Промоција на книгата „Лек за времето“ од Љупка Антеска

17.04.2015 09:50
Промоција на книгата „Лек за времето“ од Љупка Антеска

Книгата содржи 42 песни поделени во три дела: На почетокот беа Претчувствата, Двонасочни премостувања и Потоа дојдоа Чувствата.

На националниот конкурс за поетска книга во ракопис „Бели мугри 2014“ од Домот на култура „Кочо Рацин“-Скопје, збирката беше наградена со втора награда.

По својата структура се издвојуваат песните во вториот дел: Двонасочни премостувања. Напишани се така да може да се читаат од горе надолу и обратно, без притоа да се менува содржината, значењето и пораката.

Рецензентот Виолета Танчева-Златева за стиховите во книгата пишува: „Песните на Антеска се необичен лек за времето што јури прекутрупа, што неповратно нè притиска и нè гмечи во божемните пријателски прегратки во својата итаница, нè гази со своите жилави нозе дробејќи ги нашите соништа, неостварените мечти, незбиднатите планови... До болка искрени песни за ова време во кое „се отприказнивме“, време во кое забораваме дека љубовта е едноставна работа – или ја има или ја нема – време во кое стануваат поважни некои други работи што не домуваат во срцето... Работи чиј немушт недостиг сите го чувствуваме, дури и кога не сме сосем свесни за тоа. Токму затоа, не можеме да останеме рамнодушни пред овие исцелителски стихови.“


Уредник на стихозбирката е Снежана Стојчевска, а издавач Центарот за култура од Гостивар.

Љупка Антеска е родена 1980 година во Струмица. Дипломирала студии по новинарство на правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирката „Денодение“ (2012, Центар за култура АСНОМ – Гостивар).

Нејзините песни се објавувани во списанието за книжевност и култура АКТ, електронското списание Чивилук, во електронската библиотека на култура и традиција на Македонија – РАСТКО, и на интернет страници во делот на литературата како МКД, Зеница и др. Застапена е во антологијата на љубовна поезија „Гребени на љубовните пловидби“ (2014) Учествува на повеќе поетски читања, поетски вечери Струмица опен (2013), Прилепски слем (2011, 2013), Почувствувај ја Македонија со шестото сетило, Дебреше (2014), Литературни одблесоци во Гостивар (2014), ПЕСНИЛО во Скопје (2015). Победник на првиот слем натпревар во Струмица (2014). Живее и работи во Гостивар.

Пауза

Слабостите нè прогонуваат на паузата за кафе.
Голтам цели зрна
непрегледност.
Расфрлани листови хартија на бирото,
неапдејтиран антивирус
и потсетник за дваесетина неискористени икони на десктопот.
Неколку исушени залчиња
од она што вчера беше појадок,
книга под тефтерот со белешки,
а под неа тефтер - празен.
Копија од договорот за телефонски услуги,
картичката од стариот телефон
и стариот телефон...

Слабостите нè прогонуваат на паузата за кафе
оти немаме време за на раат.
Наречи ме луда:
Спојувалките си ги носам во џебот.


Небо на петици

Се гмечат
прецизно одработени улоги,
со само неколку потези
на ослободената мисла,
до совршен вкус на џем од облаци.

Некогаш
навистина може
да не е ничија вина,
а да боли до коска.

Секогаш
мора да е филм
и режисерот да бил добар
кога е среќен крај.

Колената ми одат до бесконечност
и назад.
Во нив и на сон сум сигурна,
нема утка.
Ама на петици ми живее небо,
па напати не знам
дали летам
или јас тоа само туку-така
висам.
Наопаку.