Легенда за мртвиот војник

07.08.2015 17:32

1. Кога и по четвртото лето
Изгледите војната да сврши беа штури,
Војникот прибегна кон правото свето
На животот херојски крај да му тури.

2. Но војната никако да сврши,
Во душата царот чувствуваше бреме,
Смртта на војникот негов го скрши:
Сметаше дека уште не беше време.

3. Над гробојте дојде летото жешко
И тогаш пристигна во тишината ноќна,
Додека војникот спиеше тешко,
Една военолекарска комисија моќна.

4. И тргна комисијата точна
Со лекари на чело по божјата нива
И со осветени лопати да го ископува почна
Паднатиот војник со униформа сива.

5. Докторот во војникот погледот го впи
Или во остатоците од трупот негов гнил
И пред опасноста срце му се сви
Кога најде дека војникот способен бил.

6. Да се поведе војникот наредба се дава.
Убава и сина беше ноќта во мај.
Можеше, ако без шлем се кренеше глава
Да се видат ѕвезди од родниот крај.

7. Налеаја една ракија јака
Во телото што почнало да гние
И обесија две сестри во неговата рака
И жена што голотијата не ја крие.

8. Од гниежот на војникот човек се гади
Затоа напред оди попот и куцка
И со кадилницата мафта и кади
За да не дојде смрдеж до неговата муцка.

9. Напред музика со труби свири
Еден весел марш со сиот глас
А војникот научен на егзерцири
Ги фрла нозете од самиот газ.

10. Санитерци двајца братски го фатија в рака
Се обидоа в друштво свое да го вклучат,
Зашто инаку тој в калта да избега ќе сака,
А такви работи не смее да се случат.

11. На мртовечката кошула нанесоа тие
Црна, бела, црвена боја за да ја красат
И пред него ја носеа за да го скрие
Она што ги тераше да се гнасат.

12. Напред во фрак еден господин наш
Одеше со кренати гради и чекор лесен
И како секој германски маж
За должноста своја беше свесен.

13. Со музиката војна тргнаа тие
Надолу по патот сив,
А војникот се тетерави и вие
И како снегулка в бура оди со нив.

14. Викаа мачки и пци по полето рамно,
Стаорците цикаа чудно по рамнината пуста,
Зашто сметаа дека би било срамно
Гласојте да звучат ко од француска уста.

15. И дури одеа низ разни села
Се наведнуваа дрвја, жените беа тука,
Месечината светеше цела
Викаа сите ура и креваа бука.

16. Со догледање и ритам жив!
Со попови, пци и жени!
А мртвиот војник помеѓу нив
Во пијан мајмун ликот го смени.

17. И додека низ села разни
Се случуваше да не го види никој.
Околу него местата не беа празни,
Се слушаше музика и ура-викој.

18. Танцуваше крај него од луѓе море
И никој не можеше да го следи.
Можеше да се види само од горе,
А таму ѕвезда до ѕвезда се реди.

19. Ѕвездите не се секогаш тука,
Утрото ќе почне да руди,
А кај војникот, според добиената ука
Желба за херојска смрт се буди.

Препев: Душан Томовски

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото