МНТ - кукавичко јајце во „Скопје 2014“

14.10.2014 10:55
МНТ - кукавичко јајце во „Скопје 2014“

Секој национален театар претставува гордост на секоја нација. Тоа е каменот меѓник со кој почнува преродбата на многу нации, изградбата и отворањето на националните театри се датуми кои се запишани со златни букви во културната историја на секоја нација. Прекрасен пример за тоа е изградбата и отворањето на Народњи дивадло - Народниот театар во Прага. Иницијативата за изградба на национален театар потекнува од група преродбеници, кои формирале и иницијативен одбор во 1850 година, на почетокот на чешката преродба. Камен темелник на театарот бил поставен во 1868 година, а набргу по отворањето во 1881 година изгорел, па повторно бил пуштен во употреба во 1883 година. Во темелите на театарот биле вградени камења донесени од сите историски места во Чешка и Морава. Средствата за изградба биле собрани со широка акција меѓу жителите и денес на порталот на бината стои мотото: Народот на себеси!

Целокупната надворешна и внатрешна декорација е изведена од најпознатите архитекти, сликари и скулптори на времето, со мотиви од историјата и културата на чешкиот народ. После ова сите уметници кои зеле учество во украсувањето на објектот добиле свое место во културната историја на Чешка, како Група од Народниот театар. Националниот прашки театар, кој на репертоарот ги има претежно делата од националната драмска и музичка литература, претставува најдрагоцен камен во Чешката културна историја. Вакви примери во светот има уште многу.

Стариот Македонски народен театар беше изграден за време на Кралството Југославија и е наречен Театар на Крал Александар, но и тој бил секако изграден од средствата кои ги остварил поробениот македонски народ. Уште еднаш да се потсетиме на крупниот историски настан, дека на сцената на овој театар во времето на најжестоката диктатура, е изведена драмата на Васил Иљоски, „Бегалка“, на македонски јазик. После ослободувањето на Македонија и со формирањето на сопствена држава на македонскиот народ, од сцената на овој театар се чу првпат македонскиот јазик, се изведоа првите оперски и балетски претстави. Многу генерации после ослободувањето живееја со претставите кои се изведуваа на сцената на театарот и затоа, после земјотресот, во кој беше срушен, кај голем дел од населението со децении беше присутна носталгијата кон овој објект.

Еден познат професор на Градежниот факултет во Скопје, покрај својата редовна стручна и наставничка дејност, волонтерски се зафати со иницијативата за обнова на стариот театар. Собра драгоцена документација за старата зграда и десетици години се обидуваше да ги анимира властите да се обнови театарот, но не наиде на разбирање кај ниедна од гарнитурите кои се менуваа на власт.

Актуелната власт се зафати со т.н. обнова на стариот театар и го вклопи во контроверзниот проект „Скопје 2014“. И новиот театар, место да стане гордост на целиот македонски народ, отворено да биде подржана изградбата, тој стана уште една причина за поделба меѓу нашиот народ. Целата операција на неговата изградба се одвиваше нетранспарентно, во потесен круг, а тој, како што вели стариот професор, нема врска со стариот предземјотресен театар. Изграденото претставува само неуспешна реплика на стариот театар, се разбира, проширен и надграден, според важечката доктрина. Целото внатрешно уредување дава слика на амбиент од империјалните времиња на големите владетели, а во тоа не отстапува и надворешниот изглед. Многу погрешно е кога оваа градба се нарекува Старо-нов театар. Предземјотресниот театар, според сведоштвата на многумина сè уште живи сограѓани, кои биле редовни посетители на претставите во тој театар, бил изграден со голем вкус и непретенциозен, иако се работело за кралски театар. Неговиот капацитет ќе ги задоволуваше и сегашните потреби, се разбира, со понова технологија и сценска техника. Сите овие кои се кумови на ова здание, кои сега го нарекуваат старо-нов тетар, стариот театар го знаат само од сочувани фотографии. Голема штета е што новата градба служи како промоција на желбите на поединци, да си изградат еден неуспешен проект. И внатрешниот декор, изгледа е дело на /не/вкусот на поединци.

Овој и ваков објект го „освети“ и врвот на СДСМ, со учество на некаква „приватна забава“. Од сликите се гледа дека масовно беа присутни и младите лавови на СДСМ, веројатно од љубопитност или од додворување кон шефовите. Само, со учество на вакви „приватни забави“ младите лавови може да ги отапат своите заби. А со лав без заби и глувците си играат мајтап и го влечат за опашка!

ОкоБоли главаВицФото