За бесрамниот напад на Тони Михајловски врз Ирена Ристиќ

06.04.2015 13:17
За бесрамниот статус на Тони Михајловски за Ирена Ристиќ

Неколку пати го прочитав статусот, не сакајќи да верувам, обидувајќи се да разберам зошто еден актер, кој има сериозен опус на квалитетни остварувања зад себе, кој, ако ништо друго - ако не карактеристиките на личноста - барем професијата му налага да има многу пошироки хоризонти во однос на светот, не се застапува за критичка аргументирана расправа, туку афирмира јазик (за кој многумина би ми рекле: а што очекуваше, Искра, од него!), кој во една забегана земја каква што е Македонија поттикнува жигосувања, популистички сензации, насилие, линч и омраза. Тоа е јазик кој му доликува на Миленко Неделковски, на пример, а и јазик кој изминативе речиси два месеци, слушајќи ги разговорите помеѓу највисокиот државен врв, го прогласивме за деветтиот круг од пеколот на Македонија.

Разбирам кога политичарите заради својата интелектуална, човечка инфериорност, немоќ, фрустрации, импотенција (не сексуална, туку емоционална и интелектуална, пред сè) стануваат улични багабонти од најнизок вид, кога почнуваат да лажат, да крадат, да убиваат (и фактички и симболички). Но не разбирам кога еден уметник, кој би требало да има некакво авторско кредо, ќе ја „продаде“ својата сенка, како Петар Шлемил, ако го памтите од лектирите за основно образование, на ниската омраза, на реваншизмот, и ќе стане дел од баналноста на злото (кое во Македонија веќе не е така баналано). Големите шекспиријански, чеховски, брехтoвски, стрингберовски прашања - ги пушта низ матна вода! Како никогаш овие автори да не го допреле, а сигурна сум дека ги читал, разработувал.

За што, Тони, го правиш ова? За парче привид на удобност? За Македонија? За твоето потомство? За подобриот театар? Или?! Како што велеше покојниот Никола Младенов, кој никако да дознаеме кој и како го упокои, „поостра дебата во една демократија е дури и пожелна“. Но ова овде што го читам не припаѓа на оној регистар на дебата за кој зборуваше Младенов. Ова овде што го читам не е понижување и жигосување на личноста која се апострофира во статусот... Напротив! Тоа е самоунижување и самостигматизација за оној кој го напишал!

Како да му веруваме на еден актер кога повторно ќе се појави на сцената и кога можеби ќе заигра во текст на Дејан Дуковски каде што ниту еден човечки феномен, ниту една човечка пројава, ниту еден идентитет не е несомнен?!Како да му верувам на еден актер, кога можеби ќе заигра во Господа Глембаеви, дека се бори против паланката кога самиот тој го промовира најтемното лице на паланката?

Дали, драг Тони, можеш да разбереш како се поништуваш себеси не само како човек (веќе не можам во оваа бестијалност да говорам за човештина...), туку како уметник, покажувајќи едно лице кое нема допирни точки ниту со комедијата, ниту со трагедијата како жанр, туку со најлошо испишаната фарса и бласфемија. Ми се лоши од лоша уметност! Ми се лоши од насилни уметници! Ми се лоши од лошото!

Низ животот сите градиме некаква драматургија... Очекував твојата драматургија, Тони, да биде барем на основното ниво кое сте го учеле по предметите историја на светска драма и историја на театар. Владимир Милчин ти беше професор и ти го подари сето знаење кое го поседува (а го има многу, тоа не можеш да го оспориш ниту со една црна кампања на владата!). Можеше многу да научиш од него. Пред сè можеше да научиш нешто за етиката на уметникот, на актерот. За политичката доблесност. Можеше Тони многу повеќе... тажно е ова што го гледам...

А Ирена Ристиќ – бескрајно умна, храбра, брилијантна актерка, врвен професионалец, човек кој не е марионета (за разлика од повеќето нејзини колешки и колеги), единствена по својот дух, по својот дар, по својата визија, по својата посветеност и грижа за својата земја. Ретки, многу ретки се тие од редовите на твоите колеги кои не се избербатија во овие канализациски денови за нашата земја. Ирена Ристиќ е една од тие ретките. Голема актерка – голем човек.

Срам ми е за тебе, Тони.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња