Писмо до еден млад поет

04.08.2015 00:50
Писмо до еден млад поет

Својот живот мораме да го замислуваме и прифаќаме широко, колку што можеме; сè, па и нечуеното, мора да биде можно во него. Тоа во основа е единствената храброст која се бара од нас: да се биде храбар за најнеобичното, најчудното што може да нè снајде на нашиот животен пат.

Тоа што луѓето во оваа смисла биле кукавици му нанесло бескрајни штети на животот; доживувањата наречени „привиденија“, целиот таканаречен „свет на духови“, смртта, сите овие нам толку сродни нешта толку се истиснати од животот со секојдневно спротивставување, што сетилата со кои би можеле да ги дофатиме сосема закржлавеле. Да не зборуваме и за Бог.

Но, стравот пред необјаснивото не го осиромаши само животот на поединецот, туку и односите на човекот спрема човекот се ограничени од него, речиси издигнати од речното корито на бескрајните можности и фрлени на вжарената земја покрај брегот каде ништо не се случува.

Зашто, не е само мрзливоста она што прави човечките односи толку неискажливо еднолично и необновено да се повторуваат од случај до случај, туку и стравот од некое ново, недогледно доживување за кое човекот верува дека не е дораснат.

Но, само оној кој е прибран за сè, кој не исклучува ништо, па ни најзагадочното, ќе го преживее односот кон другото суштество како нешто живо и ќе го исцрпи дури и својот сопствен живот.

Зашто, штом овој живот на поединецот го замислуваме како поголем или помал простор, веднаш се покажува дека повеќето луѓе познаваат само еден агол од својот простор, местото покрај прозорецот, тесната пруга по која се движат горе-долу. На тој начин чувствуваат извесна сигурност. Па сепак, толку е почовечна онаа несигурност полна со опасност која затворениците во затворите на Е.А. По ги тера да ги опипуваат облиците на своите страшни темници, за да го запознаат неискажливиот ужас на своето пребивалиште.

А ние не сме затвореници. Околу нас не се поставени замки и стапици, и нема ништо што би требало да нè плаши или мачи. Поставени сме во животот како елемент на кој најмногу му одговараме, и згора на сè, со прилагодувањето низ илјадници и илјадници години сме станале толку слични на овој живот, што ако сме неподвижни, благодарение на успешната мимикрија едвај се разликуваме од сето она што нè опкружува.

Немаме причини да го прилагодиме животот според начелото кое нè советува секогаш да се држиме до она што е тешко; тогаш она што сега сè уште изгледа најмногу туѓо ќе ни стане најблиско и најсигурно.

За да можеме да ги заборавиме оние древни митови што стојат на почетоците на сите народи, митовите за змејовите кои во пресудниот миг се претвораат во кнегињи; можеби сите змејови во нашиот живот се кнегињи кои само чекаат еднаш да нè видат како убави и храбри луѓе.

Можеби сè што е страшно во најдлабоката основа е токму она беспомошното што бара помош од нас.

(12 август, 1904)

Извор: Gledišta
Слики: Алекс Хол

ОкоБоли главаВицФото