Многу ќе ми недостасувате господине премиер

30.12.2014 13:07
Многу ќе ми недостасувате господине премиер

Ниеден политичар во поновата историја на мојата држава, со своите глупости, не успеал да мобилизира толку спонтан отпор на студенти, професори, културни работници, новинари, а пред сè, граѓани. Досега, ниеден висок државен функционер, со своите недоквакани постапки, не успеал да ослободи толкава енергија и да предизвика толкава лавина реакции на македонските креативци, кои буквално се натпреваруваат во изложувањето на потсмев на власта. Никој, како Груевски, со неговите аматерски изјави, не успеал толку успешно да ги обедини, сплоти и активира сите оние на кои главата не им служи само за носење капа. А такви, богами, ги имало многу во Македонија. Само, не сме знаеле. И сето тоа - благодарение на нашиот премиер.

Пред да го започнам моето директно обраќање кон претседателот на нашата Влада, да појаснам - постојат две категории луѓе на кои им се обраќам со „Вие“: оние кои многу ги почитувам и/или оние кои се постари од мене и втората категорија се оние кои сакам да ги држам на пристојна дистанца. Премиерот не спаѓа во првата категорија. Според тоа:

Господине Премиер Никола Груевски, јас, Гордана Попсимонова, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, бескрајно сум Ви благодарна, затоа што:

-Среде зима ни ја донесовте македонската пролет олицетворена во автентичен граѓански отпор против Вас.

-Нас, Македонците, научени да си ги гледаме работите и да не се мешаме во високи политики, нè разбудивте од зимскиот сон и нè покренавте, раздвиживте и нè разлеавте по улиците да протестираме против Вашите бесмислени одлуки.

-Ни подаривте многу смеа и радост што самоиницијативно тргнавме против Вашата суета и ни предизвикавте безброј насмевки и потсмевки на Вашата „загриженост“ за доброто на сите нас.

-Преку паролите на протестите и неверојатно луцидните и духовити објави на Ваша сметка, ни покажавте колку паметна, образована и креативна младина имаме.

-И нам, даскалите, ни овозможивте поблиску да се запознаеме со нашите студенти и нашите колеги, да се воодушевуваме од нивната инвентивност во освојувањето на новите слободи и да чекориме заедно со нив.

-Ни демонстриравте каков манипулатор сте и со какви будалетинки сте опкружени со самиот факт што се обидовте „државниот испит“ за студентите, да го спинувате во „импакт факторот“ за професорите.

-Ни овозможивте да видиме што значи политичката метафора – „пукање во сопствената нога“, бидејќи Вашето упорно инсистирање на „државниот испит“, „импакт факторот“, наметот врз хонорарците или убивањето на ГТЦ, претставуваат токму тоа.

-Нè научивте до кое дереџе можат да се спуштат медиумите кои Ве поддржуваат, односно на волшебен начин успеавте да делегитимирате и демаскирате дузина самонаречени новинари, кои наместо перо, држат црвен фломастер.

-Со секој изминат ден, со секоја Ваша постапка, со секој Ваш изговорен збор, сè повеќе нè засмејувате, бидејќи во целата оваа драмолетка - Вие сте шутот.

Токму поради овие неколку Ваши достигнувања и несомнен придонес во ревитализирањето на македонската демократија, многу ќе ми недостасувате, господине Премиер. Не знам дали некој од Вашите дворски пажови Ви шепнал, ама Вашето владеење заврши. Се изгуби меѓу насмевките, свирчињата и подбивањето на Ваша сметка. Ќе се кажуваат вицови на Ваша сметка, ќе осамнуваат графити со Вашето име, па дури и домашните миленици ќе се нарекуваат според Вас.

Многу ќе ми недостасувате, господине Премиер.

Без оглед дали и понатаму грчевито ќе се држите за фотелјата, дали и понатаму ќе ги денунцирате професорите, дали ќе барате непријатели лево и десно, горе и долу, дали ќе се повикувате на светски искуства и на погрешни примери - Вие сте веќе минато. Вашата болна суета, потхранувана од Вашите сервилни послушници, си го стори своето, а Вашата месијанска аура, пастирска улога и татковски имиџ, ги голтнаа скопските магли.

Господине Премиер, време Ви е да ги послушате добронамерните совети.

Додека сè уште ги има.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња