Истражување покажа: граѓаните полесно ги препознаваат полицајците во цивилка од униформираните

23.06.2015 17:08
Истражување покажа: граѓаните полесно ги препознаваат полицајците во цивилка од униформираните

Скопје 23 јуни, 2015

Истражување спроведено од организацијата „Погоди кој“ покажа дека повеќето македонски граѓани полесно ги препознаваат полицајците во цивилка отколку униформираните.

Истражувањето било спроведено на примерок од 10.000 граѓани, на возраст од 9 до 99 години, во 10 македонски градови. Од нив, дури 90 отсто одговориле дека полесно им е да препознаат полицаец во цивилка отколку полицаец во униформа, а 10 отсто рекле дека униформираните и неуниформираните полицајци се еднакво препознатливи. Ниту еден учесник во истражувањето не изјавил дека полесно му е да препознае униформиран припадник на полицијата.

„Кога ќе видите некој набилдан, во фармерки и маичка со кратки ракави, евентуално во кошула, со мала торбичка на рамото или околу половината, понекогаш чита весник и силно се труди да изгледа незаинтересирано за она што се случува околу него, со сигурност знаете дека е полицаец. Кога ќе видите некој во полициска униформа, секогаш постои можност да станува збор за скриена камера“, вели Ацо К., 47-годишен испитаник од Скопје.

Повеќе експерти за безбедност за Пара вести потврдија дека доколку полицијата сака да спроведе тајна акција, подобро е да ја користи униформираната полиција.