Единство

08.05.2014 12:13
Единство

Народе, што се случува со нас? Камо единство? Сега сме во време на пресврт, во точка на прекршување, кога треба сите прогресивни сили да се здружат. САМО ТОА Е ВАЖНО!

Многу е едноставно и кристално јасно. СИТЕ ТРЕБА ДА Ѝ ДАДЕМЕ ПОДДРШКА НА ЗДРУЖЕНАТА ОПОЗИЦИЈА! Сега се решава судбината на нашата држава и татковина!

Зoшто Ивор Мицковски е толку разочаран од СДСМ? Па и тие се луѓе, сите грешиме. Сакам да кажам, со таков став само си отежнуваме, само се заплеткуваме во негативна енергија и тонеме во депресија. Не е во ред сега да се оптоваруваме со анализи на минатите потези и да паѓаме во очај. Гледај напред и размислувај позитивно! Сè е од второстепено значење, само единство, здружување и концентрирање кон една заедничка цел е од првостепено значење.

Ве молам, не се разединувајте и не дозволувајте личните фрустрации заради оваа криза да ве повлечат надолу.

СДСМ има историска задача во овој момент да нè обедини против растечкиот етнички национализам и фашизам и организираниот криминал што ја уништуваат Македонија! Нема друга опција, немаме време за друга опција освен да ги поддржиме!

Стево Пендаровски е прекрасна личност. Сигурно ќе успее со Заев и другите во нивното раководство и со раководствата на другите опозициски партии да го најде вистинскиот модел за дејствување. Дајте им шанса и простор да ги консолидираат силите и да дојдат до најдоброто решение. Не им е воопшто лесно! И не е фер од наша страна што им ја отежнуваме работата! Од нас сега треба да добијат секаква стручна помош и безусловна поддршка!

Значи, јас не сум за црно-бел свет, далеку од тоа, но, сега е време за црно–бела поставеност на нештата во Македонија.

ПОЕДНОСТАВЕТЕ ги работите! Имаме режим и тој режим треба да се сруши. Креатор на тој режим е оваа власт. Оваа власт треба да се сруши. За да се сруши треба да се здружи сила. Сите кои се за слобода и право и нормална држава треба да се здружат да ја срушат оваа власт.

Да не ја комплицираме состојбата, да не се вплеткуваме во анализи зошто и како се случило ова што сега ни се случува, бидејќи сега не е време за тоа. Сега е време за дејствување, за јасно разграничување која страна е прогресивна, а која е регресивна.

Не дозволувајте умот да ви вергла деструктивни мисли и помалку зборувајте, а повеќе дејствувајте конструктивно за формирање сојуз против овој тоталитарен режим. Толку. Не комплицирајте!

Цртежи : Татјана Миљовска, 1998 година