Заборавена „модерна“ (2)

13.09.2014 10:56
Заборавена „модерна“ (2)

Анонимен мајстор од Нерези

5.

Eдна од поентите на овој текст за црквата „Св. Пантелејмон“ крај Скопје, покрај нејзината 850-годишнина од градењето и автохтоните архитектонско ликовни вредности, беше и нејзиното потенцирано специфично значење како можен претходник, предвесник, антиципација на идните Ренесансни квалитети во сликарството, оние што ќе се појават во Италијанската Ренесанса во XIV век со фреските на Ѓото ди Бондоне во Падова во 1305 година.

Не знам зошто фреските на Ѓото во Cappella degli Scrovegni упорно, речиси со векови, го држат приматот на први Ренесансни импулси во ликовната уметност. И така е и во научната (барем во поголемиот дел) јавност и во пошироката јавност. Ѓото останува првиот Ренесансен уметник, иако анонимниот мајстор од Нерези го сторил истото, дури и подобро од него, и тоа безмалу век и половина пред него. Можеби заради тоа што бил анонимен, односно не му го знаеме името? Но, не е само тоа, зашто редица други анонимни творци низ историјата го добиле заслуженото место и примат. Причините за ваквиот однос и на науката (односно дел од неа) и на пошироката јавност се бројни. И, претпоставувам, немаат речиси никаква врска со реалните состојби, односно со некакви обиди да се забошоти (можната) вистина, да се потцени едно творештво во полза на друго, итн. И не би бил прв пат одделни достигнувања, особено во културата и уметноста, што доаѓаат од „трети“ простори како Балканот, да бидат запоставувани (дури и присвојувани!) во полза на таканаречените „понадмоќни“ култури.

Но сепак, за волја на вистината, нема „мали“ и „големи“ култури, нема „слаби“ и „надмоќни“ уметности. Таквите „поделби“ си ги наметнуваат како алиби токму „малите“ и „слабите“. А, ако им дозволите, таквите флоскули ќе ве изедат жив. Ние дури и денес, благодарејќи на редица локални будали, самите си наметнуваме некаков „неоколонијален статус“ и го обвинуваме Западот за сè и сешто. Мислам дека овде не станува збор за тоа, односно не само за тоа. Не дека низ историјата немало игнорантски однос на развиените европски култури кон оние регионални / локални проблесоци, не дека немало и нелегални / неморални кражби и присвојувања, но тоа е минато свршено време, или „плусквамперфект“, што би рекол Крлежа. Веќе крајот на дваесеттиот век го актуелизираше прашањето на враќање на откраднатото културно богатство кое што, еден ден, прилично ќе ги осиромаши европските музеи. Така што денес, особено денес, би било илузорно да говориме дека некој нешто ни украл, ни присвоил, ни го преземал приматот во нешто. Иако тоа е најлесно, се согласувам. Најлесно е зашто не нè обврзува на ништо, не бара од нас да се помачиме да докажуваме, да пишуваме, одново да проучуваме и одново да докажуваме…

Ѓото ди Бондоне

6.

Оттука, колку и да обвинуваме одделни научни кругови, или цели култури за свесно занемарување или запоставување на сликарството на Нерези во полза на подоцнежното и објективно „послабото“ на Ѓото, прво што треба да направиме е да се преиспитаме себеси што и како ние сме направиле во таа насока: во насоката на афирмирање, укажување, популаризација, научна и поширока валоризација и ревалоризација, компаративна апликација на приматот на фрескосликарството на Нерези и неговата антиципација на претстојната Ренесанса. Се разбира дека тука не станува збор за фудбалски натпревар и не е важно кој прв постигнал гол и кој на крајот го добил натпреварот. Но важно е да се афирмира анонимниот нерешки мајстор пред сè, повторно и повторно (а потоа и оние од Охрид, од Курбиново и слично) во неговата полна светлина и вредност!

Од друга страна, нашиот „најголем“ или, ако сакате, „неприкосновен“ ум – Македонската енциклопедија – меѓу другото вели дека „Фреско-сликарството на ѕидовите на црквата Св. Пантелејмон е едно од најзначајните сликарски остварувања не само во XII в. во Македонија, туку и во средновековната уметност воопшто“. И толку! И на авторот не му било срам да се потпише со „К.Б.“ (Коста Балабанов). А во главната литература за црквата навел две книги од „пре Христа“ (Владимир Петковиќ, Воислав Ѓуриќ) и најновиот текст на Донка Барџиева – Трајковска од 2004 година. И повторно – толку! А Енциклопедијата е издадена во 2009 година, но за неа не постои ни Грабар, ни Талбот-Рајс, ни Метјус, ни Демус... никој, дури ни од нашите домашни проучувачи. Е па што сакаме тогаш, кога самите така си ги вреднуваме нештата? За македонската Енциклопедија впрочем не постои ни поимот Ренесанса. Такво нешто ние немаме, односно тоа за нас не е важно. Но важен е, на пример, некој Рене од Монс, учесник во Четвртиот крстоносен поход и управник на Солун!?

7.

Како и да е, за среќа, повторно нашите домашни задачи ги довршуваат други. Односно, она што Талбот-Рајс, Грабар и другите го посочуваа релативно срамежливо или не толку екпслицитно – иако констатираниот „похуман пристап“ на Талбот-Рајс го потенцира потребното – сосема директно и отворено пред десетина години го напиша Ендрју Греам-Диксон. Но кај нас, со ретки исклучоци, и тоа помина некако глуво и без соодветна звучност во јавноста, особено интелектуалната. Ендрју Греам-Диксон во незавиткана форма вели дека фреските во црквата Св. Пантелејмон во Нерези, крај Скопје, се вистинските предвесници на Западната Ренесанса, речиси два века пред фреските на Ѓото во Падова. И повторно, додека нашите наводни стручњаци за тој период ги воспеваа „стојностите“ на коњаничкиот споменик на Александар Македонски во центарот на Скопје сметајќи го за „многу репрезентативно, раскошно и гламурозно замислен, со динамичка линија“ (sic!), сериозни учени низ светот ја вршат нивната работа. Нашиве ги бива само за до Ниш, евентуално Сурдулица, и толку.

Што точно вели Греам-Диксон? Тој смета дека вреди уште еднаш да се преиспитаат ставовите за вистинските почетоците на Ренесансата, наспроти ставот на Вазари и многумина други после него, особено кога е во прашање фреско ансамблот во Нерези. За него овие фрески, односно особено композицијата „Оплакување“, со својата „физичка, електрична присутност “, сведочат за генијот на уметникот од Нерези и неговото отклонување од востановената во тоа време византиска фрескосликарска традиција втемелена на строгиот иконографски ред и формалност.

Инаку Ендрју Греам-Диксон не е баш случаен човек во светот на уметноста. Негови книги („Историја на Британската уметност“, „Хауард Хоџкин“, „Микеланѓело и Сикстинската капела“ итн.) и особено неговите телевизиски серии за уметноста („Уметноста на Русија“, „Уметноста на Шпанија“, „Уметноста на Германија“ и др., сите работени за BBC) се читани и гледани и во стручните и во пошироките кругови. Оној кој нешто видел или прочитал од Греам-Диксон го памети по едноставноста во раскажувањето, елоквентноста и убедливоста, поткрепени со проверени факти и аргументи, некогаш неочекуваните (предлог) заклучоци и тврдења итн. „Сите патишта не водат во Рим“, вели Греам-Диксон! Впрочем, и историјата и историјата на уметноста се тука за да бидат константно преиспитувани.

Всушност, неговиот интерес за фреските во Нерези, а во рамките на истражувањата за книгата „Ренесанса“, го води до заклучокот дека Ѓорѓо Вазари – веројатно најкомпетентниот директен извор за тоа време – можеби и не бил во право кога тврдел дека токму фреските на Ѓото ди Бондоне во Cappella degli Scrovegni (или позната и како Арена капела) во Падова се онаа ликовна пресвртница од „темниот среден век“ кон поинаквото размислување за светот и човекот. Заклучокот на Греам-Диксон дека „византискиот исток бил многу повлијателен на развојот на Ренесансната уметност отколку што Вазари бил подготвен да признае“ го потврдува значењето на фрескоансамблот од Нерези како вистинскиот пресвртен почеток. Токму тука, кај нас, под раката на анонимниот мајстор од Св. Пантелејмон, фрескоживописот почнува да се осовременува, динамизира, се осмелува да не ги чита само каноните туку и лицата од секојдневието. Така и ликовите на светите, дури и оние на Богочовекот и неговата Мајка, добиваат реални и хумани димензии на луѓе од крв и месо, на луѓе кои страдаат и не се срамат тоа да го покажат.

Анонимен мајстор од Нерези

8.

Ние денес не можеме да знаеме, уште помалку да тврдиме дека Вазари знаел за Нерези но не сакал да го спомне. Тоа не би било вистина, не би било точно. Поверојатно е дека не знаел за фрескоживописот во оваа црква. Но затоа, денес, и вчера, тоа го знаела науката, светската и нашата. Доблесните го кажале својот збор.

Од друга страна, не можеме да тврдиме ниту дека нештата би биле поинакви доколку и нашата компетентна наука го направела тоа што морала да го направи. И тоа би било во сферите на шпекулациите. Но, можеби ќе ни беше полесно ако знаевме дека барем ние сме го направиле потребното, неопходното? Или секогаш (ќе) чекаме другите да ни ги завршат работите?

И во овој контекст можат да се пишуваат уште многу страници за разликите и / или евентуалните сличности помеѓу двата фрескоансамбли – овој во Нерези и оној во Падова – да се регистрираат нијансите во сликарскиот израз, рафинманот на пристапот, смелоста на концептот... Во тој контекст можат да се потенцираат и сличностите и разликите помеѓу црковната византиска архитектура и панданот во средновековната италијанска архитектура. И во тој поглед многу може да помогне укажувањето на Ото Демус (Otto Demus) – еден голем австриски византолог – кој ја објаснува предноста на фреската пред Ренесансната слика преку фактот што фрескосликата не е одвоена од гледачот со стакло зад коешто всушност почнува некаква илузионистичка слика, туку просторот на гледачот и „просторот во кој што светите луѓе егзистираат е ист... самата византиска црква е 'слика-простор' на иконите... гледачот се чувствува како да сведочи на светиот настан и разговара со светите луѓе...“[1].

Но сепак, овде не станува збор за тоа, ниту пак за, повторно, некаков натпревар што некому ќе му донесе златен или сребрен медал. Овде станува збор за научни факти и аргументи, за констатирани вистини врз основа на релевантни интерпретации, коишто прецизираат „првенство“ на една или друга „школа“ (или поединец) како потенцијален зачетник на идеите на Ренесансата. И, уште еднаш, нашата веќе многу пати констатирана неспособност, неукост и индиферентност кон сопствените вредности!

А сепак, да не бидам толку несправедлив кон нашите современи духовни дострели и нивното разбирање на вредностите на фрескоансамблот во Нерези, еве едно гледање на еден голем македонски современ сликар: „Не ли е, можеби, потеклото на тој европоцентричен егоизам и деформитет во нашиот сопствен деформитет, сфаќањето дека циклусите и мените на западноевропскиот дух се нужни за сите култури, а уште понужен е ритамот со краток здив кој му е својствен? Од една Шарденова 'мртва природа' може да се реконструира една кујна, од еден букет фламанско цвеќе, во најдобар случај – цела една градина. Од само едно стапало останато окружено со пуста белина, како некаков мал остров на некој руиниран Нерешки ѕид, би можел да се обнови цел еден космос во кој, дури и да нема остатоци од други траги, со математичка точност би можела да се предвиди целата општа организација“. Се разбира, станува збор за Глигор Чемерски и неговиот неповторен (не само) кај нас есеј „Жива Византија“ напишан пред многу децении.

И зарем само очите на сликарот може(ле) да го видат тоа што треба(ло) да се види, и да го напишат тоа што треба(ло) да се напише?

Кон првиот дел

_____________________________

[1] Thomas F. Mathews, Religious Organization and Church Architecture, во: The Glory of Bizantium, The Metropoliten Museum of Art, New York, 1997

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Општество / Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура / Филм
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото