И во Вардар има крокодили

08.05.2015 01:40
И во Вардар има крокодили

Сигурно и во Вардар има крокодили, само што не се гледаат заради матните води. Толку сме зафатени со закопувањето на личните трагедии, што едвај ги перцепираме трагедиите на минувачите. „Останатите“ се целосно отуѓени, воопшто не нè тангираат. И кога жртвите доаѓаат од земји како Авганистан, Сомалија и Сирија, нешто уште повеќе нè тера да ги игнорираме. Да не загинеа тука, ќе загинеа во своите земји. Исто им се фаќа. Можеби ќе беше подобро да си останеа дома. Дома си е дома. Како овие битија да се створени само да страдаат, божем ние сме заслужиле подобра иднина. Така било пишано...

Но, кога некој ќе те зграпчи, ќе те влече (затоа што Фабјо Џеда не е писател што ќе те земе под рака) и ќе те принуди да трчаш, бидејќи тоа е единствениот пат кон спасот, тогаш немаш избор и бегаш и ти. Бегаш низ опустошени, но и преполни улици, низ урнатини и вжештени долини, низ бесконечни планини и мрачни и немирни мориња па сè до непријателски граници преку бездушните трговци на луѓе. И ти, читателу, принуден си да напуштиш сè: твојата удобна и чиста облека, топлиот оброк и питката вода, топлината и мирисот на мајка ти, познатите пријатели и непријатели, па и твоите драгоцени навики.

Сега и ти, мало човече, ќе имаш потешкотии да заспиеш навечер, да ги затвориш очите и да се правиш дека ништо не се случува.

Ова е вистинската приказна за Енајатолах Акбари, кој побегнал уште како дете од Авганистан и после долго и мачно патување пристигнал во Торино. За книгата (Nel mare ci sono i coccodrilli / Во морето има крокодили) од издавачката куќа Балдини Кастолди е Далаи, Опра Винфри коментираше дека е инспиративна. Од оваа книга се продадени над 400.000 копии во Италија, таа е преведена во повеќе од 30 земји, се чита во италијанските училишта, за неа се изведени и театарски претстави и направена е и аудио-книга. Прогласена е за книга на годината (2010) од страна на најпознатата радиоемисија за литература, РадиоТре Фаренхајт, а исто така е и финалист за најпознатата книжевна награда „Стрега“.

„Во морето има крокодили“ не е првата книга на овој автор, неговото книжевно деби е во 2007 со романот (Per il resto del viaggio ho sparato agli indiani / Остатокот од патувањето пукав врз Индијанците) кој го раскажува патувањето на едно момче од Романија кое ја поминува цела Европа во потрага по својот дедо кој е уличен уметник.

Во 2011, повторно зборува за несреќните млади во книгата (La bellezza nonostante / Убавината и покрај сè), трогателен монолог на учител којшто предавал 30 години во поправен дом.

Во (L’estate alla fine del secolo / Летото од крајот на векот) од 2012 год., Џеда, на темата на детството ја додава и онаа на староста, на меѓугенерациските разлики и сеќавањето.

На крајот на мај 2014, во Еинауди излегува „Ако животот што го спасуваш е твојот“ и ја добива наградата за книга на месецот во август 2014. Овој пат Џеда менува насока и пишува роман спротивен на оној за созревањето, со наслов во чест на Фланери О'Конор, полн со прашања, авантури и длабочина. Главниот лик Андреа е несигурен професор пред достигнување на четириесеттата година, кој е во брачна криза и не ја наоѓа повеќе смислата на животот. Бегството е негов одговор: патувањето во Њујорк, враќањето во Италија и нелегалната прошетка преку Мексико за влез во Америка.

Во октомври 2014, за Lonely Planet, излезе „Итадакимасу“, наративна репортажа за Токио.

Фабјо Џеда соработува со дневни и неделни весници, со школото Холден и со саемот на книгата во Торино.

Џеда ќе биде во Скопје на 11-ти мај за да провери дали и во Вардар има крокодили.
-11.30 во промотивниот центар на Саем на книгата
- 16.00 во Мултимедијален центар при Катедрата на италијански јазик на филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Тој ќе земе учество во манифестацијата Италијанска пролет на книгата која е организирана од Здружението АИДА во соработка со италијанската амбасада во Скопје.

Оригинален текст на италијански од Марјанџела Бјанкофјоре

Преведен на македонски од студентките од Италијанската катедра (преведувачка насока) Елена Иваноска и Сања Арсовска како вежба.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото