Скок

09.10.2014 11:13
Скок

МАЧКА

Човек се симнува во дворот да фрли ѓубре, и крај последното скалило здогледува мртва мачка. Лежи на колк, со скрутени нозе и ширум отворени очи. Човекот ја спушта кантата и се враќа во станот по стар весник. Кога се враќа со весникот в рака, мачката веќе ја нема. Човекот се обѕира, мижурка, клекнува и повторно се исправува. Го здогледува тогаш насловот ,,Педесет и трети ден од бомбардирањето“, се стресува и почнува да чита.

НЕНАПИШАНА ПРИКАЗНА

Од сите приказни што не сум ги напишал на најдрага волја се сеќавам на онаа во која момче и девојка седат на клупа во паркот, се држат за раце и молчат. Ништо друго не се случуваше во таа приказна; сè се наоѓаше во совршенството на тишината. Мојот напор, како на писател, требаше да се сосредоточи врз описот на тоа совршенство, совршен опис на совршенство, подобро речено, оти ниеден друг не би му прилегал. Тишината сè содржеше, и нивното минато, и нивната иднина, деновите минати во немаштија, деновите на изобилие, топлината на заедничката перница, тешкото породување, разделувањето и спојувањето, и лесното оддалечување, и куќата на работ од градот, каде што мракот беше погуст, и цвеќето во леата под прозорецот, и канапот на кој момчето се обеси кога почна војната, и нејзиниот плач, ноктите со кои си го издраска лицето, и зборовите, несигурни и лизгави, со кои се обидуваше да му го објасни на детето тоа што ни себеси не можеше да си го растолкува: тишината која е зародишок на сè околу нас. Детето ја гледа, и молчи.

СКОК

Девојката долго седи на клупа во паркот, потем нагло се наведнува, ги собува чевлите, заправо; патиките и чорапите, бели доколенки, поминува преку патеката и стапнува на тревата. Не оди далеку, само чекор-два. Тревата ѝ ги допира глуждовите, стапалата ѝ се студени и влажни. Ги грчи ножните прсти, ги отпушта. Колената лесно ѝ треперат, се затегнуваат бедрата. Девојката ги крева рацете над глава и ги склопува дланките, небаре пливачка на раб од базен. Скокни, мислам додека ја гледам, скокни!

Превод: Виктор Шиков
Извор: Необични приказни, Темплум, Скопје, 2004.
Слика: Aron Wiesenfeld

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото