Приказната за „креирани“ разговори не држи

05.03.2015 06:25
Приказната за „креирани“ разговори не држи

Приказната за „креирани“ разговори не држи, тие лесно се препознаваат

 

Врвен тонски монтажер, со најсовремена опрема и со децениско искуство, колку и да сака, колку и да се мачи, не може да го смени вашиот долг разговор снимен со дигитална опрема и да ви „залепи“ дел од друг разговор, без тоа да се почувствува. Освен тоа, при евентуално вештачење, лесно ќе се утврди дали станува збор за автентични или за „креирани“ снимки, како што тврдат дел од засегнатите, чии прислушувани разговори ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Ова е мислењето на експертите за чудната теорија на луѓето што не ја оспоруваат автентичноста на снимките, но тврдат дека тие се „креирани“, односно монтирани. Стручњаците велат дека квалитетот на снимените аудиоматеријали што ги објавува опозицијата со денови, а за кои вели дека се дело на тајната полиција, е одличен.

-Врвен тонски монтажер, со најсовремена опрема и со децениско искуство, колку и да сака, колку и да се мачи, не може да го смени вашиот долг разговор снимен со дигитална опрема и да ви „залепи“ друг разговор за да има една целина, без тоа да се почувствува. Тоа е невозможно, особено ако се има предвид дека снимањето било со дигитална опрема (тоа се забележува од чистината на тонот), а не со ленташ-диктафон. Кое било сериозно вештачење, овде или во странство, сеедно, со трослојно канално чистење на снимката ќе покаже дали таа е една единствена целина. Предноста кај снимките што се објавени е тоа што се долги, некои траат повеќе од две минути. Значи, има можност за супер-анализа. Веднаш ќе се откријат бојата на тонот, динамиката на гласот, заднинските секвенци во гласовното снимање. Ќе се споредат, ќе се „избришат“ на второканалската проверка и само гласот ќе остане чист, при што истражителите ќе чујат кои двајца зборуваат на телефонската снимка. Ги слушав снимките што ги објави Заев. Јасни се и квалитетни по звук, најпросто кажано – вели Јане Бобевски, дипломиран аудиоинженер за филмска продукција и додава дека експерименти со снимки се правеле во дамнешни времиња, кога сè било снимано на лента, но и тогаш лесно се откривало која говорна снимка е веродостојна, а која не е.

Поранешниот шеф на военото разузнавање, Владимир Пиповаров, тврди дека најлесна работа во истражна постапка е да се вештачи нечиј глас. За тврдењето на засегнатите дека снимките се „лепени“ или „монтирани“, Пивоваорв вели дека тоа е неуспешен обид за извлекување, бидејќи нема ништо што укажува дека тоа е така.

-Ние не слушнавме разговор во две различни простории. Не слушнавме промена на околина. Од време на време, само се менува положбата на телото на еден од соговорниците, посебно во најновите снимки. Еднаш самиот субјект кажува дека лежи и станува од лежење. Не можете да си ги излажете градите и грлото што како една целина создаваат тон. Ќе ми се смени бојата на гласот само да сум настинат. Во истражната постапка лесно ќе се утврди дали гласовите навистина се на лицата за кои се тврди дека се - нагласува поранешниот разузнавач Пивоваров.

На завчерашната вонредна прес-конференција, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека неговите разговори со министерката Гордана Јанкулоска биле „креирани“, односно биле „селективни“ и ги немало деловите во кои тој зборува за позитивните резултати.

-Сè на пресот е она што е спомнато во некоја фаза, во некој временски период, според Заев и неговите укажувања, во некаков контекст, без притоа да се има доблест да се дадат и позитивни разговори, позитивни поенти, без притоа да се коментира дека некогаш премиерот и министерот за финансии исто така имале можности да разговараат за позитивни работи - објасни Ставрески.

Со намера да го прифатиме објаснувањето на Ставрески дека неговите изјави биле „извадени од контекст“, преку неговиот службен мејл и од двете портпаролки побаравме одговор што точно од неговите искази е извадено од контекст и за каков контекст станува збор. До објавувањето на овој текст, одговор од кабинетот на Ставрески не стаса.

ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ОБЈАСНИ СТАВРЕСКИ

Министерот Ставрески го прашавме да објасни дали се извадени од контекст посебно следните делови од разговорите меѓу него и министерката Јанкулоска:

-Горде, и да е подобро, ние додаваме, нон-стоп, толку многу трошоци и обврски, да не постои нормална земја у светов, Америка да бевме па ќе немаше да издржиме.

-Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада, а немаме леб дома, тоа праиме ние.

-Ми идеше да му грабнам телефонот да му скршам главата!

-Во 2010 до јуни склучен е договор со „Транскоп“, коруптивен до даска...

-Кај што е неспособен, уште тежок криминалец, ама и перфиден актер, она глумец...

-Не се издржува, ги дувам приходите вештачки. 

-Сè повеќе и повеќе борчиме. 

-Ние не сме нормални. Ние сме лудаци.

-Трошиме на чоколади, а немаме дома леб. 

-Ситуацијата станува неиздржлива. 

-Човекот изгубил контакт со реалноста.

Од Ставрески очекуваме да го објасни и следниот исказ на женскиот глас, за кој Заев тврди дека ѝ припаѓа на Јанкулоска:

-Што да кажам, мислам онака уплав да те фати. Коа гледам вака колку, шо, буквално тој термин шо го употребуваат комуњариве, забегани, тој е тој. Стварно мислам, оригинален.

-Коце за сите такви матни работи дава поддршка. И само да те намести.

Извор: Слободен печат

На сликите: Прирачник „Како да најдете пријатели по телефон“ од 1940 година