Ахиловата пета на диктаторот да ти биле јајцата (до душа, само жолчките)

30.06.2015 09:57
Ахиловата пета на диктаторот да ти биле јајцата (до душа, само жолчките)

Добро е да се сочува по некој жив примерок од диктатор, онака колку за да се ползува за бесценети консултантски услуги. За жал, ова Американциве сѐ живо диктаторско испосотреа. Таман мислевме дека Милошевиќ ќе ѝ го обезбедат на бихејвиоралната наука, кога, и него набрзина смртно го разболеа. Токму си помисливме дека ќе заловат еден диктатор од северна Африка за да ни го отстапат нам научниците за да си го истражиме, кога, повторно ништо! А воопшто не е исклучено америте, всушност, да си имаат сочувано некој жив диктаторски трофеј за посматрање, само што нам не ни кажуваат. Само за себе си го чуваат. Па зарем не видовме како го чуваа Ханибал Лектор за да им служи на федералците, за да им помага во профилирањето и ловот на психопатолошките типови - другите сериски убици. Ете, да си имавме еден уапсен диктатор на лагер, ќе можевме да го запрашаме - каде може да му се слабите точки на петата од нашиов мутант од Ахила. Како да целиме со стрелите за да го погодиме токму во неизмиената нога во фонтаната на вечноста. Како да го гаѓаме со бомби за тој конечно да им подлегне на повредите? А не вака - ние сите испопаѓавме и се поболевме од бомбите што ги открија неговите тешки злодела, а тој здрав прав, и како петел-патор, од дрчен подрчен. Бомбите, чинам, само го стимулираа неговото диктаторско диктирање на тоа „дактилографките“ од владата, за тие уште побрзо да ги пишуваат страниците од оваа страшна црна историја. Ви велам, вистинска штета што оној Санадер е само обичен криминалец, а помалку и мафијаш, но не и диктатор, за да го искористевме за наши субверзивни цели.

Конечно, сѐ си мислам дека наш диктаторчо повеќе се помрачи од јајцата отколку од бомбите. Човекот, ако можам така да го наречам, досега најмногу се испоремети од жолчките на фасадата на зградата на која пишува „Влада на РМ“ а која инаку e попозната како ЦК или и „Шампитата на умоболниот“. Та дури вчера сфатив каква му била маката на овега. Во прашање да ти била неговата пренагласена едиповска педантност, исполнителност и доследност кон рецептата! Па људи моји, па ми текна дека шампитата се прави само со „умуќено бјеланце“. Значи само белката од јајцето, без „жуманце“. А ние на 5 мај му испоџиткавме цели јајца, кои фирерот го застрелаа директно во ахиловата пета! Пустион доби „жута минута“ баш од жуманцата, па нареди специјалците да нè скршат од мавање, само заради недоследноста со рецептата. До душа, и заради уметничкиот порив поради којшто тој не го поднесува правецот - супрематизам. Толку се изреметил, што истата вечер наредил интервентно да се покрие Малевичевото жолтило на белата позадина.

Имено, со бел поликолор в зори интервентно се варосуваше Владата на РМ, повторно со невестинско и девствено белило на цврсто сматената белка од јајце. Од жолтото, значи, се имал комплетно здивено. Добро што во тие помрачени моменти не нарачал да го кренат во воздух она жолтото комбе. После тоа, како ќе одеше да пазарува поволни водњански плацеви? Инаку, јас да бев некој фактор во опозицијата, ќе ги набуцкав камперите од кампот Владиште (читај аугментатив од Владе) да ја пожолтат шампитана со илјада јајца, коренито да го полудат тоа аздисаното суштеството до смрт. Ама опозицијата си има други генијалци што си ја знаат работата, а плус тоа, од сите нас си добија кард-бланш за креирање „смртоносни“ ахилови стрели од типот на дебатни настани.

Како и да е, вистинска штета е што немавме човек од „внатре“. Човек заболен од хронична диктатуропатија. Човек, прописно хоспитализиран, но кој е способен да ни каже како е да се биде во кожата и во чевлите на еден диктатор. Сподоба или суштество кое е терорист на својата држава. Креатура што го чува затворен во заложништво својот сопствен народ. Диктаторско битие кое ќе ни ја довери сопствената кревкост и ќе ни каже што го боли и пореметува, од што страда? „Богочовек“ што ќе ни открие - кои се потпорните ѕидови на едно, навидум непробојното ментално устрјство - малигно его? Кои му се ахиловите пети? Кои современи уметнички правци го живцираат и не му даваат сон? Колку ќе беше добро да ни кажеше интернираниот диктатор-консултант за тоа, дали ќе си помогнеме во диктаторовото абдицирање ако му пуштиме неколку тактови од металостругачките виолини нa Ромео и Јулија од Прокофјев? Дали, всушност, еден диктатор би можел да му подлегне на звукот? Дали и тој, исто како папата Родриго Борџија си носи малечок мајмун за да му го дегустира ручекот? Дали сексот за него веќе претставува ризична активнот и дали стравува некој да не го среди и на сред оргијастичен чин?! Дали севезден се џари наоколу за да се варди, да не го бапне некој камен одблизу? Дали започнува да се плаши и од ситниот песок и од прашинките што идат од воздухот?

Во потрага по некоја општа теорија за диктаторовата ахиловата пета, најдов нешто за диктаторското ментално устројство на Адолф Хитлер. Имено, се работи за неговите последни денови - моментите кога вистински бомби од руската армија напредуваат од исток и започнуваат да го решетаат Берлин. Тогаш кога Русите забрзано итаат на прагот на бункерот во кој престојуваат Хитлер, Ева и свитата од Рајхстагот, тој се однесува стабилно и размислува како кул типче кое има контрола над работите, особено над животот и смртта. Порачал да го венчаат со Ева, за таа да влезе во историјата како „чесна“ мажена жена. Претходниот ден наредил да го испробаат отровот цијанид на едно од кучињата од бункерот. Иако кучето умрело за неколку секунди, тој и натаму не ѝ верувал во хемијата. Верувал само во моќта на сопствената рака. Значи, недовербата му била влезена во длабочините на коскената срж. Потоа нарачал педесетина литри нафта за да го запалат откако ќе се самоубие со пиштол во сопствената слпоочница. Кога офицерот му рекол оти немаат ни капка, тој најтрезвено го пратил да оди и да ги исцица, ако треба и последните капки нафта од сотрените тенкови во околината, и како знае да го „создаде“ нарачаното количество. Издиктирал и тестамент во кој ги посочил Химлер и Геринг како предавници. Назначил и наследници. И внимавајте, ве молам, попатно, буквално само попатно, се искажал дека ако не била оваа глупава војна што ја предизвикале Англичаните, Французите и Русите, тој ќе си бил, пазете добро ви се молам, познат архитект. Последниот ден од својот живот тој во фразна градација искажал дека ќе бил многу добар архитект, меѓу најдобрите архитекти, ако не и најдобриот меѓу најдобрите, всушност, сигурно ќе бил надобриот архитект. Ете ја Хитлеровата слабост, пасија, лудило... ете го неговиот „барок“, неговите „еркери“ и „тaраси“. Само ако сојузниците ги знаеле и заиграле со овие негови слабости, можеби војната ќе завршела поскоро и со помалку жртви.

Оттука, вам драги читатели ви оставам, секој индвидуално да си ја открие ахиловата пета на нашиот домашен архитект-диктатор и да си делува согласно потпишаните обврски на опозицијата, преземени според договорот со диктаторот од 02.06.2015.

Извор: mimozaristova.blogspot.com

ОкоБоли главаВицФото