Никој не знае што да мисли

13.06.2015 13:46
Никој не знае што да мисли

Говор на одгледувачот на дрвја

Двете буки, драг господине,
стојат преблизу една до друга,
тоа доведува до триење и смрт.
На сите ни треба дистанца.
И Вие сте секако радосен
што не знаете ништо повеќе за мене!
Претставата дека би останал засекогаш
да стојам покрај Вас, насетувам,
Ве исполнува со паника.
Значи, едната мора да направи место.
Дали Вашето срце, од добри причини,
бие по покревкото дрво, или
смеам да го исечам?
Сонувате за рамнотежа
во природата, тоа е грешка.
Нерамнотежа, тоа е она
што го одржува нашиот живот.


Говор за и со Џејмс Лауфлин

Живееш во три света.
Во овој овде;
во светот на твоите мисли,
кој нè опфати и нас;
и во светот на твоите книги,
во кои можеше да прочиташ
што нè загрижуваше
кога бевме заедно
во еден друг живот.
Незаборавен е твојот предлог:
Доколку поетот не ја придобие
љубената со своите зборови,
нека не пишува веќе поезија
и нека се обиде на Wall Street
за да може да ја купи.


Мојот талисман

Мојот талисман е едно малечко глувче,
помало од обичните глувчиња.
Јаде она што јадам јас. Од дрво е.
Дење ја глода убавината,
ноќе моето срце.
Му го слушам срцето како му бие.
Доколку е вистина дека при смртта
човек повторно ги добива сите поранешни лица,
моето последно лице ќе мисли на него.


Стомна

Наполни ми ја стомната,
сината со бели дамки,
стави малку тага,
едно зрнце сон
и троа љубов
и прашината од грижата,
та не смееме да ја заборавиме прашината!
И стави ја на прозорецот,
што поблизу до сонцето,
за еден миг со боја на светол мед.


Приградска гостилница

Ситуацијата е непровидна,
две неонски светилки кои не фрлаат сенка,
едно дете го врти тркалото на празнината,
ме проѕре.
Келнерот е Арап. Ја раскажува
приказната за Мухамед
кој се сокрил зад пајакова мрежа.
Дели модро-сини ракии,
кои треба да го надитрат Коранот.
И потоа една песна. И сите стануваат
и плачат.


Самрак

Гулабот, кој впрочем не мисли ништо лошо
а мене ме излудува со својата бројаница,
сега, ете, изнагуган и безнадежен,
си седи на една гранка од лесковото дрво и чека
вечерта пред светот да го постави својот
тежок ѕид од шкрилец. Старите дрвја
свечено ја поземаат последната светлина,
небаре овој ден мора да има убав крај.
Никој не знае што да мисли.
И никој не му обрнува внимание на пајакот
кој, незасегнат од вистината,
си ја ткае теоријата за убавината.

Поврзан прилог: После природата

Превод: Елизабета Линднер
Извор: Михаел Кругер, После природата; Блесок, 2012.
Слики: Henri Matisse

ОкоБоли главаВицФото