Тероризмот ќе ја спаси Европа!?

25.11.2015 14:53
Тероризмот ќе ја спаси Европа!?

Во коментарите и анализите по терористичките напади во Париз доминираше, ми се чини, тонот на очајот. На моменти ми се чинеше дека тоа беа готови текстови што чекаа некој терористички удар да ги извади од уредничките и коментаторски фиоки. И да ги објави. За мене тоа беа материјали на раширената култура на поразот на Европа, не од терористите, туку од себе, сведоштва за трансформацијата на нешто што беше најавувано како крај на историјата во историски крај на една фантастична и неповторлива цивилизација! Слика што се формира од дневните дози немоќ да се фати жестокиот ритам на времето, на новите односи, на новите тенденции, на новите критериуми...

Ме нервираше морализаторскиот тон со кој, всушност, се правеше обид да се разубави смртта повеќе отколку да се искова супериорна позиција во битката за победа, па ми дојде да мислам дека теророт, можеби, може да ја спаси таа цивилизација ако успее да го поткрене полумртвото тело на Европа! Всушност, почнав да мислам дека само тероризмот може да ја спаси Европа и дека терористите заправо работат во корист на својот противник. Не толку што нивниот адреналин ќе ја разбуди Старата дама и таа во некој одмазднички занес ќе го елиминира, не, тоа во ниту една проекција не е можно, туку така што ќе престане хистерично да му се плаши и, истовремено, ќе се освести себеси не како жртва, зашто во тој статус е евидентна, туку како одговорна за драматичниот развој на настаните.

Знам дека ќе звучи нескромно, но, сепак, ќе кажам: се спремав да го напишам текстот што го напиша Пол Кругман. Мислам текст со такви оценки и ставови, сосема спротивни на фатализмот и на детерминизмот на општата пропаст за која до тој момент читав и слушав. Еве неколку цитати:

Нападите во Париз не се обид да се уништи западната цивилизација, како што нашироко се тврди, туку обид да се посее паника. Коментарите кои ја занемаруваат оваа разлика прават терористите да изгледаат посилно отколку што се и им помагаат на џихадистите...

Сега е важно да го совладаме чувството на ужас. Најголемата опасност од тероризмот не се самите напади, туку нашиот одговор на нив... Најлошо би било ако земјите што се цел на тероризмот се обидат по секоја цена да постигнат апсолутна безбедност со елиминација на каква и да е замислива закана...

Тероризмот е само една од опасностите во овој свет и не би требало да ни ги сврти вниманијата од сите други важни прашања... Тероризмот нема и не може да ја уништи нашата цивилизација, нема начин да ја уништи западната цивилизација... Но климатските промени можат.

Толку од господинот Кругман.

Европа и светот се борат против тероризмот со автоматизмот на строгите протоколи. На секој напад следи затворање на границите, лов на осомничените, зголемување на полициските и воените буџети, редукција на правата на граѓаните, одмазднички напади. Тие протоколи се како дијазепами за јавноста, тие ги консолидираат властите во ударниот момент на кризата и даваат одредени резултати во намалувањето на ризиците од нови напади.

Но, сите знаеме дека тие протоколи не се никаков лек против терористичкиот канцер. За да се мисли и измисли или пронајде лекот потребна е имагинација, нешто многу над строгоста на актуелните протоколи, нешто што ќе допре до сферата на самата смртоносна смисла на националната држава, на инерциите на империјалната политика, на катастрофите на интервенционистичките политика, на ненормалната неправда во распределбата на материјалните богатства и на условите за живот, нешто што ќе допре до потребата од реален, не декларативен респект на различностите во светот, нешто што ќе ги ревидира европоцентризмот и американоцентризмот во вредносните критериуми воопшто, а особено во политичката сфера и, на крајот, имагинација што без остаток ќе им помогне на Европа и на САД, пред сè, да се повлечат од своите позиции на експортери на и автори на тероризам во кој секојдневно страдаат стотици жртви. Не, како што дава да се разбере Кругман, да се повлечат од идејата и, на некој начин, задачата да влијаат врз светските ситуации, оти светските ситуации се исповрзани, не е можна ситуација во која секој партикулитет ќе си ја гледа својата работа, туку како стремеж кон остварување на тоа влијание врз основа на поправедни критериуми.

Нема знакови дека работите се движат во таа насока. Европската политика и европските општества се самооперираа од сите форми на имагинација во клиниките на своето „корисно“ образование, во плитките хоризонти на животот изманипулиран низ мас медиумите и насочен кон бесмислена потрошувачка зад која современиот човек го остава својот интерес за што и да е друго, во корпоритивизираната и обезидеологизирана, односно обезвреднета политика, во персоналниот крах на високата политика, во загубената магија на политиката...

Централното прашање е дали тероризмот може да резултира со консолидација на европските кондиции во оваа смисла. Еве три аспекта на актуелниот однос, кои говорат за моќта на старите инерции и за штетите што тие ги предизвикуваат.

Како несигурни вагони од шенгенската композиција Европската унија ќе ги откачи Грција, Шпанија, Италија и членките од Источна Европа. Јас верувам дека оние што ќе останат во шенгенската зона многу посигурно ќе ги контролираат своите граници. По таа линија ќе ги ограничат заканите од нови терористички напади, но тој квалитет плус ќе биде за сметка на огромното зголемување на територијата од која ќе бидат можни напади, ако се потрудиме во нивното решение да најдеме минимум смисла. Под ѕидините на Новиот Рим ќе се соберат војските на модерните Визиготи со богатите ресурси на препуштените територии! Да не зборуваме за моралните аспекти што ќе ја разорат во старт идејата за мини Шенген како зона без елементарно врзивно ткиво надвор од тесните зони на техничката безбедност. Кога ќе се пресметаат комплетните калкулации ќе се види дека повлекувањето во себе нема да ги намали опасностите од тероризмот туку при сите други непроменети околности - ќе ги зголеми. Освен тоа, на ниво на симболика тоа повлекување и затворање ќе се протолкува како знак на европскиот пораз, што може да биде искористено како нов психолошки допинг за терористите и за ново ниво на нивната агресија.

Второ, ако е точно дека Франција е во војна, како што тврди нејзиниот претседател, тогаш треба да се каже дека е во граѓанска војна, напиша деновиве Светлана Слапшак, потенцирајќи ја на ефектен начин драмата низ која минува не само Франција туку и целиот свет во врска со феноменот на тероризмот. Теророт и терористите, терористичките организации, не се надворешни субјекти како што може да се заклучи според мерките што Европа ги презема и во кои стеснувањето на Шенген е само една точка; тероризмот стана избор и на европски граѓани, на граѓани кои културно и политички се формирани во европското милје. Затоа е ризично и неадекватно односот да се дефинира како војна. Проблемот на терористите и на тероризмот не смее да се издигне на нивото на војна и на воени цели зашто тоа би значело дека терористите успеале. Војната на Европа, имено, би била војна против себе!

Конечно, идејата за апсолутната сигурност ја зголемува хистеријата кога нападот ќе се случи, а во меѓувреме високото присуство на безбедносните сили на јавни места и хистеричниот систем на проверки и редукции на правата на граѓаните, формираат амбиент кон кој терористите, всушност, се стремат.

Терористичките напади во Париз резултираа со јакнење на десните сили и дискурси, но јас мислам дека неспоредливо поважно од тоа се недвосмислените осуди на нападите што стигнаа од муслиманската заедница во Европа, впрочем како и од целиот муслимански свет, ако може така да се каже. Затоа што се сами по себе достоинствени и затоа што им ги избиваат главните адути и на терористите и на европските фашисти дека тука се работи за глобален судир на верска основа. Не сакам да бидам претенциозен но имам впечаток дека еден мој статус на фејсбук ја погоди суштината на проблемот:

За време на терористичките напади во Париз, Алах бил на концертот на Eagles of Death Metal во салата Батаклан. И тешко бил повреден во срцето!

Слики: ABDELAZIZ HAOUNATI
Извор: Слободен печат