Камперска шарада

23.05.2015 12:28
Камперска шарада

Како што гледате деновиве, почитувани читатели, Македонија е претворена во театар на апсурдот. Главен режисер на оваа грда претстава е пастирот, деспотот во заминување, кој грчевито се бори за својата политичка кожа, купувајќи денови со кои си ја поевтинува неговата политичка цена.


Некогашниот статист на штиците што живот значат, очигледно, не се откажува од една од неговите први љубови. На сцена е повторно поставена контра-Македонија, но овој пат во нејзиниот полн „сјај“. Го добивме и првиот протестирачки контракамп во светот, мајн камп(ф)от на пастирот. Повторно сме први и единствени по нешто на целата Земјина топка. Уште еднаш заблудените, уценуваните, заплашуваните граѓани, третирани како стадо овци кое пред да биде подложено на уште едно стрижење, има можност, под команда на пастирот, да заборави на логиката и човештината, и здружено да заблее: „Да падне СДСМ и да дојде ВМРО на власт!“, или: „Уа комуњари, вие сте фашисти!“

Апсурдот мора да кулминира. Инаку нема да го доживееме во целост. Во таа насока, еве неколку идеи и предвидувања на младичот со кристалната кугла, нужно потребни за да можеме да добиеме комплетен „доживљај“. Се очекува деновиве кампот на ВМРО да расте. Можно е и ДУИ и ДПА, секоја за свој есап, да направат свој камп, на Кале на пример, Скопско или Тетовско, сеедно. Очекуваме партиски вработените неработници во администрацијата од сите партии да бидат терани да кампуваат. На смени. Како на времето. Заслужиле овие луѓе да одморат од лежењето по канцеларии и од демнењето, „лајкањето“ и мразењето по наредба на социјалните мрежи. Одењето на протести по наредба, телефонска, усна или по СМС, сеедно, добива нов квалитет, камперски. Не дека ќе одморат, ќе мора да го прават истото, но под шатори. Е сега, вистина дека кампов не е на „наше“ море, но и палмите во Жена-парк ќе завршат работа.

Очекувам во мајн камп(ф)от да видам богата рекреативна, а богами и културно-уметничка програма. На свирка да ги видам многу од оние што се дистанцираат од „партиски собири и свирки“. Не сите, но добар дел од нив ќе бидат „културно поканети“ да ги одработат наградите од 20.000 евра, субвенциите за песните за трето дете и други „услуги“ што ги добиваа сите овие години од власта. Нека се спремаат, нека паднат проби, да знаат, ќе ги викнат, ќе им тропнат на врата. Ќе мора да се јаде срамот, повторно. И тоа, овој пат, најјавно, пред целата светска јавност чии очи се деновиве свртени кон Македонија.

Истото важи и за социјалците, кои за социјална помош мора да носат гласови, а кои ги гледаме пред камери како порачуваат од контракампот дека, иако немаат работа, многу се задоволни од тоа како власта ја унапредува земјата. Веројатно на кампување ќе ги видиме и луѓето од субвенционираните фирми на странските „инвеститори“, кои добија гага земја за фабриките, не плаќаат даноци, ги плаќаат мизерно работниците чии други давачки за пензиско и за здравствено ги плаќаме сите ние. Тука ќе бидат и субвенционираните земјоделци, секако, ако сакаат да ги задржат субвенциите. Тука ќе бидат сите оние кои, на овој или оној начин, биле „почастени“ од началниците.

Ако е ова разрешницата, пеќи. Милион пати подобро од Куманово, Ѓорче, Бит-пазар, Смилковско, 2001. Но, беретките, кокардите и маскирните униформи даваат сосем друг впечаток. Ова, и покрај уметничкиот дојам „док палме њишу гране“, сепак личи на воен камп. И личи дека некој, којшто на контрамитингот не собра ни приближно блиску колку што броеше народот што го видовме на протестите на слободните граѓани на Македонија во недела, се сили.

Младичот со кристалната кугла им вели на грстот насилници кои ја окупирале земјата и институциите, да не се силат и пуваат многу. Белки меѓу нив ќе се најде некој паметен да им ја соопшти реалноста на пастирот, началниците и центурионите на неговата власт. Сега, реално, може да преговараат само за условите на политичката капитулација. Само, гледајќи ги нивните постапки, а и приложеново со блескавата идеја за контракампот, младичот е песимист во таа насока.

Затоа, младичот повеќе надеж полага во шумарот. Тој сигурно ќе направи реална процена. Дека наспроти уценуваните, присилуваните и заблудените граѓани на Македонија труени со национализам и лажен патриотизам, кои ги има сè помалку, веќе стои едно огромно мнозинство слободни граѓани. Насилство и сила, наспроти сплотеност, мир, стабилност, демократија. Ич да не се сомневате дека шумарот ќе пресече како што му одговара нему, а во случајов, за среќа, и на сите нас. Нема да ги поддржи оние кои носат насилство и дестабилизација, туку оние што се залагаат за слобода и демократија. И ќе почне да тегне уште посилно за уши. Кожичката, со вакво силење пред целата меѓународна јавност, ќе станува сè поевтина. Наместо да добијат нешто, коцкајќи се со цела Македонија, пастирот и неговите сојузници ќе изгубат сѐ.

Во меѓувреме, тука е апсурдот во кој се втурнати голем дел на граѓаните, најчесто против своја волја. Можеби, еден убав ден, кога врбите во Вардар ќе родат грозје, и тој ќе се претвори во натпревар - на вистински идеи.

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Ковачевски