Филозофијата на музиката како политичка филозофија

26.11.2014 13:11
Филозофијата на музиката како политичка филозофија

Легендарни се моќта и власта на музиката што таа наводно подеднакво ги има над боговите и луѓето, животните и неживите нешта. Свирењето на Орфеј го наведува владетелот на царството на мртвите да ја ослободи Евридика. Амфион со својата лира ги подига ѕидовите на Теба со седумте порти. Играта со ѕвона на Папаген ги скротува дивите ѕверови и лошите луѓе. Тамино со своите звуци на флејта ги совладува елементите за време на својата игра со вода и оган. Двата примера од Моцартовата „Волшебна флејта“, како и бројните музички обработки на приказната за Орфеј од Монтеверди преку Глук и Хајден до Лист, Стравински и Орф, сведочат освен тоа дека митската магија како таква на музиката секогаш одново ѝ давала поттик и предмет за музички дела. Од своите магиски почетоци во спиритизмот и магијата до нивните модерни прекршувања и самоогледувања во оперите на музичарите како Вагнеровата „Мајсторот пејач“ и Пфицнеровата опера „Палестрина“, музиката стоела во знакот на маѓепсаноста и опчинетоста. Колку притоа со посредство на музиката можат да бидат блиску занесот и лудоста покажува клиничката проза на бајковитата приказна на Клајст, „Света Сесилија или власта на музиката“.

Музиката е подеднакво способна да те води и заведува и поради тоа одамна не само што високо ја ценеле и почитувале, туку и ја сметале за сомнителна и опасна. Особено филозофите размислувале како да ја оценат и ограничат моќта на музиката во животот на поединецот и соживотот во заедницата.

[...]

За Питагорејците музиката служи за хигиена и терапија за еден целосно уреден човек. Својата ултимативна потврда за музичката нумеричка хармонија питагорејската филозофија ја наоѓа во астрономијата. Со востановување на однос на хармонија помеѓу траењето на вртењето на одредени небесни сфери стапува, покрај земската музика, и музиката на сферите како небеска акустика нечујна за човечкото уво. На тој начин музиката е обединувачка врска помеѓу микрокосмосот и макрокосмосот и е подеднакво меродавна за вистинските односи во човечкиот свет и вселената.

[...]

Сместувањето на филозофското промислување на музиката во политичката филозофија кај Платон и Аристотел не добило вистинско продолжение во хеленистичкото и римското мислење. На местото на класичното филозофско занимавање со облиците и условите на политичкиот живот кај пост-класичните филозофски школи (киници, стоици, скептици, епикурејци) доаѓа децидираната одбивност кон државата и култивираното свртување кон индивидуалната етика. Притоа, науката за воспитувањето, а со неа и промислувањето на музичкото образование, од политичката филозофија преминува во практиката на јавното настапување (реториката). Античката традиција на говорната уметност дава и основа за позиционирање на музиката во системот на седумте слободни уметности (artes liberales) - општи знаења и вештини достојни за слободниот човек. Реторичката интеграција на музиката останала низ средниот век и сè до раниот нов век меродавна за рангот и угледот на музиката како научна теорија, заедно со корелираната пракса. Притоа, музиката поголем дел од времето била опфатена во квадривиумите заедно со останатите нумерички вештини (аритметика, геометрија и астрономија), но најпосле повеќе се сместува во соседство на уметноста на зборовите и поимот тривија (граматика, дијалектика, реторика) - сместување кое јасно се очитува во широко распространетиот топос на музиката како „звуковен говор“.

[...]

Подлогата за политичка функција на модерната музика, мелодиски како и хармониски диференцирана, е свесно чекорење кон музичката моќ. За границите на моќта потоа зборува и Шилер, сосема на крајот на своите критички белешки на статијата на Кернер. Моќното влијание на музиката, која според нејзиниот начин на дејствување и влијанието се истакнува пред сите други уметности, Шилер го објаснува со „телесниот материјален дел“ на музиката, имено, со тонот. Музиката може да ве обземе само како тон. Но, нејзината моќ е „слепа“. Таа се случува според физиолошка законитост, без увид и избор. Слободното, и како што би рекол Русо, „духовното“ („моралното“) дејствување на музиката станува дури и естетичка форма - движење кон моќта на тоновите според мерка и број.

Со тоа што музиката истовремено делува музички како тон и естетички како форма, таа според оценката на Шилер станува слободна, естетички ослободена моќ, според која слушателот може да ја сочува и култивира сопствената слобода. Но Шилер исто така разјаснува дека потеклото на сета моќ на музиката е само во она тварното („тонот“). Поради таа причина, освен формата, и материјата секогаш мора да дојде до израз, ако музиката не сака да стане само „објект на разумот“. Затоа со тешкото поврзување на материјата и формата во музиката како убава уметност, најпосле во музичкото прикажување страствен крактер, за Шилер на естетичко рамниште се одвива она соединување на природата и слободата кое го одликува оној човечки живот кој е доведен во складност со себе и светот.

Извор: Kritički duh – Spoznaja i djelovanje u Kanta, Fichtea i Nietzschea, Matica hrvatska, Zagreb.

Слики: Roelant Savery, Pierre Amedee Marcel-Beronneau

ОкоБоли главаВицФото