Од тело до тело - искуството на Нагасаки

22.08.2015 17:27
Од тело до тело - искуството на Нагасаки

Почеток на нуклеарното доба - искуството на Нагасаки.

Корејските и кинеските работници, воените заробеници и мобилизираните возрасни луѓе и деца се вратиле на градилиштето; некои копале или ги поправале засолништата, други натрупувале вреќи со песок покрај прозорците на градските куќи за да ги заштитат од куршумите од автоматско оружје. На спортското игралиште во Мицубиши тукушто се завршиле вежбите со копје од бамбус, како дел од подготовките во случај на инвазија. На Медицинскиот факултет во Нагасаки почнале предавањата. Трамваите кривулкале по улиците.

Стотина луѓе кои само недела дена порано биле повредени за време на воздушните напади, се лечеле во болниците во Нагасаки, а во болницата за туберкулозни во северниот дел на долината Ураками, персоналот ги послужувал пациентите со доцен доручек. Еден лекар, познавач на германскиот јазик, помислил: „Im Westen nichts neues“ („На запад ништо ново“). Во бетонското засолниште во близина на храмот Сува, кое служи како штаб за противвоздушна одбрана, гувернерот Нагано со полициските началници отпочнал состанок посветен на планот за евакуација. Сонцето печело, а продорната ритмична песна на птиците треперела, разнесувајќи се насекаде во воздухот.

На висина од десет километри, два авиона B-29 се приближувале до Нагасаки. Мајорот Свини и неговата посада одвај можеле да им поверуваат на очите: Нагасаки бил невидлив под високите облаци. Тоа претставувало голем проблем, па Свини добил наредба да ја фрли бомбата откако визуелно ќе ја лоцира целта – центарот на стариот град, источно од пристаништето на Нагасаки. Меѓутоа, сега визуелниот контакт барал многубројни надлетувања над градот, што не било можно поради претходната загуба на гориво. Не само што пред полетувањето се расипала доводната пумпа, дваесет тона гориво останало недостапно, туку и за време на чекањето на точката за средба и кружењето над Кокур било потрошено повеќе гориво од планираното.

Bockscar имал доволно гориво за само едно надлетување на Нагасаки и потоа следувало принудно слетување во американската воздухопловна база на Окинава. Покрај тоа, Свини и командантoт на морнарицата задолжен за активирање на бомбите, Фред Ашворт, знаеле дека, ако не ја фрлат нуклеарната бомба на Јапонија, веројатно ќе мораат да ја испуштат во морето за да не експлодира за време на слетувањето. И покрај наредбите, речиси веднаш донеле одлука да ја одредат целта со помош на радар.

Знаците за тревога не се огласиле во градот – веројатно затоа што персоналот за противвоздушна одбрана навреме не ги забележал авионите или не претпоставиле дека само тие два авиони кои летаат на голема висина претставуваат непосредна опасност. Кога војниците од против-воздушната одбрана на планината Компири конечно ги забележале авионите, скокнале во рововите и го впериле оружјето во нив, но немале време да стрелаат; дури и да го направеле тоа, не би можеле да досегнат до американските авиони.

Неколку минути пред тоа, некои граѓани на радио слушнале кратка објава за тоа дека два авиона B-29 биле видени како го прелетуваат островот Шумабару на запад. Кога слушнале дека авионите се приближуваат или го виделе нивниот отсјај високо на небото, викајќи ги предупредиле и другите луѓе за опасноста, а потоа отрчале во засолништата, се фрлиле на земја или се сокриле под креветите и масите во куќите, училиштата и на работните места. Бидејќи слушнал далечен звук од авион, еден лекар, кој тукушто започнал процедура за пнеумоторакс, ја извлекол иглата од пациентот и брзо побарал засолниште. Меѓутоа, до повеќето граѓани на Нагасаки не допрело никакво предупредување.

Во исто време членовите на посадата на двата авиона веќе носеле заштитни очила, толку темни што одвај можеле да ги видат сопствените раце. Капетанот Кермит Бихан, задолжен за лансирање на бомбите од Bockscar, го активирал звучниот сигнал за отворање на вратата на лежиштето за бомба и го програмирал на триесет секунди до нејзиното испалување. Пет секунди подоцна ја забележал дупката во облаците и визуелно го идентификувал Нагасаки.

„Го гледам! Го гледам!“, извикал. Ја испалил бомбата. Истовремено биле пуштени и три падобрани, секој закачен за метални канистри со цилиндрични радиосонди кои ќе го измерат притисокот на ударот и ќе ги пренесат податоците во авионот. Полесен за повеќе од четири и пол тони, Bockscar се кренал нагоре, вратите на лежиштето за бомбата се затвориле, а Свини нагло го свртел авионот за 155 степени налево, за да го избегне непосредниот удар.

„Еј, погледнете! Нешто паѓа!“

Долу, на земјата, осумнаесетгодишниот Вада тукушто стигнал на трамвајскиот терминал Хотаруџај, во крајно источниот дел на стариот град.

Тангучи ја испорачувал поштата возејќи велосипед низ брдото во резиденцијалниот регион во северозападниот дел од градот.

Шеснаесетгодишната До-Ох пристигнала на своето работно место во фабриката за оружје во Мицубиши каде што ги проверувала торпедата и со душа чекала да дојде време за пауза за ручек.

Додека покрај патот, на западната страна на реката Ураками спуштал кофа во бунарот, Јошида застанал, бидејќи како и другите жители на градот, забележал падобрани кои со голема висина паѓаат низ пукнатината меѓу облаците.

„Rakka-san“, се сети на името на падобранската единица. „Значи, ги повикале да се вратат.“ Чадори кои паѓаат. „Помислив дека тоа се редовни падобранци – дека војниците се спуштаат.“
„Падобраните полека се спуштаа, saaatto“, изусти тој. Тивко, без звук.

Заглушувачка врева

Пет тона тешката плутониумска бомба почнала да се спушта кон градот со брзина од илјада километри на час. Четириесет и седум секунди подоцна, моќната имплозија предизвикала плутониумското јадро, од големината на грејпфрутот да се собере и да добие големина на тениско топче, и така во истиот момент да произведе верижна реакција на нуклеарна фисија.

Бомбата со застрашувачка сила и енергија експлодирала на петстотини метри над долината Ураками и нејзините 30.000 жители и работници, два километри северно од планираната цел. Во 11:02 часот претпладне, блескава светлина го прекрила небото – видлива дури и од поморската болница во Омури, оддалечено повеќе од седумдесет километри преку планините. После неа следуваше громогласна експлозија, според силата еднаква на експлозија на дваесет и еден килотон ТНТ. Целиот град се затресол.

Во точката на ударот, средиштето на експлозијата достигнало температура поголема од онаа која ја има средиштето на Сонцето, а брзината на ударниот бран ја надминала брзината на звукот. Во десеттиот дел од милисекундата после тоа, сите материјали од кои била направена бомбата се претвориле во јонизиран гас и во воздухот биле испуштени електромагнетни бранови. Врелата струја која ја произвела бомбата создала огнена кугла чиј пречник се кревал од шеснаесет, па сè до максималните двесте триесет метри. Во рок од три секунди тлото достигнало температура која, како што е проценето, изнесувала помеѓу 3000C и 4000C. Директно под бомбата, врелите инфрацрвени зраци го јагленисале месото на луѓето и животните, а нивните внатрешни органи испариле.

Додека атомскиот облак се издигнувал три и пол километри над земјата и го покривал сонцето, вертикалниот ударен притисок на бомбата уништил голем дел од долината Ураками. Хоризонталните ударни ветрови прелетале низ подрачјето со брзина од два и пол пати поголема од онаа на ураган од петта категорија и ги претвориле во прав куќите, дрвјата, насадите, животните и илјадници мажи, жени и деца. Луѓето на сите страни оддувани од своите засолништа, куќи, фабрики и болнички кревети, завршувале залепени за ѕидовите или стуткани под срушените згради.

Оние кои работеле на полињата, се возеле во трамваите и стоеле во редовите на пунктовите каде се дели храна, биле соборени од воздушните удари или погодени со разни отпадоци, паѓале и останувале приковани за вжарената земја. Железниот мост се поместил седумдесет центриметри низводно. Кога зградите почнале да се рушат, пациентите и персоналот од болницата во Медицинскиот факултет скокале од прозорите, а мобилизираните средношколки се фрлале од третиот кат на основното училиште во Широјама, осумстотини метри оддалечено од местото на ударот.

Светлата жештина го топела железото и другите метали, ги разорувала зградите од цигла и бетон, ја палела облеката, ја горела вегетацијата, нанесувала фатални изгореници на телата и лицата на изложените луѓе. Околу километар и пол од експлозијата, силината на ударот предизвикала пукање на ѕидовите од цигли дебели три сантиметри, а парчиња стакло се заривале како куршуми во рацете, нозете, грбовите и лицата на луѓето, прободувајќи им ги мускулите и органите. Два и пол километри понатаму, илјада луѓе со изгореници кои им ја нанела страшната жештина лежеле заробени под делумно разорените куќи.

На оддалеченост од осум километри, дрвените и стаклени парчиња ја расекувале облеката и се забивале во телата на луѓето. Прозорците се треселе и на оддалеченост од тринаесет километри.

„Светлината беше неопислива“

„Сè се случи во еден момент“, се присетуваше Јошида. Едвај ја видел заслепувачката светлина на помалку од километар кога моќната сила го удрила од десната страна и го исфрлила во воздух. „Жештината беше толку голема и неиздржлива што јас се склопчив како сурума (сушена пржена лигња).“ Додека му се чинело дека се движи забавено, како во сон, бил оддуван четириесетина метри преку полето, патот и каналот за наводнување, за потоа да тресне со грбот врз тлото. Потоа се нашол во оризово поле прекриено со вода.

Во фабриката „Мицубиши“, До-Ох ја бришела потта од лицето, сосредоточена на она што го работи, а во тој момент: PAAAAAH TO! – застрашувачки блесок од сина и бела светлина провалил во зградата, придружен со експлозија која може да оштети слух. Помислувајќи дека во фабриката експлодирало некое од торпедата, таа се фрлила на земја и главата ја покрила со раце токму во моментот кога зградата почнала да се руши врз неа.

Во кошула со кратки ракави, панталони, доколеници и со капа на главата, Танигучи возел велосипед преку ридот, на северозападниот крај на долината кога пламениот ветар одеднаш го стигнал од зад грбот и го лансирал во воздухот, а потоа го фрлил на стомак на патот. „Земјата се тресеше толку силно што со целата сила гребев по плочникот за да не бидам оддуван поторно.“

Нагано стоела во училишната фискултурна сала претворена во фабрика за изработка на делови за авиони, донекаде заштитена поради оддалеченоста и шумовитите планини кои се издигале помеѓу неа и бомбата. „Блесна свелина – ПИ-KAAAH!, се сеќаваше таа. Нагано помислила дека бомба ја погодила зградата. Паднала на земја и, благодарение на обуката која ја добила, со палците и останатите прсти ги покрила ушите и очите додека прозорците се кршеле околу неа. Слушнала како надвор се превиткуваат парчиња лим и скршени ќерамиди.

Околу три и пол километри југоисточно, Вада седел во холот на трамвајскиот терминал Хотаруџај и со другите возачи разговарал за сообраќајната несреќа која се случила неодамна. Видел како трепкаат електричните водови. „Цел Нагасаки беше... светлината беше неопислива... неверојатна количина на светлост го осветлуваше целиот град.“ Силната експлозија ја затресла станицата. Вада и неговите колеги побрзале да најдат засолниште под масите и другите делови од мебелот. Во следниот момент почувствувал дека лебди во воздухот, а потоа треснал на подот. Нешто тешко му паднало на грбот и ја изгубил свеста.

Под печурката која и понатаму се поткревала, исчезнал огромен дел од Нагасаки. Десетици илјади луѓе ширум градот загинале или биле повредени. Вада лежел под паднатите греди. Нагано била склопчена на подот во фабриката за производство на авионски делови, со уста полна со парчиња стакло и прашина која ја гушела. До-Ох лежела повредена во рушевините на фабриката Мицубиши, обвиена со чад. Јошида лежел во калливото оризово поле, едвај свесен, со сурово изгореното тело и лице. Танигучи грчевито се држел за вжештениот плочник покрај распарчениот велосипед, сè уште не знаејќи дали грбот му е изгорен. За момент ги отворил очите, доволно да види како едно детенце било „збришано како честичка прашинка“.

Поминале шеесет секунди.

Џиновски зовриен котел

Огромниот турбулентен облак се искачил повеќе од единаесет километри над градот. Копилотот на Bockscar, поручникот Фредерик Оливи, кој сето тоа го набљудувал одозгора, го опишал како „џиновски зовриен котел“.
Надвор од градот, многу луѓе кои го виделе тоа зрачење на светлината и ја слушнале заглушувачката експлозија, излетале од своите куќи и гледале како нуклеарниот облак издишува над Нагасаки.
 Еден работник на островот, на заливот Омура, десетина километри северно од ударот, го опишал како „морничаво усвитен... со долги огнени јазици кои пламтат на небото“.

Bo Исахаи, осум километри источно од Нагасаки, една старица се плашела дека „сонцето ќе падне“, а детето кое ги дофатило пепелта и хартиите кои паѓале одозгора, сфатило дека тоа се парчиња хартија од купоните за набавки што ги добивале жителите на долината Ураками.

На врвот на планината Тохакеј, шест и пол километри југоисточно од Нагасаки, некој човек кој ги товарел дрвата во камион, „останал без зборови пред убавината на глетката“ – џиновскиот облак се кревал и непрестајно се распрскувал, а бојата му се менувала од бела и жолта до црвена. Во областите на крајот од градот луѓето зјапале низ прозорците и излегувале надвор да видат како атомскиот облак се искачува над нив, па потоа поради страв од друг напад, бегале назад во домовите или околните засолништа.

Смртоностната бура во градот стивнала и го оставила Нагасаки обвиен со мрачна магла полна со прашина. Речиси сите кои се наоѓале во непосредна близина на нулта точката биле претворени во пепел, а оние кои преживеале имале толку страшни изгореници што не можеле да се движат. На подрачјата надвор од нулта точката, преживеаните мажи, жени и деца почнале да се извлекуваат од урнатините, за потоа, не верувајќи им на своите очи, потполно ужаснати да се соочат со првиот поглед на исчезнатиот град. Дваесет минути после експлозијата честиците јаглеродна прашина и радиоактивните отпадоци се спуштиле од атмосферата и се кондензирале во леплив црн дожд кој го покрил градот Нишијама-мачи, три и пол километри источно преку планините.

Кога Нагано полека успеала да се поткрене од подот во фабриката за авионски делови, застанала и треперејќи почнала да ги брише остатоците прав од очите и да плука прашина и парчиња стакло од грлото и устата. Околу неа возрасните работници и ученици лежеле згрчени на земјата или станувале, шокирани и збунети. Бидејќи само малку ги подотворила очите, почувствувала дека е премногу опасно да остане таму каде што се наоѓа. Истрчала надвор и се стиснала во преполното планинско засолниште, каде седнала, очекувајќи го паѓањето на другата бомба.

„Областа Укарами е целосно уништена“, ѝ довикнала една работничка. „И твојата куќа најверојатно изгорела!“ Нагано излетала од засолништето и потрчала кон долината Ураками. Околината на фабриката била речиси во тотален мрак и делувала морничаво. Големите дрвја биле прекршени на половина, во блиските гробишта пропаѓале надргробните споменици, а улиците биле прекриени со отпадоци од ќерамиди и стакло. На земјата лежеле згрчени птици. Но, во споредба со она што го замислувала, штетата ѝ се видела минимална и Нагано – која не можела да ја види долината Ураками – делумно поверувала дека нејзиното семејство сепак е безбедно.

Забрзано одела по улиците упатувајќи се кон јужниот крај на Нишијамачи, кон станицата Нагасаки, оддалечена околу километар и пол кон исток, туркајќи се меѓу полуурнатите дрвени куќи и луѓето кои бегале од подрачјето на ударот. Кога патот свртел на запад, Нагано се затрчала кон 277-те скалила што воделе кон храмот Сува од седумнаесеттиот век кој останал недопрен, и основното училиште Кацујама, веднаш после Градската сала. Четириесет и пет минути подоцна Нагано конечно ги преминала планините кои стоеле помеѓу неа и тоталната атомска деструкција.

Пред неа се наоѓала срушена главната зграда на станицата Нагасаки. Но, она што го видела од десната страна ја вџашило и конечно ја уверило дека гласините што ги слушнала за долината Ураками се точни. Таму каде што само пред еден час постоела северната половина на Нагасаки, сега лебдел низок и тежок облак чад и прашина над зградите. Ништо не останало од десетината области, освен мешавина од електрични жици и по некој осамен оџак. Големите фабрики долж реката, во близина на станицата Нагасаки, сега биле претворени во згужвана маса од челични шипки и дрвени греди, а трамвајските пруги, според зборовите на еден преживеан, биле „извиткани како конци од растопен шеќер“.  

Километри далеку од урнатините кои чаделе немало ни знак дека таму некогаш постоеле патишта. Јагленосаните лешеви го прекривале тлото. Преживеаните се тетеравеле низ рушевините јачејќи од болка, а кожата од нив висела како раскината облека. Некои трчале наоколу вриштејќи: „Бегајте! Спасувајте се!“ Босонога мајка во искината облека трчала низ рушевините довикувајќи го своето дете. Меѓутоа, повеќето луѓе молчеле. Многумина паѓале мртви на местото на кое стоеле.

Куќата на Наго се наоѓала на осумстотини метри кон северозапад и до неа секој обичен ден можело да се стигне за десетина минути. Нагано се свртела на таа страна за да го разгледа подрачјето, но таму немало ништо – ни згради, ни дрвја, ниту знак на живот на местото каде што последен пат ја видела својата мајка и помладите брат и сестра. Со згрозеност во погледот го барала патот до куќата, но пламените кои се пробивале низ урнатините го спречувале пристапот од сите правци. Вкочанета и збунета, Нагано стоела пред станицата Нагасаки, сама, немајќи никаква идеја што да прави понатаму.

(Овој есеј содржи прилагодени делови од првото и второто поглавје од книгата на Сузан Сутар, „Nagasaki: Life After Nuclear War“.)

Извор: pescanik.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото