Пепелашка и килимот камелеон

08.10.2014 11:51
Пепелашка и килимот камелеон

Еве, веќе неколку дена се обидувам да ги послушам советите на пријатели добронамерници и да се сконцентрирам на суштествените проблеми што нè прогонуваат, наместо на Бобојадата во Старо-грдиот… Се обидувам, мајке ми се обидувам, ама колку повеќе се трудам, толку губам концентрација. Мора да е од флешовите. Тие флешови со насмеаните ликови од синиот килим безмилосно ме прогонуваат.

Сега сум во фаза кога за непромислениот потег го обвинувам килимот камелеон (еднаш црвен, друг пат син). Владетелот мора да се прашува од кој анекс произлезе овој камелеон, зашто сигурен сум дека го немаше во првичната проекција на Старо-грдиот? Паметам дека голема ја правевме за мочалните, за завесата, за лустерот, но никој не ни помисли дека токму тој килим што стоеше неприметно скромно стокмен во ролна ќе ја одигра историската улога на сопнување на Пепелашка. Овој пат, позади Пепелашка не застана магијата на Универзумот, па да ги претвори во принц и принцеза, туку барем 300.000 живи души застанаа, и останаа после оваа епизода со килимот како глувци, тикви и тиквари во оваа тажна приказна. Оние тикви, тиквари и глувци кои ја носеа кочијата на Отпорот, не се престорија во бели коњи, раскошни кочии и лебеди. Ви текнува ли на нив, е мои возвишени Дајнерасти Синдарели, или уште ја барате златната чевличка за да се престорите во принцови и принцези?

Но, како што рековме, килимот… Како и да е, за атер на приказната, решив. Го навиткав и ќе го носам килимот камелеон на перење. Ќе го носам да му ги исперам гревовите на соблазникот, кој сака да ја заплетка оваа весела опозициска приказна во боите на својот опстанок. Појма немам од каде му идејата дека неговиот хир е простив? Сигурно се обидувал да ја оправда својата цел на постоење кај владетелот, па затоа ги потсопна Пепелашките, но тоа не му е никакво оправдување, нели? Она – „килим ко килим, го газат“, кај мене не поминува, Килиме! Конечно е, ќе го рибаат дури не признае проклетникот, дека тој е виновникот. Ќе им го дадам килимот камелеон на глувците, на тиквите и тикварите да го обработат, зашто тие се лесни на збор, тешки на рака, а сепак добри за работа и мечтаат за убави приказни, а особено кога некогаш – кога и да е, тогаш кога приказните ќе завршат со среќен крај.

Можеби премногу сериозно ги сфаќаме приказните, а Килиме?

Како велат: Глувци сме, тикварски работи прајме.

Извор: ribaro.mk