Бегства: Албахари, Херберт, Кортасар, Бернхард (пет раскази)

03.09.2015 10:14
Бегства: Албахари, Херберт, Кортасар, Бернхард (пет раскази)

Извдојуваме пет нови раскази како поттик и урнек за конкурсот Бегство. Овој пат, претставуваме раскази од Албахари, Херберт, Кортасар и Бернхард.

 

Давид Албахари
Читател

Читателот кој се губи на едно место во книгата се наоѓа на друго, ама сосем изменет. Долго се огледува во малото огледало, ги пипка мустаќите кои порано ги немаше, ја мазни косата која му допира до рамениците. Нема што, добро му е и вака, вон книгата. Книгата лежи на масата, отворена. Човекот приоѓа и ја затвора. Кога повторно погледна во огледалото, во него не гледа ништо.


Збигњев Херберт

Ѕид

Стоиме пред ѕидот. Младоста ни е соблечена како на осудениците кошулата. Десет, дваесет години поминуваат пред угоениот куршум да ни јавне на вратот. Ѕидот е висок и цврст. Зад ѕидот има дрво и ѕвезда. Дрвото со корењата го подрива ѕидот. Ѕвездата како глушец го нагризува каменот. По сто, двесте години во него ќе има мало пенџерче.

Хулио Кортасар
Напредување и назадување

Измислено е стакло кое би ги пропуштало мувите. Мувата би дошла до него, малку би турнала со главата и оп, веќе би била на другата страна. Бескрајна радост за мувата.

Сето тоа го упропасти еден унгарски научник кога откри дека мувата би можела да влезе, но да не излезе, и обратно, поради некоја непозната ѓаволија во врска со еластичноста на влакната на тоа стакло, кое било многу влакнесто. Веднаш е измислена стапица за муви со грутка шеќер внатре и многубројни муви умирале очајни. Така е завршено секое можно братство со овие суштества, достојни за подобра судбина.

Томас Бернхард
Пиза и Венеција

Градоначалниците на Пиза и Венеција се договориле ненадејно да ги шокираат посетителите на нивните градови, кои со векови подеднакво се воодушевувале и од Пиза и од Венеција, на тој начин што тајно и преку ноќ кулата од Пиза ќе ја пренесат и ќе ја постават во Венеција, а камбанаријата од Венеција во Пиза. Меѓутоа, планот не успеале да го зачуваат во тајност и токму ноќта кога сакале кулата од Пиза да ја пренесат во Венеција, а камбанаријата од Венеција во Пиза биле однесени во лудница, и тоа, се разбира, градоначалникот на Пиза во лудницата во Пиза, а градоначалникот на Венеција во лудницата во Венеција. Италијанските власти можеле во целосна дискреција да ги решаваат нивните случаи.

Томас Бернхард
Сериозност

Еден комичар кој со децении живеел исклучиво од тоа да биде смешен и кој секогаш сите сали во кои настапувал ги исполнувал до последното место, одеднаш, за една група баварски излетници која го затекнала на гребенот над таканареченото Салцбуршко поило, станал долгоочекувана сензација. Комичарот и’ тврдел на групата дека таков каков што е, со кожени пантолони и тиролска капа на главата, ќе се фрли во бездната, на што излетниците, навикнати на неговите шеги, почнале гласно да се смеат. Меѓутоа, комичарот сериозно го мислел тоа и во истиот миг се фрлил во длабочината.

Поврзана статија: 
Конески, Јаневски, Урошевиќ - Бегства (четири раскази)

Слики: Logan Zillmer

Слични содржини

Фотографија / Книжевност / Око
Книжевност / Теорија / Историја
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Европа / Балкан / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото