Отворено писмо до Ангела Меркел

04.04.2015 01:11
Отворено писмо до Ангела Меркел

Драга госпоѓо Меркел, за вас велат дека не сте суетна, но сигурно не ви е сеедно што ќе пишува за вас историјата еден ден. Би требало да се угледате на својот претходник: Хелмут Кол ќе остане запамтен како татко на обединувањето на Германија и Европа, човек кој ги укина границите. А вас ќе ве памтат како канцеларка која ги уништи европските интеграции. Вие го уништувате наследството на Аденауер, Де Гол, Де Гаспер и Кол. И тоа сега, кога Германците во Европа имаат моќ, морам да го нагласам тоа, како во времето на Третиот Рајх. Можете да направите сешто, а не правите ништо.

Се сеќавате ли дека, кога Европската унија во 2003 година прими девет нови членки, во Атинската декларација пишуваше: „Оваа унија е симбол на нашата на нашата заедничка одлучност да ставиме крај на вековните судири и да ги заборавиме границите кои нè разделуваа“. Денес повторно нè стигнаа националните ресентимани. И вие сте заслужна за тоа. Грмевте во 2011: „Не се согласуваме со еднаква распределба на товарот... Не можеме да имаме заедничка валута, а едните постојано да се на одмор додека другите работат.“ Зарем не знаевте тогаш колку вредно Грците работат за да состават крај со крај и покрај тешката ситуација во нивната земја? ОЕЦД изнесе податок дека еден граѓанин во Грција во 2011 работел просечно 2.039 часа, далеку повеќе од сите останати. Американскиот граѓанин работел 1.786 часа годишно, италијанскиот 1.772, а во нашата драга Германија, госпоѓо Меркел, тој работел само 1.405 часа.

Грчкиот колега Ципрас ве извести за тешките последици од политиката на штедење во неговата земја. Номиналниот БДП во Грција помеѓу 2008 и 2012 година падна за 25 отсто. Невработеноста до 2014 порасна од 7,3 на 26,6 отсто, меѓу младите дури на 44 отсто. Најтешко се погодени најранливите слоеви на општеството: најсиромашните домаќинства изгубија речиси 86 отсто од своите приходи, а најбогатите само 20 отсто. Даночното оптоварување на населението во долната половина на доходот порасна за 337 отсто,а во горната само за 9 отсто. Германскиот економист Густав Хорн објаснува дека милиони граѓани во Грција се „економски уништени поради строгата и социјално неумерена политика на штедење“. Побарувачката во Грција е смалена во толкава мера, што закрепнувањето на нејзината економија е практично невозможно. Вие ја опустошивте Грција, вие лично. Не ме чуди што Грците ве цртаат со мустаќите на Хитлер.

„Memento moriendum esse - Не заборавај дека си смртен“ се зборовите на робовите упатени до императорите во стариот Рим. Како ќе се сеќаваат на вас? Веројатно ќе ги цитираат вашите зборови: „Осамена сум, но баш ми е гајле, затоа што сум во право“. Не го искористивте состанокот со грчкиот премиер Ципрас за помирување со грчкиот народ и итниот повик за будење на европската свест. Во текот на својата политичка кариера покажавте дека знаете да се прилагодите на секоја ситуација. Направете го тоа уште еднаш, но овој пат за Европа. Три пати сте избрана за канцеларка. Претседателот на СПД Сигмар Габриел верува дека ќе победите и четврти пат. Но сето тоа избледува во споредба со почесното место во историјата. Едно е сигурно - не можете да ги имате двете. Ако преземете одговорност за европската иднина, граѓаните на Германија сигурно ќе ве сменат. Па што? Бевте мајка на европското обединување, како што Кол е на германското. Би ви било осигурано место во европскиот пантеон. Соберете храброст и положете ги темелите на Обединетите држави на Европа.

Извор: Spiegel, 26.03.2015.
Слика:
 Ellie Foreman-Peck

ОкоБоли главаВицФото