Кратка антологија на виното (1)

28.11.2017 01:09
Кратка антологија на виното (1)

Умберто Саба
ВИНОТО

Животот е толку горчелив,
а виното толку слатко,
зошто тогаш да не пиеме?

Секое тажно настроение
што на ум ти иде
ти се претвора во сладост.

Бодра цела младост
ти станува зрелото доба,
присна насмевката.

И рај настапува во глетката
кога в срце ти се враќа
нежната ти мома.

За тебе секоја радосна дума
наспроти оваа, е ништовна,
секоја друга светлина бледа е.

Нејзиниот глас е веда
срамните зборови
кои молат за шамари,

спокојни блажени дамари
и мелодии се што ги слушаш.
Не велиш повеќе: стига!

Нејзината голотија чедна дига
И блеска небаре сонце;
со полни вовзишени добрини.

Лесните бликови на облини
плодни, женскиот знак
те расплакуваат устроени.

Говорат сетилата обземени
од чинки: Таа е добра,
добра е ко добар строеж.

На мојот низок копнеж
како ангел на човек,
му се допаѓа тој насмеан шир.

Секоја моја похота во мир
се разлева; нејзината насмевка
благ ми е прекор:

„Секако – вели – тој чекор
ти се допаѓа? Та леко допри ја
мојата ангелска природа и биста.

Од закрилата на плотта почиста
се кревам јас, а ти сал
можеш дланки да ми љубиш“.

А ти уште се стрвиш
како во далечната младост
да видиш жена една?

Во тебе Богородица чедна
од пргаво дејче ли да се створи?
Ете на тоа виното те учи!

Алда Мерини
НА ПИНУЧА

Прозорецот си понекогаш
кон кој упатувам зборови
ноќе, кога ми блеска срцево
и срамот е залуден.
Жена што ја сонува судбината
ја чувствува алова ружата.
Колку ли само во мене беснеела
на светците опиеноста
а ти стоиш простум пред мене во осаменоста
небаре несразмерен филџан
врвно вино сино.
Во тебе поетот шепоти фино. 

Чезаре Павезе
ТАЖНО ВИНО

Умор е да седнеш без да бидеш забележан.
Сето останато потем доаѓа од себе. Три голтки
и се враќа копнежот за самотни мисли.
Зинува заумен простор на далечни ѕунења,
секое нешто се губи, и станува чудо
да се биде роден и да се гледа чашата. Работата
(осамениот човек не може а да не мисли на работа)
станува стар к’смет оти е убаво да се страда
за да може на тоа да се мисли. Потем очите
втренчени наполу воздух, болни, небаре слепи.

Ако овој човек се скорне и отиде дома да спие,
ќе заличи на слепец кој си го загубил патот. Секој
може од некаде да никне и да го искрши од удари.
Може да се појави и жена и да се спружи наземи,
лична и млада, под друг маж, јачејќи
како што некогаш една жена јачеше со него.
Но, овој човек не гледа. Оди дома да спие
и животот не е ништо друго освен шум на тишина.

Да го слечеш, овој човек, сал трошни нозе
и троа влакна искубани. Кој би рекол
дека во овој човек тлеат млаки вени
во кои некогаш животот вриел? Никој
не би верувал дека некогаш жена го милувала
тоа тело го бакнувала тоа тело, кое трепери,
облеано в солзи, и сега кога човекот
е дојден дома да спие, не успева, туку јачи.

Атилио Бертолучи
ДЕТСТВО

Сини сништа
Извезени
Повелете
Предци
Среќна ноќ
Шишиња дебело стакло
Со чаша крената
Бројаница
Од огромни лешници
Мрак е
Од кога заспивам.
Неделна муграта;
Магла на полињата,
Црквата е далечна
И не се слушаат камбаните.
Ноќта беше горчелива
И бели привиденија
Ја обеспокојуваа
Со похота за цреши,
За шишиња вино,
Црвено, пенливо.
Огнот пламти
Во одајата веќе некое време,
И разговара, небаре осамен старец
Кој на младоста си се сеќава,
На блажените времиња, сам со себе.
Алови стануваат лицата горешти
И весели сме ние децата,
Со срце полетно и шаренолико,
Во една соба, кога е зима.
Ги гледаме ѕидовите ишарани со
осамени куќи, со крзна од снег
насреде боровите и тие сите
бели од снег, крај езера замрзнати.
Чади еден камин, елен замелушен
Некаде таму во далечините
Каде што окончува шумата.
Во таа слатка куќа
Заробено дете затвореник.
Се оддалечува момче
Тажно, и плаче, по патеката
Кон суровиот живот што го чека
Посуров и од смртта.

(продолжува)

Препев од италијански: Наташа Сарџоска
Слики: Караваџо

ОкоБоли главаВицФото