Неутралци подигнаа камп во Катланово

20.05.2015 11:59
Неутралци подигнаа камп во Катланово

Скопје, 20 мај 2015

Под мотото „Сеедно“, десетици луѓе од повеќе градови се собраа во Катланово, покрај Скопје, резигнирано велејќи дека немаат никаква цел и барања.

„Шо да праиш... шо ќе праиш... Како и да свртиш, исто ти се фаќа... никако не си... Сите се исти...0 не се замарам“, изјави еден од камперите за Пара вести.

Тој ни објасни дека не се знае до кога ќе останат во кампот, како и дека се добредојдени да им се приружат сите што не се заинтересирани за ништо.

„Правилата за престој во кампот се едноставни: клучно е да не се зазема никаков став или страна, да се избегнува мешање во својот живот, а барем 30 минути дневно да се одвојат за сеир и цинизам“, рече нашиот соговорник, претставник на незаинтересираните кампери.

За да се разбие монотонијата, која инаку и не е толку непосакувана кај камперите-неутралци, предвидена е и едукативно-забавна програма. Утре од 12 до 20 часот ќе се емитува композицијата 4'33" тишина (на repeat) од Џон Кејџ, а во 20:30 ќе започне предавањето на професор Дробимир Релативчев со наслов „Хитлер е за никаде, ама и Евреите си го барале“.

По предавањето нема да следува дискусија, бидејќи според организаторите на настанот, тоа и не е баш важно прашање, па да се зборува за него.

„Лабаво. Само лабаво. Што е наше – ќе си дојде. Ако да де господ... здравје“, поентираше еден кампер кој сè уште не го поставил својот шатор, бидејќи е убеден дека некој друг ќе го направи тоа место него.