Хелмут Шмит

26.11.2015 05:38
Хелмут Шмит

Денес во родниот Хамбург беше погребан поранешниот германски сојузен канцелар Хелмут Шмит. Речиси комплетната влада, предводена од сојузната канцеларка Ангела Меркел присуствуваше на церемонијата. Беше присутен и претседателот на Европската комисија Ж.К. Јункер како и поранешниот американски државен секретар Х. Кисинџер, со што се демонстрираше стратешката определеност на Германија. Нашите медиуми известија агенциски коректно. Подлабоки анализи, очекувано, изостанаa. Владата на РМ не упати телеграма со сочувство, веројатно не поради тоа што харизматичниот сојузен канцелар (едно време и министер за надворешни работи) не беше обединител на Германија. Мотивите не се ниту протоколарни. Премиерите од регионот упатија телеграми со сочувство. На кабинетите на премиерот Груевски и на претседателот Иванов нема кој да им објасни дека германските национални интереси се вонпартиски, што се домонстрираше и со почеста што му се укажа на социјалдемократот, поранешниот сојузен канцелар Х. Шмит.
Политичката визија на Шмит токму денес е актуелна, а презентирана е во неговиот говор на Конгресот на СПД (Социјалдемократска партија на Германија) одржан во Берлин во декември 2011 година. Сегашната политика на лидерката на ЦДУ (Христјанскодемократска унија) А. Меркел, во голема мера се базира на проекциите на Х. Шмит. Пред сè, станува збор за одговорноста на Германија во Европа и во контекст на историското оптоварување и демографската и економски силна централна позиција на Германија во центарот на нашиот мал континент (Европа) поделен на голем број национални држави. Сè што презема денес канцеларката Меркел, дефинирано е во синтагмата на последниот говор на Шмит во Берлин: Германија во Европа, Германија со Европа и Германија за Европа, која дојде до израз посебно во реформите во ЕУ, кризата на еврото, енормно големиот германски суфицит во размена со останатите држави, како можен извор на монетарна нестабилност, солидарноста што самите ја доживеаја и што ја покажуваа спрема соседите, а и сега во бегалската, односно мигрантската криза.

Посебно за државите од Централна Европа, а и за нас, е значајно неговото залагање уште од 1955, инспирирано од творецот на европските интеграции Жан Моне за постепена интеграција на Европа, што подразбира и интегрирање на Германија во Европа, потребно не само поради германските интереси, туку и интересите, пред сè на Франција, која беше загрижена за преголемата економска моќ на Германија, посебно поради силната марка.

Хелмут Шмит прецизно ја проектираше и растечката моќ на некогашните „земји во развој“ сега интегрирани во БРИКС. Укажуваше и на демографската катастрофа што ѝ се заканува на Европа, укажувајќи дека до 1950 година европското население во светски размери изнесуваше 20 отсто, а во 2050 тој процент ќе падне на 1. Тоа важи за БНП, кој во 2050 ќе изнесува 10 проценти за разлика од 1950 кога изнесуваше 30.

Владата на РМ концентрирана да опстане со проверените методи покажа дипломатска кратковидост, политичка незрелост и партиска извитопереност поради неупатувањето сочувство по повод смртта на поранешниот германски сојузен канцелар. Тоа не е првпат, ако е за утеха.

Извор: Плусинфо, 25.11.2015.