Нешто напишано

05.03.2015 02:56
Нешто напишано

На денешен ден, 1922 година, во Болоња е роден Пјер Паоло Пазолини – италијански режисер, поет, писател, новинар, сценарист, драматург, и воопшто, една од најзначајните и најконтроверзните личности од италијанската култура на дваесеттиот век. Во продолжение ви пренесуваме извадок од „Нешто напишано“, книга-аутопсија на Пазолини, на неговиот последен, недовршен роман „Петролеј“, и на Лаура Бети, актерка, пејачка, негова најблиска пријателка и соработничка, безрезервно предана на П.П.П. „Нешто напишано“ е псевдо-автобиогравска книга на Емануеле Треви, нешто помеѓу роман и книжевна критика, еден од добитниците на Европската награда за литература во 2012 година и второрангиран помеѓу финалистите за италијанската национална награда „Стрега“ за најдобар роман. Преводот на „Нешто напишано“ на македонски јазик ќе го објави издавачката куќа „Магор“ оваа година.

 

Крајно ретки се, средбите коишто, како што се вели, оставаат трага. Зборувам за неизбришлива трага – повеќе лузна, па и ампутација, отколку систем спомени. Поголемиот дел од лицата што ги сретнуваме, колку и да е тажно да се каже тоа, во нас не предизвикуваат никаква длабока реакција, а камоли макар ситна промена. Би биле совршено исти и без воопшто да ги запознаеме. Но, ова тажно правило само ги прави поопасни исклучоците. Има личности коишто во животот на своите блиски играат улога што не би знаел да ја опишам со посоодветен збор од катастрофална. Анализирајќи ја преданоста на Лаура кон П.П.П., кога и да бев дел од нејзините вџашувачки и бурни манифестации, ми доаѓаше природно да помислам на него, на П.П.П., како што може да се мисли на ураганот гледајќи во ничкосаните дрва, откорнатите покриви и разрушените брегови што тој ги остава зад себе. Посредното познавање (на една личност преку некоја друга) е непорекливо извор на заблуди од секаков вид, но може да го поттикне мускулот на интуицијата. Беше ли П.П.П. причината на запрепастувачки бучната последица што се наоѓаше пред мене? Како што вели Сјоран, внатрешното насилство е заразно. Тоа значи дека исклучителни личности, зафатени со комплексни и напорни – не само опасни – експерименти врз самите себе, најпосле, без да бидат на каков било начин виновни, ги вовлекуваат во својата опасна струја и оние околу нивi. А најтажно е тоа што овие личности не само што немаат никаква директна одговорност за ломот што го предизвикуваат во животот на другите, туку, најчесто тоа не го ни забележуваат. Немаат време за тоа; мораат да продолжат право по својот пат – каде и да ги води. Најверојатно безрезервно се убедени дека нивните блиски имаат карактер сличен на нивниот, што значи способни се да се грижат за себеси, без да негуваат штетни зависности. Причината ја занемарува Последицата – не се крие ли во оваа малечка формула со филозофски шмек сета тага, и неправда, и непоправливата несиметричност на животот? На ова треба да се додаде тоа дека П.П.П. умре на сосем ненадеен и мистериозен, а не само свиреп начин, што неизбежно го претвори во еден вид хамлетовски дух: уште поприсутен, уште покадарен да бара внимание отколку како жив човек, ако воопшто тоа било можно. Како и сѐ она што има врска со здравиот разум и со свесното управување со животот, и таканареченото сфаќање на оплакувањето1 секако не е ни романтична, ни поетична замисла. Ја подразбира неопходноста да се продолжи, придавајќи му ја на времето доблесната улога на седатив. Оној што умира се смирува – гласи непобитната мудрост – а оној што живее се помирува. Како токму ова прозаично но неопходно помирување да недостасуваше во животот на Лаура. Наместо да продолжи, таа ротираше, се насукуваше околу неподвижната оска на нешто што, иако го немаше, беше поприсутно од секое присуство. Стоејќи крај неа, човек неизбежно почнуваше да го насетува неговиот мирис. Помодрен и измлатен од тупаници, незакопан и сосмрден, трупот на П.П.П. лебдеше во собите на Фондот како злокобен, неодгатлив укор. Што сакаат од нас мртвите?

Кога испадите на гнев на Лаура излегуваа од контрола, јас благовремено, и што е можно подискретно, се евакуирав од Фондот, и одев на прошетка околу плоштадот Кавур, чекајќи таа да преврие или да замине некаде по друга работа. Акањето отсекогаш било моја експертиза. Тоа ја потхранува илузијата дека животот е доволно долг, дека има време за сѐ. Како што е општопознато, во Рим, во која било зона и кој бил час од денот или од ноќта, побројни се оние коишто бесцелно се моткаат наоколу отколку оние коишто се зафатени со нешто конкретно. Така, едно утро, додека се мував по брегот на Тибар, откако се измолкнав од канџите на Лудата, се случи да завршам во Музејот на Души од Чистилиштето. Просветлувачка посета, во секоја смисла. Овој Музеј, чиишто наоди се содржани во една мала, неуредна собичка, се наоѓа во црквата Сакро Куоре дел Суфраџо, дискутабилна имитација од армиран цемент на миланската Катедрала, сместена речиси на аголот од улицата Улпиано. Во 1897 година, во внатрешноста на тукушто завршената лажно-готска црква, избувнал пожар, а во една дамка од чад оставена од пламењата на еден од ѕидовите, свештеникот, без ни за миг да се посомнева, препознал црти на напатен лик. За овој поп, кој се викал Витор Жуе, тоа било како да добил наредба директно од Небесата: така, тргнал низ Европа, во потрага по секаков вид предмети што докажуваат допир помеѓу живите и мртвите – напатени души од Чистилиштето коишто бараат служби со молитви за спас и дела на милосрдие што ќе им ги олеснат и скратат маките. Католичка економија: една од најневеројатните, најпретставителните пројави на човековите изопаченост и чистота. Речиси сите наоди изложени на полиците на Музејот на Души од Чистилиштето се предмети за секојдневна употреба: книги, навлаки од перници, парчиња облека, обични алати за работа. На овие предмети се јавуваат видни изгореници, кои често се во форма на прсти од рака. Во своите авантуристички истражувања, отец Жуе следел една теорија, како општ критериум: мртовецот се појавува со опекувачки стисок, и остава неизбришлива трага од своето минување, од својот повик. Тој го поседува најужасниот и најнепосредниот говор – допирот. Сите овие мртви, значи, во суштина остваруваат чин на прекор во однос на живите. Ги затресуваат од заборавеноста и ги повикуваат на неизоставната должност на сочувството. Вулгарно речено: отекуваат ташаци. Затоа што животот, како сите исклучителни состојби, има потреба да го осигура своето ефимерно опстојување со егоизмот, и со извесен степен несвесност. Многу почесто од сличностите помеѓу луѓето, во крајна линија наизбежни, отсекогаш ме погодувале сличностите помеѓу местата. А Музејот на Души од Чистилиштето и Фондот Пазолини, оддалечени неколку десетици метри еден од друг, несомнено беа толку слични места што можеа да се сметаат за два дела, или две варијанти, или подружници, на едно исто место. Е, тука веќе ќе морам да го замолам стрпливиот читател да не ми припишува, одејќи неколку чекори понапред, банална и лукава мисла. Воопшто немам намера да го претворам духот на П.П.П. во тапоумна метафора од некоја трета страница2, тврдејќи дека тој врши, или вршел, извесно влијание врз италијанската „култура“ или „општество“. Освен тоа, „култура“ и „општество“ се во тотален расчекор со моите интереси; нивната природа на конвенции, лицемерни во суштина, прави да се посомневам дека за нив вистински не се интересира никој – а уште помалку оние што, во недостиг на подобро, со нив си ја полнат устата. Отец Жуе, основачот на Музејот на Души од Чистилиштето, никогаш не би постапил толку безумно, да почне да тврди дека неговите духови се во состојба да ја исплашат и укорат Црквата, или католистичката заедница. Не оди тоа така. Подвигот на духовите е ефикасен само поради тоа што е насочен кон поединецот, кон неговата слабост, кон неговата осаменост. И како што опрлените книги и облека во правливите ковчежиња на Музејот беа изложувани за да го докажат очигледното постоење на некој натприроден контакт, така и умот на Лаура, исто толку гламносан и црн, ми се гледаше како јасен знак на едно присуство, на еден повик, толку итен и очаен што ги бришеше границите помеѓу животот и смртта.

Превод: Живко Грозданоски

[1] Според Елизабет Кублер-Рос, научничка од Швајцарија која се занимавала со поврзаноста на психологијата и смртта, прифаќањето на смртта се одвива во пет фази – негација, гнев, спогодување, депресија, прифаќање.

[2] Третата страница, во италијанските дневни весници била редовно резервирана за рубриката култура.

[i] Крунски пример за оваа способност за заразување е оној на Антонин Арто, истражен во книгата на Силвер Лотрингер, Луди по Арто, која е достојно преведена и на италијански. Ова генијално дело (коешто исто така беше поставено и во театар) им го препорачувам на сите оние што се интересираат за ужасната тема на влијанието извесни човечки суштества, како Арто и П.П.П.) го вршат врз блиските. „Сите оние коишто си имаат работа со Арто се параноични“, во еден момент на авторот му изјавува Паула Тевенин, пријателка на која Арто ѝ се доверувал во последните години, и уредничка на Сите дела. Дефинитивно не би му недостигале материјали на некој што, инспириран од францускиот пример, би посакал да ја напише Луди по Пазолини.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото