Големата тајна на нашата вештина е управување со луѓето

31.10.2014 12:27
Големата тајна на нашата вештина е управување со луѓето

„Јас сум оној којшто е“

„Кој си ти?“, едновремено запрашаа триста гласови со таков тон што дваесет сабји заискреа во рацете на најблиските призраци, и со вешто движење, како фаланги обучени за војување, се спуштија и ги вперија своите врвови кон градите на непознатиот. А овој, со спокојна насмевка, подигнувајќи ја главата и протресувајќи ја напудрената грива од коса затегната само со една лента поврзана околу челото:

„Ego sum qui sum“, рече. „Јас сум оној којшто е.“

Потоа со поглед помина низ човечкиот ѕид кој тесно се беше прибрал околу него: пред неговиот кротителски поглед сабјите постепено се спуштаа како што оние кои непознатиот ги беше прострелил со својот поглед попуштаа пред неговото влијание или се обидуваа со него да се фатат во костец.

„Изрече нешто невнимателно!“, извика водачот, „и нема сомневање дека тоа го изговори токму зашто не знаеш до каде може да стигне неговата стрела.“

Непознатиот кимна со главата и се насмевна.

„Го одговорив“, додаде, „она што треба да го одговорам.“

„Ако е така, од каде тогаш ти доаѓаш?“, запраша водачот.

„Доаѓам од земјата од каде што доаѓа светлината.“

„Нам ни е познато, пак, дека доаѓаш од Шведска.“

„Оној што доаѓа од Шведска може да дојде од Исток“, одговори непознатиот.

„Уште еднаш, ние не те познаваме. Кој си ти?“

„Кој сум јас (...) Е па, добро, ќе ви речам брзо, бидејќи се правите дека не ги разбирате моите зборови, но пред сè и јас вас сакам да ве прашам: кои сте вие?“

Призраците потскокнаа и нивните забји заблеснаа, преминувајќи од левата во десната рака и подигнувајќи се до височината на градите на непознатиот.

А овој започна, најпрвин покажувајќи со раката кон водачот: „Ти, којшто ми зборуваш, ти којшто се сметаш за Господ, а не си друго освен претходник, ти, претставнику на шведските кругови, ти си оној чиешто име ќе го знам, бидејќи нема потреба да ти ги кажам имињата на останатите. Сведенборг, зарем тие ангели што со тебе блиско разговараат не открија дека оној кого го чекаш веќе тргнал на својот пат?“

„Постои ли неспорен знак по кој вие можете да го препознаете?“

„Да“, одговори водачот, „и Господ ме удостои да ми го открие преку своите ангели.“

„Само вие, значи, го познавате тој знак?“

„Само јас го познавам.“

„И вие на жива душа не сте го откриле?“

„Никому.“

„Откријте го гласно.“

Водачот се најде во недоумица.

„Откријте го“, повтори непознатиот со заповеднички глас, „откријте го, зашто дојде часот на откровението.“

„Врз градите ќе има“, рече врховниот поглавар, „дијамантска плочка, а на неа ќе блескаат првите три букви од некој само нему познат потфат.“

„Кои се трите букви?“

„L.P.D.“

Со молневито движење непознатиот ја разврза одората и, како што ги откри градите, под кошулата од фино платно се покажа, блескава како ѕвезда, дијамантската плочка на која блескеаа трите букви од рубин.

„Тој!“, извика водачот вџашено. „Зарем тој?“

„Оној што светот го чека?“, рекоа возбудените поглавари.

„Големиот Кофта?“, промрмореа тристоте гласови.

„И тогаш“, воскликна непознатиот победоносно, „дали сега ќе ми верувате кога ќе ви повторам: ’Јас сум оној којшто è?“

„Да“, рекоа призраците, фрлајќи му се пред нозе.

„Говорете, учителу“, се надоврзаа водачот и петмината старешини, длабоко поклонувајќи се. „Говорете, а ние ќе се приклониме.“

Александар Дима, Џузепе Балзамо (Алесандро Каљостро е „уметничкото име“ на Балзамо)

 

Ние, Големите Мајстори Темплари...

Се симнавме низ 14-15 скалила во криптата и влеговме во кружната одаја, во чиешто средиште забележав една плоча: таа се отвори, а под неа имаше железен ковчег, кој исто така се отвори и во кој видов многу списи: двете личности оттаму земаа една книга напишана на рака, налик на мисал, која почнуваше со зборовите: Ние, Големите Мајстори Темплари итн. Потоа следуваше формулата на заклетвата, преполна со страшни изрази, на коишто не можам да се сетам но кои се однесуваа на обврската да се урнат сите деспотски суверени. Таа формула беше испишана со крв и, освен моите иницијали кои стоеја на прво место, имаше 11 потписи: и сето тоа испишано со крв... Јас не можам да се сетам на сите имиња меѓу потписите, освен оние веќе спомнатите. (...) Тие потписи припаѓаа на дванаесетмината Големи Мајстори од редот на Илуминатите, меѓутоа моите иницијали всушност не биле ставени со моја рака и јас не знам како се нашле таму. Она што ми го рекоа за содржината на таа книга, напишана на француски, и она малку што го прочитав, накнадно ми потврдија дека сектава одлучила да ги повлече првите потези против Франција; и дека по паѓањето на тоа кралство треба да се нападне Италија, а посебно Рим.

Од „Животот на Џузепе Балзамо, грофот од Каљостро, преземен од истражната постапка поведена против него во Рим 1790“



Големата тајна на нашата вештина е управување со луѓето

/На своето пропатување низ Германија, Каљостро и неговата сопруга наводно бараат да ги прими божествениот Сан Џермано и за таа пригода тие се облекуваат во бели туники./

Наеднаш се отвораат обете големи врати и пред нивните погледи се укажа блескав храм со илјада свеќи. На едниот олтар седеше грофот; при дното кај неговите нозе двајца помошници држеа златни кадилници од кои се ширеа слатки и нежни мириси. Господ врз градите имаше дијамантска плочка, која дословно заслепуваше со својот сјај, та затоа во неа тешко се гледаше. Една голема фигура, прозрачна и бела, ва рацете држеше сад на кој пишуваше: „Еликсир на бесмртноста“; малку потаму се гледаше огромното огледало, пред коешто шеташе една величествена фигура, а над огледалото пишуваше: „Спремиште на талкачките души“.

/Веројатно користејќи се со зборување од стомак, Сан Џермано со обреден глас прашува од каде доаѓаат, кои се и што сакаат. И откако Каљостро, како што е редот, одговорил дека доаѓаат пред богот на вистината за да дознаат една од четрнаесет илјади и седум тајни коишто тој во себе ги носи, и тој и жената минуваат низ некои посветенички искушенија, по што го примаат тајното откровение./

Знајте дека големата тајна на нашата вештина е управувањето со луѓето, а единствениот начин за тоа е никогаш да не им се каже вистината. Не се однесувајте во склад со правилата на здравиот разум; предизвикувајте го умот и храбро изнесувајте ги и најневеројатните бесмислици. Кога ќе осетите дека овие големи принципи не можат да се одржат, повлечете се, нурнете во медитација и поминете ја целата земја; тогаш ќе видите дека најбесмислените чудаклаци стануваат предмет на обожување. (...) Гробот на свети Медард ја заменил сенката на свети Петар, кофата на Месмер базенот на назаретскиот филозоф; не заборавајте дека репродукцијата е главниот придвижувач на природата, политиката, општеството, дека химерата на смртниците е да бидат бесмртни, да ја запознаат иднината иако не го познаваат минатото, да бидат духовни, додека тие и сè она што ги опкружува се чиста материја.

Маркиз Луше, „Вистинити сеќавања во прилог на историјата за грофот Каљостро“

Извор: Umberto Eco, Tra menzogna e ironia, 1998.

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото