Шамар

20.04.2015 09:23
Шамар

Шамарите што (се заканува да) ги дели премиерот Никола Груевски, најблаго речено, се некоректни, барем толку колку што е (јазично) некоректен самиот термин „шамар“. Иако зборот „шамар“ го има и во Речникот на македонскиот јазик, како и во Дигиталниот речник (makedonski.info), каде што е наведен како дијалектизам (иако е нејасно од кој тоа дијалект потекнува овој збор), сепак многу посоодветно прилега усвоениот „шлаканица“ за истата намена. Секако, во зависност од контекстот, од говорникот, од природата на дијалогот итн., зборот „шамар“ мошне често се употребува во вообичаената говорна пракса, како што, судејќи според вокабуларот од „бомбите“ на Зоран Заев („битанги“, „бараби“, „ѓубриња“, „свиња дебела“, „пушачи“, „човечиња“ итн.), во зависност од контекстот, од говорникот, од природата на дијалогот, се чини дека шамарот е мошне често употребуван метод во вообичаената пракса на Владата и на нејзините министри. Впрочем, покрај толку многу битанги и бараби, би било чудно и да е поинаку.

Ако сакаме да иронизираме, ќе кажеме дека шамарот (шлаканицата) просто им прилега на нашиве наводни демохристијани. Имено, една од најважните поуки на Библијата за дисциплинирање на божјето стадо (а пофалбата на понизноста е еден од главните мотиви на Светата книга, или барем на Новиот завет) е токму моментот на вртење на другиот образ, се разбира, откога ќе ја примите првата шлаканица. Со оглед на фактот дека не е наведено комутреба да го завртите образот, односно кој е насилникот пред кого треба да бидете понизен (или барем мене не ми е познато), блиску сум до убедувањето дека актуелната власт навистина е убедена дека е пратена на земјата по божја волја и дека и е дозволено така да се однесува. Па, затоа и ќе слушнете за „жени и деца во ендеци“, „посерување во пантaлони од страв“, „пиштол во уста“ итн. А народот тука побожен ли е, побожен...

Во тој контекст станува појасна и употребната вредност на „екипата“ на Мартин Протогер на локалните избори во Охрид, составена од пет-шест „најголеми бараби и битанги во МВР“ (Гордана Јанкуловска). Конечно, и „бараба“ е директно излезен од Библијата. Тоа е лично име на оној разбојник што насобраниот свет решава да го спаси од распнување на крст наместо Исус Христос. Од тие библиски времиња, „бараба“ е синоним за разбојник, злосторник, човек без добри својства во општеството, прост, груб, насилен... Самото име (Barabba) може да значи татков син (bar abba) или син на учител (bar rabba).

Што се однесува до „битанга“, тука работата е многу поинтересна. Постои една легенда, омилена во регионот, според која „битанга“, покрај „вампир“, е единствениот интернационализам што доаѓа од Балканот (тука не ги броиме „пенкало“ и „кравата“, добиени според имињата на нивните пронаоѓачи, инаку Хрвати). Имено, според една верзија, германските дезертери од крстоносните војни, останати на балканските простори, го пљачкосувале локалното население, а преку зима проселе. Наводно, кога проселе велеле „bitte“ (молам), а кога ќе добиеле нешто велеле „danke“ (благодарам), па биле наречени по спојот на овие два збора – битанги. Пооптимистичката верзија е иста, само што во неа се тврди дека зборот настанал на крајот од Првата светска војна за означување на дезертерите од австро-унгарската војска што го сочинувале таканаречениот „Зелен кадар“, најмногу распространет на територијата на Хрватска и Босна.

Како и во секоја легенда, што би рекол премиерот, и во оваа нешто е сосема точно, нешто е делумно точно, а нешто е целосно неточно. Во јазиците од регионот, па и во македонскиот, зборот „битанга“ доаѓа од унгарскиот „bitang“ и значи кражба. Во унгарскиот пак доаѓа од (старо)германскиот bintunge со исто значење.

Терминот „шамар“, за разлика од доминантното убедување дека станува збор за србизам, е класичен турцизам и на турски гласи идентично. „Шлаканица“, пак, е од старогерманскиот „slappe“, односно од германскиот „schlappe“, од истиот корен и со исто значење е, на пример, англискиот „slap“.

По дефиниција, шамарот е удар со дланка по лицето (образот), но има и преносно значење: јавна и непријатна поука, непријатен укор. Во таа смисла, емитуваните разговори се сериозни шамари по образот на власта. Сепак, како што сега стојат работите, се чини дека власта, во духот на својата „божја“ мисија, нема намера да го сврти и другиот образ, односно да понесе одговорност. Можеби не е на одмет да се потсетиме и на други библиски поуки: единствениот познат богочовек во историјата на христијанството е распнат на крст и така ја понесува одговорноста за сите други грешници. Тој воскреснал, но имало и други распнувања, а воскреснување не е веќе евидентирано. Или можеби нашите боголуѓе се надеваат дека народот ќе ги амнестира, како што тоа го направи со оној библискиот Бараба.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото