1989: годината која не ни се случи

18.12.2014 10:07
1989: годината која не ни се случи

Обединувањето на Германија значеше почеток на обединувањето на некогашната Источна и некогашната Западна (сега само „источна“ и „западна“) Европа. Исчезнувањето на една држава (Источна Германија) го постави и прашањето за евентуално исчезнување на други држави, па – делумно и заради тоа, иако не само заради тоа – наскоро исчезнаа и три социјалистички федерации: СССР, Југославија и Чехословачка. Тоа создаде 23 или 24 (зависи од тоа како се третира Косово) нови држави во Европа, а уште толку други ентитети и територии – или повеќе – прогласија независност која не е призната. Создавањето многу нови држави ги изненади дури и нивните граѓани, од кои многумина не само што никогаш не можеле да го замислат распадот на старите и создавањето нови држави, туку тоа не го ни посакувале. На пример, од 15 советски републики на референдумот за опстанок или распад на СССР (одржан на 17 март 1991 година), девет се изјаснија за опстанок на Советскиот сојуз, и тоа со следните проценти: Русија 73, Азербејџан 94,1, Белорусија 83,7, Казахстан 95, Киргистан 96, Таџикистан 97, Туркменистан 98, Украина 71,5 и Узбекистан 94,7. Излезноста на тој референдум во сите овие републики беше над 75 проценти. Од вкупниот број регистрирани избирачи во СССР, 77,9 проценти (или 113,5 милиони луѓе) гласаа за опстанок на заедничката држава, додека против беа 22,2 проценти (32,3 милиони).

Референдумот, како што наведува Сергеј Флере, не е најдобар начин за да се утврди реалната волја на граѓаните – но, истражувања на јавното мислење за ова прашање не биле направени, па не може да се донесуваат заклучоци според нив. Нема сомнеж дека самиот референдум за опстанок на СССР, како и одржаните референдуми за независност на Латвија и Естонија две недели претходно, беше нелиберален, односно дека граѓаните, дури ни во последните денови на Советскиот сојуз, не можеа слободно да заговараат опција која би била спротивна на службената политика на нивните републики. Па, сепак, факт е дека дури и овие девет републики што ја преферираа унијата, наскоро станаа самостојни држави. Секој народ не сака држава. Во многу случаи, не само по 1989 година, туку и при распадот на империите, се создавале држави, но, всушност, нивните народи не го сакале тоа. Освен тоа, не знаеле што да прават со нив: ниту како да ги обезбедат и одбранат, ниту како да ги употребат и со нив да управуваат во корист на јавното добро.

Во создавањето на државите чии народи не го сакале тоа, всушност, треба да се бараат причините за нивните трајни кризи. Таквите држави – со кои е преполна картата на светот – остануваат „слаби“ или „искршени“ уште од денот на стекнувањето независност. За нив често важи онаа груба, но не и невистинита, латинска изрека (regula Catoniana): „Времето нема да го исправи она што ќе се роди подгрбавено“. Во европските прилики, тој недостаток на самодоверба и желба за сувереност, како и вишокот страв од иднината ги водел кон нови асоцијации. Излегоа од Сојузот (Советскиот или Варшавскиот) за да влезат во Унијата (Европската). Слично се случи и со југословенските народи, за кои Сергеј Флере во својата кратка статија на порталот Политичка мисла, тврди дека дури ни во 1990 година не сакале независност туку еден вид конфедерација или „асиметрична федерација“ – сите освен Словенците и Косоварите (Албанците). Излегоа од Југослација, за веднаш потоа да почнат да тврдат дека се премногу мали и дека не можат сами. И, навистина, непосредно по осамостојувањето, главните постјугословенски држави, исто така, се распаднаа, на сличен начин на кој тоа ѝ се случи на Југославија: по линијата на етничките поделби. Имено, често се заборава дека процесот на распадот на Југославија не беше само распад на таа федерација, туку се „спушти“ до самото дно на општествената структура. Се распаднаа мултиетничките републики (со делумен исклучок на Македонија, во која не се случи конфликт, но општеството се подели на Македонци и Албанци), од кои тоа најдраматично го почувствуваа Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, и Косово. Хрватска беше „распадната“ сè до Ердутскиот договор, односно неговата имплементација во втората половина од деведесеттите. Босна и Херцеговина беше „составена“ со надворешна интервенција, а потоа, во неа беше воведена меѓународна супервизија, која сè уште ја прави несуверена држава. Србија го изгуби Косово, а Косово – својот север. Се распадна и сојузна Република Југославија, односно државната заедница на Србија и Црна Гора. Но, распадот се случи и на ниво на региони и градови (на пример, Херцеговина и Мостар). Се распаднаа и многу семејства – а, во идентитетска смисла – исто така, и многу луѓе.

Сите тие постјугословенски распади, создадоа чувство на немоќ, слабост и безперспективност. Спасот се бараше во некоја нова интеграција или во меѓународните гаранции и интервенции. Не во некоја нова Југославија, туку во Европа, или во спонзорско клиентелистичките односи со САД (или Русија, во случајот со Србија и Република Српска, и Турција – во случајот со Бошњаците). Заради тоа, Европа во фантазијата на многумина беше и еден вид анти Југославија и еден вид алтер Југославија. Таа беше сигурносен чадор, и мотор на модернизацијата, и спасител, и врховен арбитер, и канцеларија за издавање потврди дека сме се „нормализирале“, дека сме ја „консолидирале демократијата“ и дека „му припаѓаме на Западот“. Меѓу другото, сè до украинската криза (2014) изгледаше дека Европа нема алтернатива.

Заради тоа, придружувањето на Европската унија, само на прв поглед беше парадоксално барање. На прв поглед, не е јасно зошто некој, кој за себеси тврди дека отсекогаш сакал независност и државна самостојност, кога ги остварил тие идеали од сопствената историја (таканаречениот „илјадагодишен сон“, според интерпретациите на суверенистите) сакал да остане без полна сувереност и да се придружи кон уште поголема заедница во која ќе има уште помало влијание. Но, клучот за решението на овој проблем е во фактот дека државата едноставно „се случила“ и дека од почетокот не била посакувана, како жежок компир во рацете.

Авторот е редовен професор по меѓународна политика на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Загреб и главен и одговорен уредник на списанието „Политичка мисла“. До неодамна беше главен аналитичар на претседателот на Република Хрватска.

Целиот текст можете да го прочитате тука.

Извор: http://politickamisao.com

ОкоБоли главаВицФото