Голема побарувачка за пасошите од рачна изработка, МВР ќе остане без работа!

28.11.2014 16:45
Голема побарувачка за пасошите од рачна изработка, МВР ќе остане без работа!

Скопје, 28 ноември 2014

Откако Фокус ја откри тајната фабрика за изработка на пасоши, сите сакаат да бидат дел од трендот и да поседуваат пасош од рачна изработка.

Екипата на „Коза ностра“, сакајќи да ги провери наводите од 4 сабајле стоеше позади зградата на МРТ чекајќи да отвори пасошкото одделение на МВР. На почетокот ни пристапија неколку госпоѓици кои ни понудија услуги, а ние се израдувавме бидејќи мислевме дека се работи за лица вработени во тајната фабрика кои ќе можат да ни направат пасоши од лична изработка. Сепак, испадна дека тие нуделе поинаков тип на услуги, па почекавме уште неколку часа додека отвори пасошкото.

Од таму нè известија дека денеска имаат намален обем на работа, а многумина кои имале закажано сликање се јавиле да го откажат бидејќи сакале да си набават пасош од рачна изработка.

„Не можев да ги добијам на телефон, цело време беше зафатено, па еве дојдов за лично да им откажам. Не ми треба ваков пасош, ќе си набавам јас од рачно изработените, бидејќи насекаде низ светот најмногу се цени рачната изработка. А слушнав и дека биле многу поевтини отколку овие од МВР. Само да најдам каде се наоѓа тајната фабрика со прекрасниот тепих… да не знаете вие случајно“, нè запраша еден граѓанин пред пасошкото одделение.

Неофицијално, во тајната фабрика денес има специјален Black Friday попуст, па пасошите се продаваат со 70% попуст.

Сите кои имаат информации за локацијата на оваа фабрика нека се јават во нашата редакција за да ги известиме граѓаните и сите да добиеме прекрасни пасоши од рачна изработка со кои ќе можеме да се фалиме насекаде низ светот.

Извор: kozanostra.net