спомна и специјалци – Ќосето, демек, бил првиот македонски специјалец!), дека државите се градат само со гнев и со кама, а не и со перо, не со стетоскоп, не со сликарска четкичка и не со многу други алатки што служат за создавање вредности во науката, уметноста и културата воопшто.

Некој дури напиша дека Ќосето не убивал, туку извршувал пресуди на легитимниот револуционерен суд на ВМРО. Неверојатно! Додуша, јас верувам дека и денешниот суд не е ништо помалку „легитимен“ од тој чии нарачки за егзекуција ги извршувал џелатот што убил сто души за сто години живот – и денеска пресудува еден човек, а нарачките ги извршуваат неколку ќосевци во судовите, во полицијата и во медиумите. Ете зошто споменикот бил кренат пред Судската палата?!

Многумина инсистираат на тоа дека не треба да се занимаваме со тоа кои се и што биле ликовите овековечени во бронза, туку постојано да „трубиме“ за тоа дека за спомениците и за целиот проект „Скопје 2014“ се потрошени огромни народни пари среде мизерија. Не го потценувам економскиот аспект на темата, но не се согласувам со таа теза. За мене станува збор за многу покрупно, цивилизациско прашање. Изборот на ликовите што треба да ги симболизираат вредностите на нацијата, локациите на тие зданија и избраниот стил, соцреализам и барок, чија мешавина јас ја нарекувам вмро рококо – тоа се одликите на еден обмислен идентитетски инженеринг, чија цел е систематско обезличување на македонската нација. Паметникот на Ќосето е само гротескен егзамплар на таа опасна антимакедонска акција.

На сите што се обидуваат пак, по којзнае кој пат, да ме наречат предавник, им одговарам одлучно и без комплекси – марш таму, будали едни! Овој идиотизам што го гледате пред вашите очи е чиста антимакедонштина! Идиотите што создаваат идентитетска криза, за народот, како што вели песната, сам да се не знае, а и да верува дека амалгамот од кој е создаден се гневот и камата, тие кретени што го убедуваат дека во вените му тече крв на генерали, џелати и специјалци, а не крвта на нашите духовници, преродбеници, уметници и поети, ете тие се вистинските антимакедонци и предавници. Кажете им го тоа отворено и од нив не барајте признание за вашиот патриотизам.

Ќе помине и ова лудило еден ден. Ќе се погледнеме во очи, малку ќе се подзасрамиме, троа ќе се очовечиме и после ќе се вратиме на своите корени. А споменикот на Ќосето ќе им го подариме да си го однесат и да си го гледаат во дворот на затворот во Идризово. Нели таму се извршуваат судските пресуди?

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото