Макпетрол

17.08.2015 11:29
Макпетрол

Акцијата на Министерството за внатрешни работи против првиот човек на „Макпетрол“ Андреа Јосифивски и останатите може само на прв поглед да изгледа како прошетка на слон во продавница за порцелан и стакло. А изгледа така. Затоа што „Макпетрол АД“, без оглед на карактерот на сопственоста, е државна стратешка компанија. Блокирањето на работата на оваа компанија, моментално спроведена преку блокирањето на сметката на фирмата, може да значи буквално и блокирање на државата, бидејќи, како што е познато „Макпетрол“ е најголемиот снабдувач на главните енергенси во земјата: нафтата, бензинот, мазутот, гасот... Со други зборови, штетата што може на овој начин да ѝ се нанесе на државата реално е многу поголема отколку оние наводно проневерени пет-шест милиони евра за кои се товарат осомничените.

И ако ги оставиме на страна не толку малите „спорадични“ штети, како што е изгубениот кредибилитет и недовербата, останува едно од енигматските прашања околу периодот кога е сторено инкриминираното дело – првата половина од 2006 година. Тоа е токму оној период кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, а кривичната пријава е поднесена речиси една деценија подоцна. Ако се земе предвид начинот на кој тука се толкуваат законите, на пример во случајот „Македонска банка“, уште за кус период и овој случај ќе станеше застарен. Но, ете, токму во овој период МВР ги откри малверзациите на Јосифoвски и другите!

Се разбира дека постоеја и други побезболни, а сепак ефикасни начини да се спречи евентуалниот натамошен криминал, а притоа да не се блокира работата на компанијата, но се чини дека на овој начин власта, која и досега не покажуваше премногу стил кога беа бизнис-интересите, со еден удар убива неколку муви. Го презема бизнисот со нафта и нафтени деривати, како и другите бизниси на „Макпетрол“, било самата, било преку некоја „Белизе компанија“ и – ја презема телевизијата „Телма“, единствената со национална концесија што не е под нејзина контрола.

Гледано од овој аспект, ова е токму идеалниот период да се удри по „Макпетрол“. И од врвот на 40-катниците во Аеродром може да се види дека претстојните априлски избори во владејачката партија се примени како прашање на „живот или смрт“. Добро здрманата ВМРО-ДПМНЕ од опозициските бомби и од Договорот од Пржино сега се обидува со целата тешка артилерија да го окупира и оној мал простор што сè уште не е зафатен. А тој простор е токму телевизијата „Телма“, единствената телевизија со национална концесија која сè уште не е под контрола на Владата. Во оваа „судбоносна“ битка, јасно, и додатните финансиски средства од бензинот, вклучувајќи ги тука и евентуалните дополнителни акцизи, не се на одмет, особено ако се знае слабата кондиција на буџетот, кој допрва треба да ги сервисира нараснатите предизборни потреби за пензионерите, администрацијата, асфалтирањето патишта и градењето канализации.

Народот вели дека оној што се изгорел од млеко, дува и на маштеница, што во превод значи дека оние што го преживеаја убивањето на телевизиите А1 и А2, како и на придружните весници, како и паѓањето на телевизијата „Алфа“, со голема внимателност гледаат на потезите на Владата кон малкуте преостанати нечепнати медиуми. Конечно, во исполитизираната и идеолошки неврамнотежена држава и криминалот има политичка боја. Поточно правдата. За криминал се гонат само политички неподобните, додека „нашите“ или се амнестираат или воопшто не се гонат.

Како и да е, начинот на кој се води постапката против челните луѓе на „Макпетрол“ неодоливо потсетува на онаа славна максима на уметноста на апсурдот: „Играме на сè ама ништо“. Само што некој тука буквално ја сфаќа.

Името на компанијата „Макпетрол“ е сложенка од кратенката „Мак-“ и зборот „петрол“. Самиот збор „петрол“ е исто така сложенка од старогрчкиот „petra“, што значи камен и латинскиот „oleum“, односно англискиот „oil“ што значи масло. Кратенката „Мак-“, се разбира, е добиена од името на државата Македонија. „Макпетрол“ е наследник на некогашниот „Југопетрол“, каде што кратенката „Југо-“ доаѓаше од името на тогашната држава Југославија. „Телма“ пак е кратенка од „Телевизија Макпетрол“, иако некои ја толкуваат и како кратенка од „Телевизија Македонија“.