Оди си! (4)

14.05.2015 12:28
Оди си! (4)

МАКЕДОНИЈА НЕ МОЖЕ ДА ИЗДРЖИ НОВА КОЛОНИЗАЦИЈА НА УМОТ

Во еднопартискиот систем, логично, сѐ беше под контрола на единствената владејачка партија. Основните столбови на системот - т.н. „општествена сопственост“ на средствата за производство (претходно државна!) и единствената партија која во еден период на системот се декларираше како авангарда, наводно, на „владејачката работничка класа“, а потоа дека е „авангарда на целото општество“ - беа почетната и завршната точка од која почнуваше и каде што завршуваше логиката на ѕидање на општествената пирамида на „институции“, начинот на раководење со тие „институции“ и начинот на доаѓање до одлуките во тие „институции“. Таа логика диктираше: претставниците на народот да не се избрани од народот; да има еден телевизиски медиум и една новинско-издавачка организација; еден единствен „работнички синдикат“, кој се грижи за „правата на работниците и нивниот животен стандард“, иако „работниците се владејачката класа“ во општеството; да има една „стопанска комора“ и така по ред, да не набројувам. Се разбира, имаше и разни професионални здруженија: здружение на пензионерите, здружение на писателите, здружение на архитекти, здружение за заштита на животните, организација на жените, на пионерите и младината, организација на борците, итн. И бидејќи не можеа сите луѓе да бидат членови на единствената партија (во спротивно таа не би можела да биде ничија авангарда), а сите други мораа да бидат определени или да дејствуваат во правец на изградба на „социјалистичкото општество“, требаше да постои т.н. Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија, како најширок фронт на работниот народ, зашто, разбирливо, не беше пожелно да има граѓани во политичка смисла. Сите топтан можеа да дискутираат само за нивните и мноштвото „самоуправни интереси“, усогласувајќи ги во организациите и телата на тој „најширок фронт на работниот народ на Македонија“, но само во рамките на основните постулати на системот - општествената сопственост, со која управуваат („домаќински“) номиналните титулари - работниците, како и без загрозување на монополизираната власт од страна на единствената партија, Сојузот на комунистите, претходно Комунистичката партија. Двете медиумски куќи, МРТВ и Нова Македонија, мораа да ја промовираат официјалната политика на единствената партија. Највисоките раководители на тие институции, впрочем, не можеа да бидат избрани без суштинската согласност на раководството на Партијата, а одлуките, како и многу други, поминуваа ритуално преку органите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (Нова Македонија беше статутарно орган на ССРНМ) и преку Собранието на Социјалистичка Република Македонија“, како основач на МРТВ. И другите горе спомнати како и неспомнати „институции“ беа во основа само трансмисија на политиката на единствената партија, а слободата во изнесувањето на ставовите се сведуваше на подобри или полоши решенија во рамките на клучните ограничувања на системот.

Но, сепак, Никола, ѕверу наш, некаква дебата имаше. И, како се приближувавме кон деведесеттите, се случуваше и секаква дебата, вклучително и барања за отстранување на спомнатите ограничувања - монополот врз сопственоста и монополот на единствената партија. Така стигнавме и до мирно напуштање на стариот систем - до саморазвластување на СКМ и слободно формирање на политички партии; до доброволно организирање слободни повеќепартиски избори; до прифаќање на делимитирана приватна сопственост и до идејата за целосна функционална пазарна економија; до плурален медиумски амбиент; до слобода на напаѓање на секоја власт без автоматски да се биде прогласен за државен непријател; до дебата за тоа што може, а што не смее да биде државна тајна или, поинаку кажано, до аспирации за максимална транспарентност на работата на државните институции; до стартување на вистинска репрезентираност на етничките заедници што не се со мнозинско население во институциите на државата; всушност, до сé, без што не е можно едно демократско општество.

И, од некаде дојава ти, Никола. Ги прекина сите тие, иако бавни, но во позитивна насока процеси. Уште на почетокот ја укина политичката дебата во општеството, како најважна компонента на демократијата. Поради твојата некомпетентност и страв од вистинско соочување со јавноста ги суспендира политичките дуели на спротивставените политички ривали. Продолжи со фактичко преземање и ставање под контрола на сѐ поголем број од постојните медиуми и со формирање нови, контролирани од тебе преку твоите контролирани клиенти, применувајќи ја досега најраширената политичка и секаква корупција во општеството. Со платени сериски убијци врз професионалното новинарство и со впрегнување на сите партизирани институции, ја започна пресметката со политичката конкуренција организирана во партии, исто како и со секоја индивидуа, семејство, бизнис компанија која на некаков начин пројавува ставови и активности спротивни на твоите интереси. Паралелно со ништењето на политичката конкуренција, ти ја прогласи твојата партија за сеопфатно движење, кон кое „милом или силом“ мора да се приклучат или повинуваат сите во Државата. Всушност, наместо поранешниот Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија, како фронт кој што ги обединува сите социјалистички сили, се мачиш сите да нè „обединиш“, „стрпаш“, во „Движењето на револуционерната македонска организација“, односно, „Движењето за идејата на ВМРО“, таква каква што ти ја разбираш и опредметуваш. И, бидејќи јас не знам многу историја, колку што знаеш ти, јас ја учам „идејата на ВМРО“ од начинот на кој ти ја објаснуваш и особено од начинот на кој ја материјализираш. А од тоа, пак, заклучувам дека „идејата на ВМРО“ била: да се украде сè што може од сопствениот народ и од украденото што повеќе да се изнесе надвор од државата; да лежат во зандана сите што ќе проговорат за кражбите на челниците на „револуционерната организација“, односно, на „преродбеничката“ банда; безочно да се лаже сопствениот народ; да му се наметнуваат долгови без да биде прашан; секој да ја добие потребната доза шлаканици, пиштол во уста, парична глоба и кривични казни, ако ти застане на патот на трансформацијата на „големата идеја на ВМРО“ во цврсти конвертибилни валути; во финансиски инструменти и недвижности; во преземање туѓи фирми; во присвојување туѓи истории; кражба на гласови; фалсификување избирачки списоци итн.“

И, штом од тебе Никола сфатив каква била „големата идеја на ВМРО - то“, воопшто не ми беше тешко да разберам зошто ти си морал да се одлучиш за протерување/суспендирање на дијалогот во општеството. Таквата идеја, јасно е, Никола, може да се остварува само во општество со колонизиран ум. За да се колонизира умот, треба да се укине дебатата и таа да биде заменета само со монолози на власта: долги, непрекинати, од „Центарот за информации“ спакувани, идиотски, но дебело платени од парите на колонизираните. За да се колонизира умот потребни се трла: комунистичко, фашистичко, ВМРО-ДПМНЕ-овско. Потребен е еден центар за дистрибуција на „вистината“, што ќе бдее над неа 24/7. Потребен е лидер кој е омнипотентен, како тебе Никола, кој сам ја уредува економијата, сам ја пишува историјата, сам ја креира културата, сам го урбанизира и уредува својот и сечиј простор за живеење, а тие во трлото се само послушни консументи. Потребно е човек да го прекине контактот со себеси, со својот внатрешен глас и да ги слуша и спроведува само инструкциите на водачот. А кога човек се откажува од сопствениот внатрешен глас и сопствениот разум, тој се откажал од секаква етичност, моралитет. И, штом нема дискусија за етички концепти, нема суштинска дебата. Има протеран разум и анимализирано суштество, зашто, Ѕверу наш, дебатата е средство за исполнување и на разумот и на чувствата.

Дури и полуобразованите деспоти, каков што си ти, знаат дека колонизирањето на умот дава најдобри ефекти ако започне кај најмладите. Затоа со твојот екстремно инструментален ум (без минимум пристојно образование за функцијата што ја имаш), во учебникот за граѓанско општество на осмооделенците им запиша: „Лојалните граѓани ги почитуваат оние кои се на власт во општеството. Тие секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“. Каков кретенизам, кој продолжува: „Власта е таква форма на моќ која е прифатена од оние што се покоруваат бидејќи ја сметаат за оправдана и праведна“. Не постои, црни Никола, на една страна држава, на друга граѓани. Постојат институции кои им служат на граѓаните. И, ако не им служат добро, тие треба да бидат испратени на буниште, да бидат заменети со други, исто како еден стар автомобил, еден сервис за кафе, да упростам колку што може. Затоа ние не ѝ служиме на државата (читај на институциите, сеедно, пополнети со добри луѓе или со партиски идиоти и крадци), таа ни (треба) служи нам, на граѓаните. Какво откажување од слободите, каква почит кон оние на власт, несреќо наша.

Во периодот кога одличната и храбра новинарка на ФОКУС, Мери Јордановска, на најшироката јавност ѝ го обелодени погоре цитираното, јас се потсетив на записите од Конференцијата за човекови права, одржана во Виена 1993 година. Тогашниот кинески министер за надворешни работи барал во заедничкиот документ да стои: „Универзалното признавање на идејата за човековите права може да биде штетна, ако универзализмот е потребен да ја негира или маскира реалноста на различностите“... како и, зборувајќи за т.н. „Азиски вредности“, инсистирал дека „индивидуите мора да ги стават правата на државата пред нивните сопствени“. Сличноста со твојата идеологија е фрапантна. Можеби затоа твојот претседател при посетата на Кина се восхитуваше на нејзините демократски достигнувања, а ти сакаш Европа да ја прескокнеш зашто, очигледно, повеќе ти „лежат“ цитираниве кинески позиции од 1993 година, а според објавените разговори од опозицијата, можеби и концепти каков што беше оној, применетиот на дело во Кина, наречен „Културна револуција“, или „Голем скок“, кој, патем речено, заради глад, предизвика смрт на над 30 милиони кинези.

Во функција на колонизирање на нашиот ум ја впрегна и религијата. Се обиде да ја вметнеш во редовниот образовен процес на децата, не водејќи сметка дека тоа најчесто води кон брутална и секташка практика, кон систематско создавање конфузија во нивните невини, чисти, мозочиња, кон конфликт меѓу религиозните инструкции од религијата којашто им се проповеда и игнорирањето, до кое што тоа доведува, на потребата од резонирање - потребата за слобода на мислата во одлучувањето за прашања кои треба да бидат недопрени од која и да е религиска вера. Како ретко кој верник!? што ги погани „десетте божји заповеди“, ги измеша „лончињата“ меѓу приватната и јавната сфера, „топорејќи“ ги верските поглавари на места каде што не треба да бидат, исто како во времето на еднопартискиот систем, кога не можеше да се замисли настан на кој во првите редови не беа „истопорени“ највисоките воени старешини. Второво демонстрираше „единство на силата“ и закана за „инакумислечките“ - преку единството на партијата и војската, а првото, односно ти, демонстрира „единство на партијата (твојата), науката и верата“, повторно како закана за „инакумислечките“. Како премиер на Владата на Република Македонија, постојано ја злоупотребуваш функцијата за собирање пари за христијански верски објекти, (од позицијата од која што тоа го правиш тоа не може да биде ништо друго освен вид на „рекет“), иако Македонија е мултиконфесионално општество, а ти претседател на владата на тоа општество. Како главен креатор на ГУП-ови и ДУП-ови во Македонија, преку натпреварот што го инспирираше за изградба на што повеќе и што поголеми верски симболи, вклучително крстови, некои градови и населби почнаа повеќе да наликуваат на гробишта отколку на места за живот на живите.

Во овие дваесет и пет години и други личности правеле напори за политизација на религијата како инструмент во борбата за власт. Во 1994 архиепископот Михаил држеше говори во црквите во полза на Глигоров, (односно за т.н. „Сојуз за Македонија“), кој пак, дотогаш воопшто не се грижеше за Божјите патишта. Парадна блискост со црковните поглавари манифестираше и семејството Георгиевски, кога исто така ја реформираше и лечеше Македонија од комунистичките болести, со истовремено ширење на инфекции од други поопасни болести. Сите тие театарски претстави траеле до губењето на власта, а потоа ненадејно возљубените Господови чеда веднаш ја губеле таа страст. Се разбира, ти си ист случај, само што твојата театарска претстава е многу погламурозна, многу полицемерна и секако, со многу повисока сметка што ќе мора да ја плати народецот наш.

Од мобилизирањето на религијата на нечија страна може да има краткорочна полза само нејзиниот инструментализатор, наспроти целосната неделотворност за сите други и предизвикувањето сериозна концептуална дезориентација на општеството во целина. Кога политичкиот пристап е фокусиран на религијата и институционалните политики што таквиот пристап неминовно ги генерира, белки разбираш дека тоа го зајакнува гласот на религиските авторитети со истовремено намалување на важноста на нерелигиските институции и движења. Зарем не гледаш што се случува со Ирак, Сирија, Египет, Либија, Нигерија...? Не помислуваш ли поради што се случуваат грозоморни напади како оној врз невините француски новинари и карикатуристи од Charlie Hebdo, како оние пред тоа - масакрот во Пешевар, убиствата на невините Јазиди од „Исламската држава“ и киднапирањето на 172-те жени од страна на Боко Харам во Нигерија? Не помислуваш ли дека се тие производ на политизацијата на религијата? Зарем не ти е јасно дека со политичката регрутација на религиски лидери и свештенство за потребите на некоја политичка кауза не може да се зголемува значењето на нерелигиските вредности на луѓето, дека тоа ги намалува цивилните иницијативи за решавање на секојдневните политички и социјални проблеми на луѓето, дека се чека „поглаварите да решат“, а другите да ги прифатат нивните решенија како судбина? Не можеш ли да разбереш дека преместувањето на религијата од приватната во јавната сфера води кон општество базирано на федерација на религии (во едно мултиконфесионално општество) исто како што „ДНК-методологијата“ за утврдување на индивидуални и колективни етнички идентитети води кон федерација на етнички заедници, што сè заедно не само што не ја зголемува кохезивноста на општеството, туку напротив, ги стимулира центрифугалните сили и конфликтите во општеството. Има многу тирани на светов, Никола, како и „одмазднички ангели“, не ни требаат нови! Зошто сакаш да бидеш таков, или пак не знаеш дека се претвораш во таков?

Кога ти, со твојата банда, Ромите ќе ги наречеш „Цигани“ кои треба да се влечат за уши; кога твоите коалициони партнери ги нарекувате „Индијанци“, „Диво племе“, (според стереотипи формирани од самонабедени цивилизатори), а во исто време плачеш зошто другите нè нарекуваат така како што не сакаме, не сфаќајќи дека идентитетот се формира низ дијалошки процес и дека во тој процес ние треба „другите важни“ да ги убедиме да мислат за нас како што ние мислиме; кога велиш дека Албанците (ти со твоето второ, трето лице... го употребуваш за нив другиот назив) не треба да имаат објекти на плоштадот (кој, патем, е резервиран за твојата тајфа), ти, знаеш, или не знаеш дека си на патот по кој одат тираните и „ангелите одмаздници“? Кога, знаејќи или не знаејќи, човековиот идентитет го редуцираш најмногу на една до две негови идентификации, етничка и религиска, или како и многу други простаци ним им даваш апсолутен приоритет независно од контекстот, знај дека формираш толку стврднати линии на поделба меѓу луѓето кои единствено водат кон тиранизација на едни од други. Затоа, таквите како тебе, не можејќи да му понудат ништо добро на својот народ, му нудат прикаски дека е најстар или е еден од најстарите народи на светот; дека е непризнат дисеминатор на светската цивилизација, така што човек може да помисли дека поради трансферот на сопствената цивилизација на други, ние сме останале недоволно цивилизирани; дека отсекогаш бил на овие простори и дека самото тоа му дава за право, на сите што мисли дека се населиле по него може да им одмерува денови на гостински престој, количина и видови на права, итн. Но, и на другата страна има такви како тебе. И тие велат дека Илирите, Србите, Бугарите, Грците отсекогаш биле на овие простори, па затоа ним им припаѓаат тие простори, со истите ексклузивни права. И, ете ти беља. Кој ќе остане жив, ќе раскажува и ќе пишува и постара и поубава историја.

Вакви прикаски, Никола, поминуваат само кај еден колонизиран ум. Само кај колонизираниот ум идентитетот е прашање пред разумот, а не обратно. Само колонизиран ум не може да прими дека сите се раѓаме пред сѐ како човечки суштества и дека сѐ останато е прашање на случајности, контексти и избор и дека ништо не е поважно од идентификацијата наречена „човек“. Но, ако на децата, пред да созреат, им наметнеш, впишеш, на пример, дека се христијани или муслимани, пред да бидат во состојба да размислат за тоа што сакаат да бидат, покрај другото, и тоа им го спакуваш како клучно прашање за нивниот опстанок, ти си им го оштетил капацитетот за резонирање и си им го одзел правото на избор.

Нобеловецот Амартиа Сен, во повеќе негови трудови зборува за толеранцијата и хетеродоксијата на индискиот император од 16 век, Акбар, кој бил посветен муслиман, но кој изјавувал дека не станал муслиман со неговото раѓање, туку за тоа се определил после долго размислување за Исламот. Да им натуриш, Никола, на децата веронаука, сѐ уште не созреани за подлабоко резонирање, не е само суспендирање на правото на избор, туку и вистински чин на тиранија, со далекусежни последици.

Чеслав Милош брилијантно ни го опиша феноменот на „заробениот ум“, како најголемо зло на тоталитарниот систем, кој со сите видови притисоци на власта сакаше да створи „нов човек“. Тој се прашуваше како е можна таа страшна конверзија на луѓе, веќе формирани, односно зрели, да станат приврзаници на Сталин, да се прилагодат на условите што им се сосема туѓи. Значи, тој зборуваше за заробен ум во текот на траењето на насилството на еден систем и за последиците од тоа.

Амартиа Сен, пак, во неговата книга „Идентитет и насилство“, во поглавјето „Дијалектика на колонизираниот ум“, зборува, покрај другото и за последиците од духовното насилството на колонизаторите врз некогаш колонизираните народи. Духовно насилство кое, на пример, покрај другото, се состоело и од систематско „лепење“ неточни идентификации за колонизираниот, или тврдења за разни видови нивна некадарност за една или друга работа и дека тоа оставило траги во свеста на порано колонизираните кое што трае и во постколонијалниот период, што се манифестира во актуелните политики кои постојано покажуваат опседнатост на некогашните жртви со тоа што биле лошо претставувани или лошо третирани од некогашните колонисти. Опседнатоста се јавува или како ресентимент, или како восхит и таа треба да биде совладана. „Нема смисла (пишува Сен) некој да се гледа себеси примарно како некој кој бил погрешно претставен или лошо третиран од колонисти, без оглед колку вистинита може да биде таквата идентификација“ И „да се води живот во кој лутината (бесот) против една наметната инфериорност од минатата историја станува доминантна за нечии приоритети денес, не може да не биде лошо за самиот тој некој“. Таа општа зависност, вели Сен, тешко може да биде добра основа за саморазбирање и таквата самоидентификација, со право, ја нарекува, „реактивна самоперцепција“, која има далекусежни последици врз современите работи.

Ти, Никола, вложи големи напори да вратиш многу од методите на управување со државата кои го заробуваат умот во неа, почнувајќи од: суспензијата на дијалогот меѓу политичките конкуренти и воопшто во општеството; корумпирањето на медиумите и репресијата врз нив; узурпацијата на судството за потребите на твојата фамилија; затворањето на информациите од институциите и нивното селектирање само низ партиската, или поточно кажано твојата лична призма; затворањето и финансиското истоштување на новинарите и политичките конкуренти; финансиската репресија врз компаниите кои не се помагачи на твојата политика или се критички настроени кон твоите „генијални“ економски мерки; кадровската селекција базирана исклучиво врз критериумот „беспоговорна послушност кон лидерот“, итн. За жал, поголемиот дел од интелектуалците од универзитетите и културната сфера воопшто, не само што не се помачија ни најмалку да го демантираат Чеслав Милош и другите бројни автори кои имаат напишано томови за нивните големи предавства во клучни моменти на историјата, туку восхитено „забленеа“ во твоите импровизации и манипулации и посветено се вклучија во создавањето на „долината на очајот“, што сакаш светот да ја ословува како „Македонија - библиската земја“, без која голем дел од светот ќе останел без писменост и пристојна култура.

Со тебе, исто така, убедливо го потврдивме „комплексот“ кој го манифестираат бившите колонизирани народи, за кој зборува Амартија Сен. Се разбира не само ти, бидејќи тоа е наша стара болест. Но ти тргна во неговата најостра манифестација. Од омраза, а можеби и несвесна восхит кон достигнувањата на бившите колонизатори на нашиот народ, како и од личната потреба да ги покриеш неуспесите на твоите политики на материјален план, почна да крадеш туѓа историја и култура, грубо, дрско, безобразно потценувајќи ја идентитетската и вкупната културна автентичност на својот народ. Само што помисливме дека, како-така, се вклучивме во колоната на народите на кои им се важни современите вредности, ти нѐ врати во спротивната насока. Оваа „дијалектика на нашиот колонизиран ум“, која не нè води кон одржување и градење на нашиот автентичен идентитет, туку кон стапицата на еден „реактивен идентитет“, или реактивна самоперцепција, ни наметнува тешка патарина која оди на товар на животите и слободите на граѓаните на Македонија. Затоа не решивме ниту еден спор со соседите, затоа се оддалечивме од Евроатлантските интеграции, затоа населението се иселува од земјата, барајќи нови идентитетски обележја, во време на една власт која не дава никому да ја сака својата земја повеќе од неа. Македонија не може да издржи уште една колонизација на умот. Затоа, ОДИ СИ!, Никола, безусловно. Ти не си повиканиот преродбеник. Ти не си кадарен ниту да направиш разлика меѓу преродба и одродба.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото