Сите бендови што ќе настапуваат во Универзална сала ќе мораат да се преименуваат во „Пердика“

13.01.2015 15:38
Сите бендови што ќе настапуваат во Универзална сала ќе мораат да се преименуваат во „Пердика“

Скопје, 13 јануари 2015

По преименувањето на Универзалната сала во Скопје во Конгресен центар „Александар Македонски“, сите бендови кои ќе сакаат да настапат во овој објект ќе мораат барем привремено да го променат името во „Пердика“.

Оваа одлука радосно ја поздравија многу алтернативни македонски бендови, кои сметаат дека ова ќе придонесе за нивна афирмација.

„И онака никој не нè знае, а името на царот Пердика е вистински бренд. Вака барем некој ќе ни дојде на концерт, макар по грешка“, вели Горан Илијоски од фолк групата „Екстра карбуратори бенд“.

Освен за музичките групи, посебни услови за настап има и за пејачите и пејачките кои сакаат да настапат во Конгресниот центар „Александар Македонски“. Имено, секоја пејачка ќе треба да го промени името во Олимпија, а секој машки изведувач ќе мора да се вика Орце Стефковски - Царот.

Соло изведувачите не беа толку одушевени од оваа одлука на властите, но регариаа помирливо, барем оние со кои зборуваа новинарите од Пара вести.

„Кога ќе размислиш, Олимпија и не е толку лошо име за една поп-ѕвезда. После пак ќе си го вратам моето“, изјави Каролина Гочева за Пара вести.

Нејзиниот колега Димитар Андоновски, пак, смета дека е интересно барем за момент да се биде Орце Царот.

„Отсекогаш сум се прашувал што се случува во креативниот ум на човекот што ја напиша песната 'Брате Никола Груевски'. Кога на следниот концерт ќе го носам неговото име, можеби полесно ќе разберам“, рече популарниот македонски пејач.