Расизмот на „Извештајот за интелигенцијата на народите во светот“

16.01.2024 18:53
Расизмот на „Извештајот за интелигенцијата на народите во светот“

Мојата најголема предност како социолог што работи 40 години е собирањето емпириски материјал, истражувањето врз основа на научни методи и проверувањето на заклучоците на други автори за темата што сум решил да ја обработам. Деновиве на безбројни ФБ профили во Македонија, како резултат на објавувањето на многубројните портали, беше објавен Извештајот од World Population Review каде што се наведува дека Македонија е на 108 место со IQ на населението 81,91. Страницата за извештајот од 2022 година не е во функција, а споредено со најновиот извештај нема промена во местото меѓу државите и разлика во висината на коефициентот на интелигенцијата. Со еден збор, овој Извештај е целосно идентичен со Извештајот од 2022 година и веројатно затоа не може да биде достапен за да не биде забележано дека е истиот, повторно печатен со друга година. Медиумите што го објавија во првата недела на декември 2022 година можат да проверат дека податоците се препишани, односно не е вршено ново истражување.

Во споредба со државите од регионот единствено Албанија е на пониско место од Македонија (109 место и IQ 81,75), а најдобра позиција има Словенија (23 и IQ 98,6). Сакам да наведам податоци за уште шест држави, а тоа е за првите пет и за последната на оваа ранг листа од 199 држави. Прва е Јапонија со IQ 106,48, а последна е Непал со IQ 42,99.

Во овој текст нема да спорам со прочитаните ставови на моите пријатели на ФБ поради тоа што не знаеле кои се авторите и не им биле познати нивните ставови. Меѓутоа, медиумите што ја објавија оваа таканаречена анализа имаа обврска да го проверат авторот и да презентираат податоци за него. Текстов го пишувам за да ја насочам светлината и читачкото внимание врз авторот на студијата Ричард Лин (Richard Lynn). За читателите што имаат време и сакаат да читаат за него има на следниот линк.

Лин е контроверзна личност во науката последниве 60 години зашто неговата теорија се темели врз теоријата за белата надмоќ меѓу народите. Социологијата и другите општествени науки ваквите теории ги класифицираат како расистички и научно недокажани, односно повеќето науки научно докажале дека се неточни, субјективистички, тенденциозни и однапред напишани да „жигосаат“ одредени раси и народи. Многубројните автори што ги оспоруваат неговите наоди последниве децении ставаат забелешки во однос на примерокот, техниките на истражување, методологијата, како и на заклучоците. Со други зборови, Лин има теорија без докази. Тој однапред пишува теорија дека црното население е помалку интелигентно, потоа со пониска интелигенција се сиромашните лица и жените, како и конкретно население од одреден регион. Во неговата анализа презентира (најмалку што може) емпириски податоци за да ја докаже теоријата. Наместо да собира репрезентативни податоци за да дојде до теоријата, тој целосно наопаку ја поставува постапката, зашто праксата го демантира.

Што пишуваат други автори за Лин? Во објавената анализа за интелигенцијата на нациите во светот, во еден дел порталот се оградува од добиените податоци и укажува дека треба да се земат со резерва и дека можно да се неточни. Затоа треба да се прочита се што е напишано, а не на прва топка. Во стручниот дел голем број автори што ја разбираат темата интелигенција му ги наведуваат на Лин како критика на неговата теорија следниве аргументи: „Сепак, е важно да се запамети дека коефициентот на интелигенција не е единствениот начин за мерење на интелигенцијата. Всушност, постојат многу различни начини да се бараат најпаметните земји во светот, а многу од нив немаат никаква врска со просечниот коефициент на интелигенција. На пример, можете да ги споредите резултатите од академските тестови во секоја земја, нејзината веројатност за ’проширување на границата на знаење’ и воведувањето нови технологии за податоци (интелигентен капитален индекс) или дури и бројот на Нобелови награди што секоја земја ги има освоено. Всушност, можете дури и да ги комбинирате сите три статистики.“ Ништо од ова не може да се прочита во анализите кај Лин.

Ричард Лин за себе вели дека е еугеничар. Што е еугеника? Форма на научен расизам, според National Human Genome Research Institute. Еугениката е научно погрешна и неморална теорија за „расно подобрување“ и „планирано размножување“, која се здоби со популарност на почетокот на 20 век. Еугеничерите веруваат дека сложените болести и нарушувања се единствено резултат на генетско наследство. Еугенетичарите ширум светот веруваат дека можат да ги усовршат човечките суштества и да ги елиминираат таканаречените социјални болести преку генетиката. Тие веруваат дека употребата на методи како што се присилна стерилизација, сегрегација и социјално исклучување ќе го ослободат општеството од поединци кои тие ги сметаа за несоодветни. Научниот расизам е идеологија која ги присвојува методите и легитимноста на науката за да се докажува супериорноста на белите европејци и инфериорноста на не-белите луѓе чиј социјален и економски статус се историски маргинализирани. Еугениката произлезе од злоупотреба на револуционерниот напредок во медицината, анатомијата и статистиката во текот на 18 и 19 век. Еугенетичарите несразмерно ги таргетираат Латиносите, Индијанците, Афроамериканците, сиромашните белци и луѓето со попреченост во текот на целиот 20-ти век. Еугенетичарите беа клучни за донесувањето на дискриминаторски законодавства за имиграција што беше направено во 1924 година (законот Џонсон-Рид), што целосно ги исклучи имигрантите од Азија.

Во текстов спрема Лин сакам да бидам максимално научно коректен и да не го наречам расист, а неговата теорија расистичка. Имено, секогаш има некој што може да го каже она за што не сте целосно убеден до крај или сметате дека не сте прочитале доволно, за да го дадете заклучокот. За упорните истражувачи во науката секогаш доаѓа „кец на десетка“ (да, кец и десетка е 21) за да се разобличат манипулантите и сите други што не им е местото во науката. За неговата теорија Southern Poverty Law Center SPLC (американска непрофитна организација за правно застапување, специјализирана за граѓански права и судски спорови од јавен интерес) пишува дека „50 години Ричард Лин е во првите редови на научниот расизам“ и дека „тој тврди дека нациите со највисок IQ мора да ги потчинат или елиминираат групите со понизок коефициент на интелигенција во нивните граници за да ја зачуваат својата доминација“,. Неговата кариера вака ја резимираат: „Од 1970-тите Ричард Лин неуморно работи за да ги стави расата, гените и коефициентот на интелигенција во центарот на дискусиите околу нееднаквоста“.

Лин тврди дека нациите без бело мнозинство не се способни за себеуправување и економски успех и верува дека малцинствата, особено имигрантите, го загрозуваат успехот на западните нации. За Лин „единственото важно прашање (со кое се соочува западното општество) е зголемување на имиграцијата од Третиот свет, т.е. народите со низок коефициент на интелигенција во САД, Канада и во Европа. Ефектот од ова, во комбинација со нивната голема плодност е дека тие ги заменуваат Европејците. До крајот на дваесет и првиот век европејците ќе станат малцинства во САД, Канада и Западна Европа. Ова за Лин претставува „демографска катастрофа“ во која „европските народи се … одземени во нивните земји од приливот на неевропски народи“.

Таканаречените студии на Лин претставуваат псевдонаука која се состои од тврдења, верувања или практики што се темелат врз наводни научни факти, а всушност станува збор за завиткани расистичко-националистички ставови некомпатибилни со научниот метод. Основна карактеристика на псевдонауката се контрадикторни, претерани или недокажани тврдења; потпирање врз пристрасност а не врз ригорозна аргументација; недостиг на отвореност за проценка од страна на други стручњаци; отсуство на систематски практики при развивање хипотези итн. Псевдонаучните студии на Лин за расата и за коефициентот на интелигенција покажуваат дека „монголоидите“ имаат највисок просечен коефициент на интелигенција (100-106), следени од „кавказоидите“ (100), а последни се „негроидите“ (црно население) со многу пониска просечна интелигенција (70). Повеќе автори укажуваат на расизмот на Лин и овие неколку реда што ги пренесувам од наведениот сајт сликовито ја објаснуваат неговата наука.

Критичарите забележаа дека „важен недостаток на прегледите на Лин (и Ванханен) е што тие не се придржуваат до систематската Методологија за контрола на потенцијалните предрасуди во многуте избори направени од рецензентот“. Истакнатиот психолог Леон Камин изјавува дека „изобличувањата на Лин и погрешните наводи на податоците претставуваат навистина отровен расизам, во комбинација со скандалозното непочитување на научната објективност“.

Ова е капакот врз расистичката и псевдонаучната кариера на 93-годишниот Лин, кој почина лани во јули: „Во февруари 2018 година, синдикатот на студентите на Универзитетот Алстер поднесе предлог со кој се повикува Универзитетот да му ја одземе титулата на Лин како почесен професор. Предлогот тврдеше дека титулата на Лин треба да биде одземена бидејќи тој дал изјави од „расистичка и сексистичка природа“. Универзитетот се согласи со барањево во април 2018 година.

Не треба да се биде наивен: теориите на Лин имаат поддршка од луѓе и центри со многу пари, кои ги популаризираа неговите расистички ставови низ деценииве.

Во македонското општество, таканаречените Фејсбук аналитичари, воодушевени од овој Извештај, го пренесуваа на своите страници, а тоа го правеа и портали и медиуми без трошка критичност или скепса. Некои од нив причината за нискиот IQ кај Македонците ја побараа кај одредени граѓани што се приврзаници, симпатизери и членови на политичките партии или кај припадниците на одредени заедници. Со цел да се разбере сечија научна анализа треба да биде презентирана методологија, а не само резултати, бројки или проценти, за потоа секој произволно да објаснува на што се должат добиените податоци. Како резултат на ваквите расистички теории во праксата на демократските општества се случуваат инциденти со припадници од други раси или нации. На пример како би се чувствувале наши државјани во странство некој да напише дека тие го спуштиле процентот на IQ во нивната држава, зашто биле многу глупави, односно со низок IQ, а тие воопшто не биле предмет на анализата.

Во прилог на овие псевдонаучни теории ќе се обидам целата работа околу нивните резултати да ја доведам до апсурд. Нискиот IQ во Македонија се должи на голем број русокоси жени во вкупната популација на населението, а особено поради оние што не се природни русокоси, туку ја фарбаат косата, од една страна; и за кои постои цврсто убедување кај мнозинството мажи дека се природно глупави, од друга страна.

Овој одговор е наменет на оние Фејсбук сезнајковци кои тврдат дека нискиот IQ во Македонија се должи на високата определба на граѓаните за одредени политички партии. Како што го личи, припадниците на едната партија велат за другите дека се глупави и затоа Извештајот е вистинит. Партиска припадност е клучниот фактор за нашата „македонска глупавост“ , а решението што го нудат е одземање на граѓанското право на дел од граѓаните да гласаат. Тоа не го кажуваат децидно, но потсвесно го мислат. Меѓутоа, во студијата на Лин не ги пишува припадниците на македонските политички партии како категорија која треба да биде оквалификувана за виновна за нискиот IQ. Тој наведува раси, народи, социјални и ранливи категории луѓе, жени и други.

Ниту сум го правел тоа во минатото, а не сакам ни сега да манипулирам со бројки и заедници, од една страна, но како личност што решила да работи научно, повторно ќе се обидам искажаните мислења за нашата интелигенција да ги доведам до апсурд, за со тоа целосно да бидат отфрлени како неточни. Имено, врз основа на податоците од студијата, Македонија и подобра за едно место од Албанија; импровизирајќи, можеме да кажеме дека причината за нискиот IQ во Македонија се должи на фактот што во Македонија живеат 30% Албанци. Оваа е квази анализа, се разбира. Заклучокот НЕ Е ВИСТИНИТ. Резонирањето Е МАНИПУЛАЦИЈА. Мој колега од Албанија може да излезе со идентично објаснување: нискиот процент на Албанија во IQ се должи на високиот процент Македонци што живеат во Албанија.

Народите на Балканот не треба себеси да се гледаат со очите на Лин. И поради нашите вредности и разлики, не треба да наседнуваме и да прифаќаме вакви расистички теории. Меѓу другото, и зашто се сосема застарени. Да потсетам, дали сте имале можност да прочитате некоја понова „научна студија“ (денес се обележани како расистички и фрлени на ѓубриште) која докажува дека црнците се глупави и приближно на ниво на мајмуни?

Слики: Digital Comics Museum

Извор за текстот: Слободен печат