Офанзива до безусловна капитулација на Груевски!

02.04.2015 12:59
Офанзива до безусловна капитулација на Груевски!

-Ако ви кажам Амстeрдамска тројка, сигурно ќе ме корегирате или пак само ќе додадете модерна тројка. Што значи тоа?

Немам никаква намера да ве корегирам, мене многу ми се допаѓа терминот Амстердамска модерна вмровска тројка. Идеален е. Тоа значи, група од тројца образовани, храбри, самостојни, и одлучни луѓе кои се одважиле да се спротистават на криминалните структури во рамките на партијата, во интелектуален стил. И тоа ја прави суштинската разлика. Значи, интелектуала наспроти криминала струја. Ние вистински веруваме дека образованието е сила, и во оваа ситуацијата сакаме тоа да го демонстрираме и мислиме дека мошне успешно таа демонстрацијата се одвива во текот на месец март 2015 година кој за нас е историски месец за Република Македонија, а и за регионот.

-Делувате самостојно заедно со Никола Димитров и Перо Димшоски, а со Кекеновски на работен состанок доручкувате чорба. Велите единствено ве спојува барањето одговорност од Никола Груевски и како претседател на Влада и на ВМРО ДПМНЕ? Доколку тоа се случи, што потоа? Неодамна изјавивте дека вие се стремите кон преземање на партијата, па кој го презема кормилото?

(...) Нас нè обединува иста цел - барањето политичка одговорност од Никола Груевски за срамот што секојдневно ѝ го нанесува на Македонија, за бескрајниот срам кој го нанесува на ВМРО-ДПМНЕ, и за положбата во која ги поставува граѓаните на оваа земја. Ова посебно го говорам за луѓето кои биле и сеуште се заведени дека Никола Груевски ја брани Македонија од странски служби. Посебно на оние луѓе кои со години гласале за Никола Груевски да биде премиер. За сите оние луѓе чии што гласови биле украдени за време на изборите.

Јас никогаш не сум бил член на ВМРО-ДПМНЕ и немам никаква намера да бидам ниту во иднина. Воопшто немам намера да бидам член на која било политичка партија. Лично се залагам партиите да немаат потреба од членство. Ќе ви кажам вака: се чувствувам бескрајно поголем вмровец од сите вмровци кои денес се удираат во гради со тие свети четири букви. И пак велам, немам ама баш никаква намера да бидам партиски член.

И - да, имам намера да им ја преземеме партијата и тоа се случува. Според луѓето кои соработуваат со мене, откако ќе се случи падот на Никола Груевски, партијата ќе треба да ја преземе колективно раководство. Не лидер, туку сите ние заедно кои ја сакаме Македонија, кои сме на еден или друг начин поврзани со ВМРО ДПМНЕ, ќе ја раководиме и радикално реформираме партијата, со цел да ја вратиме кон нејзините темелни вредности, да ја обесрамиме пред граѓаните, да разговараме со опозицијата, и да ги поставиме уставните вредности во преден план.

И повторувам, мојата улога во реформирањето на ВМРО ДПМНЕ ќе биде без притоа да бидам нејзин партиски член, на ист начин на кој што сум бил заменик министер за здравство, предложен од ВМРО ДПМНЕ без да бидам партиски член. Тоа е таа концептуалната разлика која некои не можат и веројатно во оваа фаза не треба да ја разберат. Но, полека, за некое време ќе ја разберат повеќемината.

-Во интервју за бугарската национална телевизија изјавивте и дека разговарате со пратеници за идејата за преземање на партијата, но и дека имате план Б доколку не се успее со првичната идеја? За што се работи?

Сакам да потенцирам дека за мене интевјуто на БНТ е историско интервју. Јас таму зборувам на бугарски, не идеално, но ми се чини дека се справувам мошне добро. Во интервјуто почитуваниот новинар Димитар Цонев зборува за Македонци, за македонски народ, за Македонија. Добив 15 минути во прајм тајм, од 19.00-19.15 часот на бугарската државна телевизија. Во ниту еден момент немаше никаква провокација спрема мене. Сега запрашајте се дали би го добил тој медиумски простор на МРТВ и кој новинар би разговарал така со мене.

Во однос на вашето прашање, се разбира дека разговараме со пратеници од нашата пратеничка група. Па, тоа се наши луѓе со кои многу добро се познаваме. Има и такви кои не ги познавам, но постојат начини на модерна комуникација, која дури и во вакви услови на прогон, терор, страв, закани и уцени опстојуваат. Сега, немам намера да ви кажам со кого разговараме, од објективни причини. Но, она што можам да ве уверам е дека во рамките на партијата, во рамките на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ постојат многу храбри луѓе и нивното време допрва ќе дојде. Има луѓе кои немаат ама баш никаква врска со овој криминал кој го обелоденува опозицијата, и кои се поставени во исклучително деликатна положба. Не само тие, туку целите нивни семејства се мета овие недели. И да, имаме план Б, кој не го кажуваме во овој момент, но сме подготвени подобро од било кога до сега. Едноставно, нашата офанзива продолжува со засилен интензитет сè до конечната цел: безусловна капитулација на Никола Груевски, оставка од позиција Претседател на Владата на Република Македонија, и оставка од функцијата претседател на ВМРО ДПМНЕ. Сè што ќе се случува во наредните денови-недели, ќе зависи од однесувањето на Никола Груевски. Ние многу внимателно ги следиме сите негови јавни настапи, и во зависност од нив ги прилагодуваме нашите стратегии. Многу сме спремни, во интелектуална, не во криминална смисла. Во криминална смисла, не можеме и не сакаме да се натпреваруваме, сигурни сме дека ќе загубиме.

-Добивате ли поддршка од меѓународната заедница?

Безрезервна, иако морам да кажам дека и тие се збунети од нашето делување. Едноставно, тие не можат да разберат дека луѓе од внатре се подготвени да се спротистават на Никола Груевски и другарите во услови на ваков авторитарен режим. Во Софија имав состанок со претставник на една фондација од Германија. И тој ми вели: „Господине Лазаревик, јас безрезервно го подржувам вашето делување, но како мислите да ја реформирате ВМРО ДПМНЕ, за нас тоа е просто невозможна мисија.” Јас му велам: „Ќе ја реформираме зошто луѓето кои се внатре во партијата се заведени. Мала е групата на тие кои раководат. Ние знаеме дека 5-6 пратеници одлучуваат за 56”. И ги знаеме тие со кои не сакаме и не треба да зборуваме. Како што ги знаеме и тие кои се чесни, кои ја сакаат Македонија, и кои ќе се одважат во клучен момент да му се спротивстават на Никола Груевски. И тоа се случува сега и овде. Како што продолжува нашата офанзива во вид на медиумски настапи, изјави, поддршка, градење една моќна коалиција, освојување на теренот, така меѓународната заедница повеќе се освестува дека ова што го говориме е реалност.

-Во вашите медиумски настапи изјавивте дека Македонија е во изолација, дека се случува катарза на политичката криза. Велите и дека Никола Груевски нема кој да го прими во ЕУ. Верувате дека мртвата точка во поглед на евроинтеграциите му одговара?

Се разбира дека му одговара. ТОЈ ама баш никаква намера нема да нè внесува во Европа. Неговата стратешка мисија е како да нè оддалечи од Европа и тоа го прави многу успешно повеќе од седум години. Првите две години му ги простувам, иако и самиот бев дел од нив, и со самото тоа имам директен конфликт на интерес да зборувам... Но, ако сакате: девет години нè оддалечува од ЕУ, систематски, смислено и со план. Никола Груевски сака да ни ја продаде лагата за вистина. Сака да нè убеди дека е нормално да не зборуваме со опозицијата. Сака да ни каже дека носењето безброј закони во рекордно кратко време е нормално. Дека ако разговарате со некој од СДСМ е злочин и казна. А бе, не само што не му ја купуваме таа евтина прикаска, туку во уште посилна офанзива сме залетани.

-„Проектот Скопје 2014 и антиквизацијата се историска глупост“, изјавивте пред гледачите на бугарската телевизија. Неодамна пред македонските гледачи кажавте за неколку идеи на Груевски, меѓу кои и желбата да се изгради највисоката зграда во светот? Дали, според Вас, Скопје 2014 има цел да нè раскара со соседите, но и меѓусебе, или едноставно се работи, ете, за остварување желба за големи зданија?

Видете, овде ќе бидам уште поексплицитен. НЕНАДМИНЛИВА ИСТОРИСКА, ПОЛИТИЧКА и ФИНАНСИСКА ГЛУПОСТ е проектот СКОПЈЕ 2014. Јас не сум судија, и не можам, ниту сакам да судам. Но, сум речиси сигурен дека ќе се докаже дека во овој проект не само што нема ништо патриотско, туку во неговата основа е АНТИМАКЕДОНСКИ проект проткаен со невидени коруптивни скандали. Но да причекаме, и да бидеме сведоци на неизбежното - вистината. Повторно, ние бараме ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ, и нема да се сопреме додека не ја добиеме. Судот ќе одлучува за другите одговорности. Во однос на проектите за кои јас сум сведочел, ги раскажав со единствена цел: да го покажам лудилото и да ја соголам вистината пред пошироката јавност, за ненормалните идеи на човекот кој ја окупира функцијата претседател на Владата на Република Македонија. И како што можете да видите, не може никој, ама буквално никој да ме демантира, зошто сите знаат дека ја зборувам вистината.

-Рековте, во Македонија, лагата се продава како вистина, а вистината како лага. Која е најголемата лага која се продава како вистина, искажана од врхушката на власта и на партијата на ВМРО ДПМНЕ?

Јас не му верувам на НИКОЛА ГРУЕВСКИ, во тоа што го говори за ЗОРАН ЗАЕВ. Јас неспоредливо повеќе му верувам на ЗОРАН ЗАЕВ во обвинувањата со кои го товари НИКОЛА ГРУЕВСКИ и другарите. И да, можеби еден ден со ЗОРАН ЗАЕВ ќе бидеме политички противници, но сум сигурен дека нема никогаш да бидеме непријатели. Ќе бидеме противници и пријатели. Тоа е таа концептуална разлика која Никола Груевски не може, а веројатно ниту треба да ја разбере. Тоа е разликата помеѓу интелектуалното и криминалното крило на ВМРО-ДПМНЕ.

Разговарала: Богданка Кузеска
Слики: Свирачиња
Извор:
Репортер.мк

 

ОкоБоли главаВицФото