Умберто Еко: Големите лаги ја создаваат историјата

22.06.2015 11:35
Умберто Еко: Големите лаги ја создаваат историјата

Во новиот роман „Numero Zero“, книжевникот и интелектуалец Умберто Еко се занимава со вистините и лагите на масовните медиуми. Еко е пасиониран читател на дневниот печат, а редовно пишува и за италијанските весници L'Espresso и La Repubblica. Во интервју за француски Le Monde, Еко објаснува зошто е опседнат со теориите на заговор и зошто е нужно враќањето на радикалната и милитантна критика во новинарството.

Дали и понатаму интензивно читате весници?

Секое утро читам најмалку два дневни весника и прегледувам многу поголема количина весници на дневно ниво. Не можам да го испијам кафето и да го почнам денот без задлабочување во весниците. И понатаму се раководам од Хегеловата идеја дека читањето весници е „дневна молитва на модерниот човек“. Освен тоа, соработник сум на весниците - пишувам за дневен весник и неделник. Но, ретко кога одам понатаму од насловната страница, затоа што медиумите очајнички се трудат секое утро да ги повторат информациите кои се откриени еден ден претходно.

Дали повторувањето на тие информации, без додавање длабочина, е закана за опстанокот на дневниот печат?

Печатените медиуми и понатаму прават сè во присвојувањето на вестите кои претходно се емитуваат на телевизиските и радио станици, без додавање на некаква значајна вредност. Тоа е голема криза која постои речиси од раѓањето на телевизијата.

Треба ли печатот да направи повеќе за да го одржи критичкото промислување на животот?

Сведоци сме на изумирање на милитантната критика. Да, мораме да го рехабилитираме критичкото размислување во новинарството и да го прошириме неговиот спектар, меѓу другото и на интернет. Во весниците би требало да имаме една до две страници за критикување на интернет страниците, каде би се откривале лажливите портали и оние на кои читателите можат да им веруваат. Не би требало да се откажеме од улогата на обликувач на јавниот вкус. Весниците истовремено можат да бидат критички филтер и да останат демократични.

Дали е опасна концентрираната сопственост на медиумите во рацете на неколку големи групации?

Тоа е вистински проблем. Во Италија сите весници зависат од повеќе индустриски компании и моќни банки. Во Франција ситуацијата е слична. Поради тоа мораме да поставиме силно раководство на чело на весниците и да се спротивставиме на одредени притисоци.

Сопственикот на весникот од вашиот роман вели дека „мора да се зборува со јазикот на читателот, а не интелектуалецот“. Меѓутоа, зарем не треба и самите да бидеме критични кон сопствените читатели?

Или ќе се обидеш да го изградиш својот читател, или ќе го следиш неговиот претпоставен вкус, раководејќи се од истражувањата на јавното мислење. Ежен Су на своите читатели им го дал она што го сакале; Балзак го обликувал нивниот вкус нудејќи им приказни со ситуации и стилови кои не ги замислувале. Некои книги велат: „Јас сум како тебе“, а други „Јас сум поинаков“. Треба да ја избегнеме хомогенизацијата на стилот кој го сведочиме, а кој дури и се бара од страна на новата медиумска индустрија.

Што е со клишеата?

Добро се забавував создавајќи во книгата попис на клишета кои доминираат во медиумите. Дури и новинарите во „добрите“ весници признаваат дека тие клишеа доминираат и кај нив. Тоа е облик на мрзливост. За книжевноста велат дека целта ѝ е да го одржува јазикот во употреба. Весниците би требало да ја имаат истата цел. Клишеата го парализираат јазикот.

Фасцинирани сте од теориите на заговор кои постојано циркулираат на социјалните мрежи. Зошто?

Член сум на друштво кое настојува да се бори против окултизмот и теоријата на заговор. Според тоа, лагата ме фасцинира. Заради тоа собирам книги со лаги. Го немам Галилеј во мојата збирка, туку Птоломеј, затоа што не бил во право! Ги сакам и алхемичарите и магионичарите. Семиотиката - нашата способност за создавање знаци и симболи - не се состои толку од начинот на кој ја кажуваме вистината, колку од способноста да лажеме. Писмото на проповедникот Џон, кое се проширило во 12 век, опишувало неверојатно кралство некаде во средиштето на муслиманскиот свет со кое владее христијански крал. Марко Поло го барал за време на патувањата во Кина. Големите лаги ја создаваат историјата. Протоколите на сионските мудреци - антисемитската измама која имала цел да го разоткрие еврејскиот план за светска доминација - за жал е еден од попознатите примери. Во секој случај, лагите имале големо влијание врз историјата.

Што е карактеристично за денешните теории на заговор?

Денес комуникациските канали се подобри, па имаме поголемо и побрзо ширење на лагата. Претходно фалсификаторите морале да пронајдат одреден вид уредник. Денес, пак, секој антимуслимански лажливец или секој антисемитски имбецил може да ги објави своите заговори на интернет. Филозофот Карл Попер напишал дека заговорничкиот синдром е константа кај цивилизациите: Според Хомер, Тројанската војна почнала со заговор на боговите. Теориите на заговор нè лишуваат од одговорност. Социологот Георг Симел рекол дека силата на големите тајни доаѓа од нивната празнина. Најдобри заговори се оние кои никој не може да ги побие.

Имаат ли новинарите улога во спречувањето на заговорите?

Новинарите мораат да придонесат за спречување на владеењето на лагите и манипулациите. Тоа би морала да биде една од нивните борби, заедно со зачувувањето на критичкиот дух на животот, и избегнувањето на стандардизацијата на мислата.

Извор: Le monde

ОкоБоли главаВицФото