Ја напуштам Македонија

18.11.2015 18:30
Ја напуштам Македонија

Почитувани пријатели, поддржувачи и непријатели,

Ја напуштив мојата татковина Македонија, бидејќи одбивам да бидам дел од колективната несвест која завладеа таму изминативе години. Се обидував од петни жили да направам некоја промена, а кога излегов пред влада јавно да ги исплукам, кога ние, уметниците, бевме засегнати со предлогот на владата да му даваме 35% на Груевски и компанија, сите ми го свртевте грбот. Луѓето бегаа од мене како од чума, моите пријатели се плашеа да им пуштам музика во кафулето или да испијам кафе, таму затоа што ќе дојде инспекција да ги затвори.

Цензуриран сум на национално ниво, имам забрана за настапување на сите фестивали кои се организирани од општините на ВМРО - или во превод – сегде. Сите мои пријатели се отселија од мојот роден град и јас одбивам да бидам дел од таа Македонија. Со тешко срце ви го кажувам ова, бидејќи цел живот работам и творам на македонски (кој, патем речено, не ми е ни мајчин јазик) и многу ми е жал за добрите луѓе кои се надеваат на подобо утре во оваа земја, кои сакаат да работат чесно, ама се соочуваат со Феудалните газди и Полтроните на Власта која во корен сече сè што не им припага ним.

Од денеска сум „дисидент“ и за жал ќе останам долго време, имајќи на ум дека ситуацијата во Македонија само оди на полошо: и на мое и на ваше разочарување, ВМРО и нивните симпатизери повторно ќе ги украдат изборите, сакале ние или не, и ќе ни се смеат во лице додека произведуваат „човечиња“ кои ќе ги гласаат.

Толкаво ниво на толеранција не сум сретнал никаде во Европа, а сум ја прошетал цела... Полицајци да ви ги убиваат децата на улица (Мартин Н.), да ви ги газат дечињата на пешачки премин, да ви умре жената на породување сосе невина душа во неа поради кадарот на ВМРО, да ви падне цела Шара на глава како во Тетово и само да броиме мртви, да ви убиваат полицајци (од етнички мешани средини со цел да се создаде радор на меѓуетничкото ткиво и мирот), а вие да го толерирате сето тоа, да ги слушате нивните разговори по телефон и да ве убедуваат дека се монтажи...

Јас повеќе не можам, ќе ми простите... Немам нерви за уште едно ВМРО-вско славје на лажна победа. Не сум партиски определен, но во Македонија за да просперираш мора да бидеш. Затоа си одам.

Фала за сè.

Извор: Фејсбук профилот на авторот