Триесетитригодишна

02.06.2015 20:53

Таа го беше замислила тоа сосема поинаку.
Сеуште го вози рѓосаниот фолксваген.
Еднаш само што не се омажи за еден пекар.
Најпрвин го читаше Хесе, а потоа Хандке.
Сега решава крстозборки.
Било што од мажи нема веќе мирно да трпи.
Со години беше троцкист, но на свој начин.
Никогаш не држела в раце точкици за леб.
Кога мисли на Камбоџа ѝ паѓа лошо.
Последниот дечко, професор, сакаше таа да го мава.
Зеленкастите батик фустани ѝ се прешироки.
Собната липа ѝ е полна со билни вошки.
Всушност сакаше да слика или емигрира.
Нејзината докторска работа Класните борби околу Улм
од 1500 до 1512 и нивните траги во народните песни:
стипендиите, започнатите текстови и куферот полн со белешки.
Понекогаш ѝ праќа пари на баба си.
Бојазливо танцува во бањата, прави мали гримаси,
со часови држи млеко од краставица врз лицето пред огледало.
Вели: Нема да умре од глад.
Кога плаче, изгледа како да има деветнаесет.

Препев: П.В.

Енценсбергер (1929), покрај поезија, пишува и есеи, драми, прозни текстови, раскази, репортажи, книги за деца... Објавувал под неколку псевдоними. Најпознат е и најпреведуван како поет. И покрај тоа што неговата поезија е ангажирана и критичка (неговите песни можат да се читаат и како историја во стихови, но и како медитации или личен дневник на еден луциден полемичар и интелектуалец), таа истовремено е и хајнеовски лирична. Да се биде критичен и ироничен не го исклучува автоматски потполното напуштање на сите предели на „чистата лирика“, смета Енценсбергер.
Бил член на „Групата 47“, од нејзиното основање 1947 година до нејзиното укинување 1967 година. Целта на оваа книжевна група била обнова на германската литература со поддршка на младите автори, како и активно учество во демократизацијата на општеството. Покрај Енценсбергер, членови на групата биле и Хајнрих Бел, Гинтер Грас, Уве Јонсон, Ингеборг Бахман, Ерих Кестнер и многу други.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото