Амбициозни занаетчии

08.12.2014 13:14
Амбициозни занаетчии

1.

Не знам дали кај нас навистина, сè уште, некој паметен не може да направи разлика помеѓу уметник и забавувач, на пример, помеѓу уметник и неговата спротивност, помеѓу уметник и дилетант, арлекин... Не знам, ама прашање е и колку паметни луѓе останаа овде. Зашто, ако цениме според реакциите што ги нема...?! Но, секако, немам воопшто намера да ги потценувам напорите и резултатите на македонската естрада, на македонската забавна музика, на македонскиот аматеризам во која и да е област. Ама не можам да ги наречам уметници. Зашто тоа – не се. Без оглед што нашево Министерство со сите сили (и наши пари!) запнало да нè убеди во спротивното. Ако, имено, една од навистина малкуте естрадни македонски ѕвезди, една од малкуте која заслужува можеби да ѝ се додаде придавката уметник, вели дека не знае во која насока ќе се движи нејзиниот иден репертоар и кариера зашто „ние само ја следиме реакцијата на публиката“, дали тоа појаснува некои нешта? На Министерството, на пример, за да направи разлика?

Оттука, имајќи ја предвид нашата „дефиниција“ за поимот уметник и нејзината практична примена, особено последниве неколку години, почнуваат дури и перверзно да звучат сите оние самонаречени културни политики, „проекти“ и „фестивали“ на коишто оваа држава троши огромни пари, а под наводното мото за унапредување на културата и уметноста. Токму заради очебијното не само незнаење туку и несакање сериозно да се зафатат со ново, компетентно промислување односно редефинирање на сите аспекти на културната политика, а во тие рамки и на дефиницијата за уметникот и нејзината практична примена, подразбирајќи тука пред сè ригорозна дистинкција помеѓу кичот и културата, помеѓу уметноста и шарлатанството, нашево Министерство може да биде само министерство за не-култура!

2.

Но, останува уште еден суштински аспект: веќе спомнатата УНЕСКО-ва дефиниција на поимот уметник нуди уште една битна, можеби најбитна, круцијална разлика во гледањето / третманот на уметникот кај нас и во светот. Тоа е оној дел од дефиницијата каде што се инсистира на аспектот на валоризација, односно признание т.е. прифаќање на нечија желба да биде уметник. Тоа е делот каде што стои дека „Под уметник се подразбира секоја особа која создава или му дава креативна експресија на нешто, или пресоздава уметнички дела, која смета дека неговата уметничка креација е есенцијален дел од неговиот живот, кој придонесува на тој начин во развојот на уметноста и културата и кој е или бара да биде признат како уметник (потцртано мое!)...“. Преку ова децидно се појаснува дека не е битна само желбата и самосвеста на поединецот, туку побитна е свеста / прифаќањето / признанието на другите дека некој е уметник! Дури тогаш, и дури така, веднаш радикално се стеснува кругот на уметниците, односно од нашите потенцијални два милиони уметници прогласени со некаква ступидна дефиниција, бројот веројатно ќе се сведе одвај на стотина, во сите области и категории.

Зашто, веројатно, сите – и шуто и рогато, како кај нас – бараат да бидат признаени како уметници. Фактот дека тоа, на еден или на друг начин, им го признава Министерството за (не)култура не значи ама баш ништо. Со тоа можат само да се сликаат, евентуално за оние пасоши од „Фокус“, или дури ни за тие. Тие навистина ќе бидат прифатени како уметници само тогаш кога компетентната стручна јавност ќе им го признае тоа! Тоа е исто со фактот дека најголемиот број (количински) на она ругло низ центарот на Скопје е дело на една личност, којашто дури има некаква уметничка диплома. И таа може во нејзините партиски кругови да котира како не знам каков уметник, ама во рамките на македонската уметност таа личност е само уште еден промашен занаетчија со уметнички амбиции! А и сите други околу неа!

3.

Сето ова, пак, значи дека „цепидлаките“ во тоа УНЕСКО апсолутно го почитуваат сиот личен „ангажман“ и не спорат дека некој / секој можеби е уметник. Не, но тие, едноставно, бараат некој компетентен тоа да го потврди односно валоризира, бараат тој нечиј ангажман да биде признат како уметност. „Квака 22“? Се разбира, зашто светот не е налудничав како нас, па заради диктатот на еден грст незнајковци во некое Министерство да прифати дека во државата сите се уметници!

Впрочем, овој механизам на валоризација ниту е нов ниту е непознат. Дури и кај нас. Зошто, на пример, за другите професии – лекар, архитект, економист, правник итн. – првенствено се бараат примарни, а потоа и секундарни (ако можат така да се наречат) докази за стручноста на поединецот? На пример, како примарен доказ може да се смета соодветната диплома (иако, кај нас, веќе ни тоа не е доказ за стручност!), а потоа и искуството – практично и теориско, објавени / реализирани трудови и слично. Зошто сето ова би важело за еден лекар, а не и за уметник? По што уметникот е различен од другите граѓани во оваа држава, па само преку неговата лична желба или намера ние треба да му признаеме дека тој е – уметник? Зашто, нели, ние велиме дека секој може да биде уметник, „независно од образованието, правниот статус, регистрацијата, државјанството, друг вид припадност итн“! Е, ама лекар не може да се биде „независно од образованието …“, нели? Зашто – а се изнагледавме и такви примери – ќе упропастува живи луѓе, а може и да ги направи неживи. Ама на необразованиот „уметник“ ќе му дадеме пари од буџетот за неговите поетски срања, за неговите имбецилни изложби, па ќе му дадеме статус слободен „уметник“, па национална пензија... И тоа да ти било во ред?! Иако, до душа, последниве години се изнагледавме и секакви идиотизми токму од „уметници“ со соодветно образование, и тоа баш во центарот на градот, па во музеите и галериите, па на нашите меѓународни „претставувања“ итн. (За оние кои имаат повеќе време: нека појдат до „Чифте амам“ и нека ја видат македонската „изложба“ што беше претставена во Виена – во македонската амбасада – а за којашто веќе пишував. Е таму ќе ги видат „ремек делата“ на неколкумина наши „уметници“ со соодветно образование, дури и професори на ФЛУ!).

4.

Се разбира, историјата на уметноста, низ бројни примери, постојано ќе нè потсетува дека образованието не е (нај)битниот предуслов за занимавањето со уметност. И тоа било точно, и ќе биде точно. Иако сè помалку и сè поретко, денес, среќаваме сериозни уметнички необразовани уметници. Праксата допушта и такви примери. Но таквите примери не можат да бидат пракса, односно праксата не (може да) се базира само на такви примери. Уште помалку да ги зема како модел за нормирање во културата. И тоа мора да (ни) биде јасно. Секој не е и не може да биде уметник. Како што и секој со уметничко образование не е уметник. (И повторно посочувам на личноста од т.3 и целата таа братија која настојчиво сака да се упика во македонската уметност). Или барем – добар уметник. Уметничката диплома потврдува завршено уметничко образование, горе-долу на ниво на занает, но не гарантира дека некој станал уметник! Уште помалку тоа може да го гарантира некаква ступидна законска норма во вид на неколку склепани неповрзани и нејасни формулации. Па и цела држава да се раководи според нив!

Токму затоа сериозните дефиниции за поимот уметник ја вметнуваат неопходноста од валоризација на нечии уметнички постигнувања. И таа валоризација не можат и не смеат да ја спроведуваат бирократи во некакво Министерство за (не)култура, уште помалку партиски полуписмени шушумиги кои немаат поим ни што е тоа уметност. И тие механизми на валоризација, или дури признавање ако сакате, не подразбираат двајца сведоци, или куп поблиски или подалечни роднини, партиска препорака или книшка и слично. Светот не признава такви „механизми“ на уметничко признание. А можеби и затоа во светот нема којзнае колку многу уметници?!

Но, претпоставувам дека токму оваа „дребулија“ е трн во окото на нашиве „стручњаци“: а кој е тој / тие што ја вршат уметничката валоризација односно „прогласуваат“ уметници? Та нели ние сме на власт, нели ние сме олицетворение на државата и нам ни е дадено правото (од народот, sic!) да владееме и признаваме сè што треба да се признае?! И што има тука да се меша некој од страна? И впрочем, ова често сме го слушале последниве години за сите други животни сегменти, па не би ме зачудило и во уметноста да владее истата логика. Таа е толку очигледна, насекаде околу нас.

Но, затоа, уште еднаш: дефиницијата утврдена од УНЕСКО и прифатена во светот не случајно останала во употреба цели триесет и пет години! Токму (и) заради такви како нас.

5.

Она што уште еднаш, за потврдоглавите, можеби треба да се дообјасни е фактот дека уметник не се станува ни со самиот чин на завршување на некоја од уметничките академии, па дури ни со фактот дека некој објавил толку и толку книги, приредил толку и толку изложби или снимил не-знам-колку филмови. Тоа се само прости податоци за нечија активност, ако сакате и кариера. Можеме дури да ја наречеме и творечка активност и творечка кариера. Но тоа автоматски не подразбира дека таа (творечка) активност е – уметност. И дека тој / таа е – уметник! Како што не значи дека и секоја будала која се појавува на телевизија или пишува во весник е – новинар. Та малку ли примери имаме за тоа годиниве?

Други инстанци, професионално обучувани за таа работа, проценуват (низ разни начини и форми) дали една активност е уметност или не. И каква уметност е, ако воопшто е уметност!

Зашто токму нашата дефиниција и нашата актуелна пракса наназад толку децении промовираше (и тоа буквално беше производство!) активности од секаков тип во т.н. уметнички дејности. Најголемиот дел од тоа не беше ни на ниво на занает, а сосема мал процент може(ше) да влезе во конкуренцијата за уметност. Ако тоа можеби и беше разбирливо за првите неколку децении по 1945 година и неопходноста младата држава да изгради (и) уметнички систем, кому тоа му треба денес? И зошто? Да се создава партиска „уметничка“ каста? Кога уметност и уметници би се создавале со закон или партиски наредби, ние би биле светски шампиони по глава на жител. Впрочем, една од големите грешки на македонските еснафски здруженија (ДЛУМ, ДПМ...) е што буквално ги отворија вратите за сечии желби да бидат уметници, писатели, музичари... и во здруженијата да членуваат заедно. Затоа денес овие здруженија се претворени во збирштини од амбициозни занаетчии – иако некои не го заслужуваат ни тоа име – кои ги потиснаа малкутемина вистински уметници и ги затворија дома. Секоја будала што напишала три стиха или еден расказ стана писател, секој туткун што имал една изложба во Свирипичино веднаш конкурира за во МСУ и Националната галерија. И ги примаат, што е најтрагично! А на „писателине“ дури им даваат и награди, државни.

Се разбира, процесите на зреење на еден занаетчија во уметник се долги и сложени. И тие сепак не зависат од нечија – персонална или групна (партиска) – поддршка и признание. Тоа е (и) процес на валоризација и ревалоризација, подложен на континуирани сомнежи, преиспитувања, дилеми... Но тој процес, ниту пак резултатите од тој процес, не зависат од некаков државен орган надлежен за културата и неговата умисленост дека создава – уметници.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики, скулптури и инсталации: Fidia Falaschetti

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото