Агли и овали (1)

25.11.2016 02:27
Агли и овали (1)

Враќање дома

После чаша или две црно вино
на велосипед кон својот стан

гласно повторувам
сакам дома

од моето избледено детство
изнурнува празна железничка станица

две нови брчки ми ја сместуваат
устата во загради


Туѓ град

По уличките на стариот град
талкаме
рамо до рамо
рака до рака

Нашиот брод на сенки ненадејно
се насукува пред витрините на вечерта
нечујно ги менуваме сништата
за непознатото ‒

прицврстено за нашите грбови
како неизвесни броеви од стартот

 

Бегство

                 за Илија Тројанов

 

Под надзор на саат-кулата
пред нас шума на границата
зад нас вечерното сонце

Неизвесноста рамењата ни ги притиснала
да отпливаме кон слободата
топчиња за игра на западните богови

 

Спомен

Чудо можеше
во куфер да спакува и
од туба душа да исцеди

безброј подароци ми купуваше
плетеше и за мене шиеше

сакаше да има последен збор секогаш
на крајот ни буква во устата немаше
само плунка

 

Надвор од колосекот

Од сомнежите достигната
низ прашања се пробивам

избивам од најголема близина
во пустина пристигнувам

преку чевлата нешто ми шмугнува
гуштер во цикцак паника

без сенка се лизгам
без сенка

 

Надминување

Под полна месечина во море влегував
како по мастило шлапкав
без отисоци

водата ја делеше месечева патека
кошмарот дека тонам ‒ се давам
изнурна па исчезна

(продолжува) 

Избор и превод: П. В.
Слики: Jenny Scobel

Румјана Еберт (Rumiana Ebert / Румяана Еберт, родена Кожухарова) е родена 1945 во Пловдив, во Бугарија, како внука на Петар Ацев, илинденски војвода од Прилеп. Во Германија емигрирала 1966 година. Студирала хемија и музикологија. За своите дела пишувани на германски јазик е наградувана со повеќе престижни германски награди и стипендии. Стихови почнала да пишува по 40-та. Објавила три стихозбирки на германски: Излегување во пресрет (1992), Точката на пресек, лирски пиктограми (1996) и Агли и овали (2013). Агли и овали има и свое двојазично издание (2015) на бугарски и германски. Превела две книги од бугарскиот дисидент Георги Марков на германски. Живее во Берлин.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото