Соње Трис

17.03.2015 17:12
Соње Трис

Следниве три проекти произлегуваат од барањето на инвеститорот, со цел да се изнајде најприфатливо решение за нивниот начин на живеење за кој сè уште немаат прецизни идеи.

Плацот се наоѓа во Општина Сопиште, зона на спонтан зонинг, сè уште недефинирана од каков било Просторен план. Оваа општина сè повеќе станува место на интерес на граѓаните од скопскиот хаос. Се карактеризира со убава природа, чист воздух, висока надморска височина и целосна ориентираност кон југ (од другата страна на Водно).
Отсуството на какви било урбани правила ни овозможува дополнителна слобода во изразувањето,каде преку овие три примера сакаме да го изнајдеме најдобриот начин на поставеност. Генерално, со постоечките закоравени правила на домашното просторно планирање, секоја мановра за инвентивна архитектура уште на почетокот е осудена на монотоност, повторливост и баналност.

Во Скопје не се практикува премногу културата за користење на просторот, поради што се гради доста грубо и лошо, без да се има минимален сенс за колективната и просторната околина, па дури и ког станува збор за приватен плац. Овој труд и продлабочување претставува токму еден таков обид:


Сите три решенија се стремат преку еднокатен израз да искомуницираат типолошки манири, со чија архитектура би се исфорсирал поеластичен животен тек. Во сите три правци се бара најдобар начин на заштита на природната топографија на теренот и пред сè искористеност на бенефитот од руралното опкружување.

Концепт „Бранова должина“

Првото решение со име „Бранова должина“ (по песната „Таласна дужина“ на Леб и сол) се поставува надолжно, со цел да го искористи капацитетот долж парцелата и преку закршени дворски плочи да се одржи природниот тек на земјиштето. Со тоа како и во другите три решенија би се заштитило земјиштето од уништување со потпорните ѕидови, а со тоа би се спречило девалвирање на природното добро. Не му се дава значење на влезот, бидејќи поставеноста се потенцира преку внатрешната организација, од каде се создава разиграност на визури преку благите висински коти кои ја следат куќата. Јачината на теренската искршливост се изразува и преку базенот каде се создава живописен водопад кој ја дополнува проектантската врелина.

Концепт „Палуба“

Второто решение („Палуба“) повторно се обидува да ја заштити топографијата, во случајов издигнувајќи ја куќата преку подземен подрум на висина на влезот, изразувајќи ја на тој начин типолошката батерија во однос на косиот природен пад. Во оваа варијанта се нагласува поголемата затвореност и приватност на внатрешноста од надворешноста, каде ноќната зона претставува еден вид физичка граница... прегратка во затечената природна целина. Дневната зона се наоѓа на јужниот раб и дополнително се проширува преку затворена тераса која доминира со пејзажот. Страничноста на базенот дополнително го акцентира тоа.

Концепт „Зајди зајди“

Третото решение со назив „Зајди зајди“ е поистоветено со традиционалната македонска песна која исто така и во случајов го опејува живописниот предел каде би се поставила куќата. Затоа ова решение е покомпактно поставено и концентрирано во постоечкиот природен пад. Кривата линија на плочата го следи заоѓањето на сонцето од исток кон запад организирајќи ја внатрешната разиграност на функционалната содржина.

ОкоБоли главаВицФото