Кратка антологија на виното (2)

29.11.2017 02:27
Кратка антологија на виното (2)

Baldassarre Franceschini, околу 1670

 

Џорџо Капрони
СЛАСТ
 И МУДРОСТ НА ПИЈАЧОТ

 

На Луиџи Волпичели

Чаша по чаша.
Красно алово.

               Вжарено.

Во пламен со провидноста
на дрвото.

               Сам е
(ноќе) на маса
на входот од меаната.

Го гледа патот како патува
кон гората и мракот.

Знае сенка.
               Но, во радост е.

Го милува шишето
љубовно дланка пружа.

(Пие ли вино или ружа?)

 

Џовани Пасколи
ГОЗБА

О, гостину на животот, време е.
Нека блескаат алови пехарите вино;
ти ни похотен повеќе, ни сит уште,
напушти го обедот.
Нека блеснат со ореол светлина ламбите
нека се смешаат розата и темјанот на Химет,
нека се смее во круг на љубени
глави гозбата:
ти воскрени се, и... Тажен, над софрата ќе натежне
од задушените ламби летот, тој свијок
мрачен, и долг! Тажното скитање в сенка,
последен, и сам!

Cornelis de Vos 1636-1638

Габриеле Данунцио
НА ВРВ ВЛАЖНИ УСНИ ТАА ПИЕ

На врв усни влажни за да се напие
таа го цица кристалот. Јас бавно ѝ го ставам
капка по капка слаткото и горешто вино
во тоа алово цвеќе на сласта;
и наведнат врз неа, нем кралски турач,
ги гледам облините похотно;
таа глава на млад Хермес
и дигнатата спирала на пехарот.
А штом зениците на љубената
сплотеностa на двaте прекрасни облика
јас сам, јас сам, јас сам ги ширев,
и љубам да го скршам скапоцениот пехар
и наеднаш луд копнеж ме обзема
да ги скршам та и тие нозе љубени.


Пјеро Бигонџари 
ТВОИТЕ
 УСНИ

Твоите испукани усни го бакнаа огнот,
о, тој блесок од громови стрмен
во челуста минерална на земјата:
не е игра тоа што те гледам тука, неочекувана трагична белино
зашто да се каже ден е обид да се вжарат со два камења сувите лисја
што ветерот, некаде во етерот, ги развева
кога в час, неочекуван меѓу трепките вжарени и згаснати на морето,
твојот поглед горешт челичен огнот го лее
со црна пурпур.
Ох, нека не те љубат
други елементи освен овој. Да се заборавиме во твоето вино.

Giovanni Battista Tiepolo (1696 – 1770)

Марио Луци
ОКТОМВРИСКИ
 СТИХОВИ

Токму тука живеејќи се создава сенка, тајна
за нас, за другиот што треба да бере и наоколу
да исфрли семе зад грб, токму тука
не другде треба да се роди светлина.
... Мина, сал трага остана
иескромното и лесно доба
кога се чекаше другиот
кој и да е, да ги разретчи овие сенки.
Она што ќе дојде ќе дојде од овој бол.
Седнувам често крај огнот мој тажен, чекам
дур не се роди полниот пламтеж и млаз
врз влажните гранки на пламенот.
Ти што чекаш надвор од домот,
од домашното светло, од денот?
денеска, денеска кога ветрот
цимоли, тече низ радоста на долините
и токму во таа ли најава на вино и студенила
итрината на старците светка меѓу наборите?
Она што ќе дојде, ќе дојде од овој бол.
Друга судбина не очекувам повеќе, ниту
под небесата на овој месец заумен
кога бојата на грозјето се разлева
и есента нè турка со сета бодра сила
сè дури до Cessati Spiriti или кон Domina quo vadis?

 

Андреа Ѕанѕото
ПСХИЧКО ПОСТОЕЊЕ


Од оваа божемна почва-плот
изгонуваш изострени сетила
и воздишки и тишини,
од оваа слуз на собитија
- сонца кои се судриле во редови од трепки
од жили одвај изабени изгрицкани долж брдата –
од овој долг миг
голтнат од снеговите, голтнат од ветровите,
од сето ова што не било
пролет ни јули ни есен
туку само болен вртеж
туку само психа,
од сето ова кое не е ништо
и е сето она што јас сум:
така и вистината завива во себе самата
копнеејќи да биде плод што се дуе и влажни.
Кисел болскоту што ги ткаеш
усвитените жаришта на пеколот
атомите и блуењето
тмурно oд алги и црви
светлосно-јајце си
во умирачкиот балган создаваш зборови
и љубови.

(крај)

Кон првиот дел


Препев од италијански: Наташа Сарџоска

ОкоБоли главаВицФото