„Империјата“ од Ришард Капушќињски: Човечна приказна за нечовечноста

28.05.2015 13:09
„Империјата“ од Ришард Капушќињски:  Човечна приказна за нечовечноста

Литературниот вид во кој спаѓа ова дело, а кој кај нас не е многу застапен и развиен, во Полска има голема традиција и значење во развојот на полската современа литература. Имено, „Империјата“ се сместува во т.н. литература на фактите или нефиктивна литература, која претставува автентични ликови и настани. Таквите настани и ликови ги соопштува и опишува очевидец, набљудувач, учесник или се репродуцираат врз основа на разни извори или документи. Во ваков вид литература спаѓаат дневници/мемоари, биографии, репортажи, фељтони и публицистички есеи. Според некои, и „Империјата“ на Ришард Капушќињски се нарекува збирка од публицистички есеи. Сепак, овој вид литература користи и техники на убавата, уметничката литература, како на пример, од романот се црпат техниките на наративот и придавање на фиктивни одлики на настаните, белетризација или фиктивизација на текстот. Во ваквата литература се вбројуваат и текстови кои претставуваат личен документ, односно го документираат личниот живот на авторот во релација со сегашноста, односно реалноста која се претставува. Најблизок литературен вид на овој, кој нам ни е познат, е патописот, кој се карактеризира како публицистичко-литературен вид, а според некои квалификации не се смета за објективен запис, бидејќи авторот внесува свои видувања, свои доживувања, претходни знаења и идеи во врска со темата. Да речеме дека му е блиска и репортажата, со субјективни коментари и стил на авторот кои внесуваат уметнички елементи во делото. Иако во овој вид литература се избегнува литературната фикција, таа често се оформува по пример на епска фабула, а вештите репортери, новинари, вклучуваат опис, разградени ликови, поетска нарација, сеќавање, интервјуа и дијалози.

Во Полска, следејќи ги европските тенденции, овој жанр започнува во дваесеттите години од XX век, со развојот на печатот, па се појавуваат многу талентирани автори кои го документираат бурниот предвоен живот во Полска, а потоа и самата Втора светска војна, логорскиот живот, комунистичкиот режим, но најпопуларен, а и еден од полските писатели кои најмногу се преведувани во светот е, секако, Ришард Капушќињски. Од него попреведуван е само Станислав Лем. Тој зад себе остави една плејада на млади автори кои ја претставуваат таа школа на литературната репортажа во Полска, на која ѝ се обрнува внимание, повеќе како на литературен вид со уметнички вредности, отколку како на публицистичка проза или новинарски записи.

Ришард Капушќињски е роден во 1932 г. во Пинск (денешна Белорусија, тогашна полска територија), а почина во 2007 г. Како дете, заедно со семејството бил заробен од страна на Советите, кои изведувале депортации на неруското население, но им успева да избегаат од колоната водена кон Смоленск, па поради тоа им се заканувала депортација во Казахстан и неговото семејство пребегнува кај роднини на полска територија. Студирал во Варшава, најпрвин полонистика, која набргу ја менува во историја. Сепак, целосно го обзело новинарството и уште во 1957 г. ја добива првата награда за репортажата за Нова Хута, работничка населба во Краков настаната за време на соц-реализмот. Истата година ги започнува своите патувања по светот како новинар, во Индија, Пакистан, Авганистан, Јапонија и Кина, но откако се укинува неговиот весник како казна за поддршката на октомврискиот прелом 1956 г. по кој настанува куса политичка либерализација на режимот, се враќа во земјата. Се враќа од Кина до Полска со Транссибирската железница и тоа патување ќе го опише по 35 години, токму во „Империјата“. Од 1962 г. работи за Полската информативна агенција, преку која патувал во Африка, Азија и Јужна Америка, како еден од ретките полски новинари, ако не и единствениот на кој му било дозволено да престојува надвор од земјата, за што подоцна, по падот на комунизмот ќе биде лустриран како соработник на тајните служби. Во следните десет години поминува педесетина земји во развој за време на последните фази на европскиот колонијализам, при што бил сведок на 27 војни, револуции и државни удари. Капушќињски никогаш не се плашел од ризични ситуации, преживеал маларија во потрага по сржта на приказната, се наоѓал во средиштетото на немири и граѓански војни, се соочувал лице в лице со безмилосни диктатори, сѐ со цел да создаде една автентична, информативна и истовремено трогателна слика за светот што нѐ опкружува.

Ришард Капушќињски пишувал за авторитарни општества и ги дешифрирал диктаторските системи. Поради цензурата за време на комунистичкиот режим во Полска, нормално е дека не можел да пишува за својата земја, но во сите негови дела меѓу редовите може да се прочитаат скриените алузии и асоцијации. Светска слава доживува во осумдесеттите години од минатиот век, кога е преведен на повеќе јазици, добитник е на четириесетина награди за своето творештво, а во својата земја е прогласен за новинар на векот, дваесеттиот. Доделена му е титулата почесен доктор на науки на Јагелонскиот Универзитет, на Вроцлавскиот, на Шлезискиот, Гдањскиот, Барцелонскиот, Софискиот и Универзитетот во Удине.

Неговите дела се одликуваат со препознатлива наративна техника, длабоки психолошки портрети на ликовите, стилско богатство од метафори и невообичаена имагинација како средство за интерпретација на светот, особено на најмалку познатите култури и места. Негови најпознати дела се „Императорот“, за падот на етиопскиот владетел Хајле Селасие, „Шахиншах“ за последниот шах на Иран, „Фудбалската војна“ за вооружениот конфликт меѓу Хондурас и Салвадор, „Патувањата со Херодот“ во кои прави паралела меѓу своите патувања по Азија и Африка со авантурите на античкиот хроничар итн.

Тој не бил фасциниран само од егзотичните светови и луѓе туку и од книгите: на странските земји им приоѓал првин преку портата на литературата, поминувајќи месеци во читање пред да замине таму. Знаел да ги слуша луѓето со кои зборувал, но знаел и како да ја прочита скриената заднина во ситуациите во кои запаѓал. Ваквата негова тенденција да ги процесуира личните доживувања во една синтеза го прават Капушќињски да биде еминентен мислител, фасцинантно обликувајќи ги новинарските набљудувања во филозофски рефлексии за светот и за луѓето.

„Империјата“ е посветена на големата Русија. Оваа книга ги опишува промените што се случуваат на територијата на Русија по падот на Советскиот Сојуз. Авторот ја споредува и современата состојба со некогашната Русија. Совршено му ја претставува на читателот историјата на ова моќно царство и се обидува да ја разбере. Тој се обидува, пред сѐ, да го разбере богатството на културата, традицијата, се разбира, не избегнувајќи ги строго политичките теми, бидејќи тие не можат да се избегнат туку-така...

Многу слики содржани во авторовите сеќавања зборуваат за човечката беда, за гладот. А покрај нив, секогаш е надежта дека ќе биде подобро. Како што веќе беше споменато, и самиот потекнува од пограничните области на СССР, па уште како дете бил сведок на политичките промени кои го лишиле од безгрижно детство. На седум години научил што значи зборот „депортација“ одејќи на училиште покрај железничката станица, каде што со запрежни коли носеле луѓе за да ги товарат во вагоните, меѓу кои еден ден ќе го препознае и својот учител. Во одделението секој ден по некое дете снемувало, ги имало сѐ помалку и помалку во училишните клупи. Сликата на децата кои цела ноќ на минусни температури и снег чекаат да отвори продавницата во која наводно стасале бонбони се чини надреална, како да не е од овој свет.

Авторот проникнува длабоко во руското општеството. Уште од царските времиња луѓето биле подложени на разни видови притисоци од страна на полицискиот безбедносен апарат. Без вистинска причина биле следени и прогонувани, осудувани за тероризам, завера против советската држава, шпионажа. Обвинувањата речиси секогаш биле апсурдни и гротескни, за разлика од драконските казни, кои воопшто не биле смешни: смртна казна, тешка робија и многугодишна принудна работа во гулазите, кои понекогаш се наоѓале во далечниот Сибир. Описите на патот до Сибир и на самиот Сибир, како и на животот во тие логори, ја покажуваат границата на човечкото достоинство во кои луѓето престануваат да бидат луѓе и стануваат марионети во рацете на своите садистички стражари. Децении по затворањето на гулазите сите сепак совршено ги паметат нивните таинствени и злокобни имиња, на пример, Колима. Во колимската област се наоѓа градот Магадан, град настанат за целите на масовно уништување на народ. На најоддалечениот исток на Русија, во почетокот на векот до Магадан можело да се дојде само преку море, поради неможност да се изгради пат на постојано замрзнатото земјиште. Најпрвин требало да биде база за копалиштата на злато и скапоцени руди - за кои биле потребни луѓе за работа. Казненици. Магадан се вбројува во редот озлогласени логори заедно со Аушвиц и Треблинка. Капушќињски таму патува на крајот на осумдесеттите години, кога логорите веќе ги нема, кога полека исчезнуваат бараките, стражарските кули, оградите од бодликава жица, но сепак, последиците од ропството, од теророт, се постојано видливи во очите на граѓаните на Империјата. Тој не може да се оттргне од чувството дека секој човек што го одминува можел да биде или жртва или џелат. Истото чувство го имав и јас, како преведувач, по завршувањето на преводот на Империјата. Морав да го прашам единствениот човек што го знам од Магадан, Татјана, како нејзините завршиле во Магадан, кои биле. Дедо ѝ бил белоруски селанец, заробен од Германците во Втората светска војна и однесен во работнички логор во Белгија. По „ослободувањето“, Сталин решава дека тој е непријател на народот и го испраќа во логор во Магадан. Пуштен е од логорот 1959 г. и никогаш не смеел да го напушти Советскиот Сојуз. Баба ѝ на Тања дошла во Магадан за да се омажи. По распуштањето на логорите, во тие региони, нормално, имало многу ергени. Тања се сеќава дека дедо ѝ никогаш не зборувал за логорот, но секогаш бил потиштен на големиот празник 9 Мај, денот на победата над фашизмот. За него тој ден не бил победа.

Целта на советскиот режим била да се уништи интелигенцијата како општествена класа, а заостанатиот народ е полесно да се контролира и да се држи во послушност. Најразумното однесување за време на сталинизмот било да се молчи, за ништо да не се прашува, бидејќи секое прашање можело да биде разбрано од државните службеници како напад на власта. Фасцинантен е фрагментот од „Империјата“ кога авторот го опишува патувањето за Воркута - авионот непредвидено слетува во друг град и луѓето од авионот чекаат на тој аеродром да продолжи патувањето, без збор, гледајќи в земја, не поставувајќи прашања зошто и како, а единствениот странец кој се осмелува да праша го гледаат како идиот.

Капушќињски ја покажува Русија од различни страни, ги покажува убавините и доблестите, но покажува и свирепост и нечовечност. Тој на своите патувања се задава и во прекрасните предели на Кавказот. Ја покажува живописноста и неунифицираноста, посебноста која останала речиси недопрена од тоталитарниот режим. Ги опишува убавините на Самарканд, библиотеката со многубројните ерменски ракописи, нафтеното богатство на Баку, гозбите во јуртите на Киргизите, утрото во Степанакерт, Нагорно-Карабах, кога се буди и од магичниот пејзаж што се пружа зад прозорецот сфаќа дека е во најубавиот планински предел на светот. На моменти, фрагменти од оваа книга се читаат како напнат трилер, како овој, од неговото патување во Нагорно-Карабах кое е под воена опсада и не е дозволен пристап на цивили, а Капушќињски е протнат во авионот, преправен во руски пилот.

Некои делови од книгата се читаат како егзотични приказни за некое далечно минато, за некои непознати народи - како онаа за појавувањето на реката Узбој во централна Азија, за карваните трговци кои поминувале покрај неа и за нејзиното исчезнување во пустината.

По епохата на сталинизмот кај луѓето останале лошите и болни навики, како митото и корупцијата, молчењето и стравот.

Во секој случај, оваа книга не може да ги остави читателите рамнодушни. На моменти расплакува, на моменти вознемирува, на моменти запрепастува, на моменти ве тера да се идентификувате во некои рефлексии за општеството и светот на Капушќињски и навистина е необична и посебна. „Империјата“ на Ришард Капушќињски му ја отвoра на современиот човек историјата на земјата која е заробена од режимот и тоталитаризмот. Но ги покажува и чувствата на нејзините жители и нивната длабока душа. Капушќињски на необичен начин ни помага да се доближиме до граѓаните на Русија, од кои можеме многу да научиме, само ако имаме волја да го искористиме тоа искуство во нашиот живот. Да, книгата е за бедата, страдањето и тоталитаризмот, но ова е и книга за желбата за живот, копнеењето по слободата, за големата руска душа.

За жал, Капушќињски досега не бил преведуван кај нас, но времето на излегување на „Империјата“ во Македонија токму во овој момент, со сѐ што се случува околу нас, е чуден сплет на околности и токму ваква книга ни е потребна за да видиме дека не сме сами и не сме единствени. Македонскиот е 39 јазик на кој е преведен Капушќињски, а тој неизмерно ги ценел и почитувал преведувачите На првиот конгрес на преведувачи на полска литература, 2005 г. Во Краков рече дека „сега, во современиево, денес, светот се отвора, и има општо разбудена свест за неговата мултикултурност, а со самото тоа и неговата мултијазичност, придружен од големата комуникациска револуција, електронскиот пресврт кој создаде шанса за брзо и пошироко зближување, за меѓучовечки контакт. И тука, на прв план избива ликот на преведувачот, кому сите ќе му се обраќаат, бидејќи –очигледно – без него е невозможен каков било дијалог, запознавање и договарање.“ Останува како негово наследство Фондацијата што го носи неговото име и по неговата смрт да се грижи за нив и да им оддава признание. На тоа се должи и наградата која ја добив оваа година, за превод на Капушќињски на нов јазик, иницирана оваа година, а продолжува понатаму секоја година.

Слики: Павел Баев

ОкоБоли главаВицФото