Хемичарот Еди Рама

14.11.2013 19:30
Хемичарот Еди Рама

Германските хемичари Шрадер, Амброс, Ритер и Ван дер Линде го создадоа во 1938 и според нив „заслужено“ го доби името: САРИН. Нацистите успеаjа да синтетизираат 10 тони, но не го користea во војната. НАТО почна да го произведува во 1950. Амброс, кој беше дел од оригиналната четворка, бил осуден како воен криминалец во процесите против нацистите, а отслужил само половина од казната во замена да биде дел од развојот на воено-хемиски програми во Американската армија. Во 1953 дваесетгодишниот Роналд Медисон умре од сарин при тестирање во воено-хемиска Англиска лабораторија. Во 1988 Садам Хусеин усмрти 5.000 Курди со сарин со помош на Хемичарот Али и го користеше 4 пати во војната со Иран. За улогата на Американците кога беа во сојуз со Садам има бројни извори за читање, главно од редовите на американската армија. Во 1993 саринот беше забранет со Конвенцијата за хемиско оружје при Обединетите Нации. Во 1994/5 јапонската религиозна секта АУМ ШИНРИКЈО ликвидира 21 лице со сарин во токиското метро. Во август оваа година огромен број луѓе умреа од сарин во Сирија, иако „студената“ медиумска војна меѓу автократот од истокот Путин и неолибералните јастреби под водство на Обама не докажа кој е во право. Но ете, чувме, саринот ќе стигне до нас, деновиве слушаме како Хемичарот Еди Рама се согласил на територијата на Албанија да складира нервен гас, иако капацитет за такво нешто во Албанија не постои, а реакциите на јавноста допрва почнуваат. Во еден бесмислен дистописки сетинг, Еди Рама е промовиран на светската сцена, но почнува неславно, како и бомбардерот Оланд.

Можеби некој од поранешната ЈНА ќе потврди дека во ЈНА постоеле АТРОПИНСКИ инјектори како дел од обуката на специјализирани тимови во случај на хемиски напад?!

Но, во што е суштината на овој морничав страв-наезда од хемиските отрови? Самиот концепт! Замислете: нема боја, ниту мирис, ниту какво било друго предупредување при контролиран-неконтролиран напад-тестирање. Нема начин да се контролира ветерот и поради тоа воените стратези се уплашени од сопствените стратегии. Саринот е мал дел од приказната, тука постојат и други отрови, на пример ТАБУН. Но, има податоци дека првичните идеи биле да се направи пестицид, ама како и со секоја технологија киднапирана од воената индустрија, така е и со овие отрови.

Црните топчиња се атоми на јаглерод, белите водород, црвените кислород, портокаловите фосфор, жолто-зелените флуор. САРИН или ТАБУН, зарем е важно за кој боен отров се работи? Зарем е важно дали се вика САРИН, ТАБУН или некоја трета измислица која медиумите ќе ја пласираат од Албанија и која ќе се шири неконтролирано и гадно? Најкратко: саринот ги напаѓа синапсите и ја блокира супстанцата ацетилхолистераза која не може да се „ослободи“ од состојката ацетилхолин, така што нервите продолжуваат да праќаат ист токсичен избезумен сигнал низ нервниот систем. 70 милиграми сарин во воздушен метар кубен може да ве убие за една минута. Прво добивате чешање во носот, стегање на градите и стегање на очите, па повраќање, неконтролирана дефекација и уринирање. Потоа бавна, болна и гадна, но сигурна смрт, а претходно паѓање во кома и задушување. Спас? АТРОПИН, но ако личноста до тебе знае што ти е и ако во торбата носи, ете така случајно, шприц и во тарантиновски палп-фикшн стил ти го забие директ во срце!

Според сето ова, мене ми се чини дека пораката првично до Еди Рама од Грција ја донел претседателот на Грција, она мало наци-човече, а темата до премиерот на Македонија можеби лично и неформално ја пренел токму Хемичарот Еди Рама, со можната амортизирачка улога на Пол Волерс. Македонската влада во моментов треба да се изјасни за уништувањето на хемиското оружје во Албанија како протест и како загриженост и јавно да го соопшти тоа. Имено, за сериозната еколошка закана од тоа што Албанија е очигледно планирана дестинација за депонирање и уништување не само денес туку и во иднина. Овие отрови нема да бираат како и кого ќе закачат, и, нормално, не само македонската влада, очекувам да протестираат и да бараат одговор и еколошките здруженија, поединци и интелектуалци, партиите! Ако Путин е поддржувач на Асад, нека си го однесе хемиското соединение на далечниот исток на „неговата“ територија која е поголема од цела планета и сите нас 7 милијарди заедно или Американците нека си ја однесат во Кентаки и нека прават таму пилешки пржени ноџиња со нив, или уште поперфектно би било да ги рециклираат во Мекдоналдс, брзата храна од МекДоналдс како закана за здравјето може да ја ставиме во ист кош за рециклажа или за во ѓубре и уништување.

Хемичарот Рама да ни каже на сите овде зошто и под кои услови дава одобрение! Што бараат тука да ни го носат ѓубрето на диктаторските режими на кои боговски им е дозволено да прават што сакаат? Вакви опасни хемикалии неосетно и без наше знаење ќе влезат во водите во нашиот регион, кој е мал и незначаен, но со подземните води кои се исповрзани со канали под земја никој не може со сигурност да каже што каде влегува, а што и каде излегува. Вообичаено, ги чувствуваме последиците во белите дробови, водата, храната и на гробишта! Смртта е последица која се чувствува потоа, така беше, нели? Да не заборавиме на последиците од касетните бомби со осиромашен ураниум кои НАТО ги фрлаше врз тимбите на сите во регионов 1999, кога македонската држава директно учествуваше во рушењето на Милошевиќ. За тоа и денес се зборува, главно од медицински лица. Сега идиотите тргнаа во нов поход јавно пред цел свет да разместуваат ѓубре и хемиски отрови произведени во нивните лаборатории, во Русија или Америка сеедно, или пак придонеле со тоа „знаење“ да се стекнат автократите низ светот.

Но, на „големите“ никогаш не им било важно како ќе убијат, важен им бил билансот и статусот: мртов. Има и такви кои ќе речат дека место шрапнел кој разнесува тела, како и непотребни трошоци за лекување и посттрауматски стрес итн. најфино би било „похумано“ да се убива со гас. Но, целта на војната не е секогаш да убива, тоа е само праг кој мора да се помине; целите главно се однесуваат на комплетна имобилизација, а понекогаш и екстерминација, како бубашваби. Најстрашното со концептот на воени гасови од форматот на САРИН и ТАБУН е што не можат да се контролираат ниту насочат штом ќе се ослободат во атмосферата, а тоа е и целата поента: тотална неконтролирана психолошка паника! Друг проблем со саринот е што за да се користи или уништува се потребни огромни пари, време и експерти, а што од тоа има Албанија? Се претпоставува дека ѓубреџијата Бериша носеше контејнери од ЕУ и од светот зад грбот на јавноста, па ете во една симболично симпатична ситуација истото, но сега пред целата светска јавност, се очекува да го прави и Хемичарот Еди Рама?! Албанија нема капацитет за уништување на хемиски состојки, но тоа не значи дека „наноекспертите“ на НАТО нема да ги обучат!

Да не заборавиме и на поентата: убивањето во каква било форма мора да се осуди, иако запрепастува фактот дека постои посебен однос кон хемиските оружја, како другите типови на оружја да се неважни или споредни; на пример, неутронската бомба, далечински контролираните беспилотни апарати - дронови, комплетно опремени со бомби итн. така што нема лоши и добри оружја во мошне гадната човечка историја на убивања. Но, брендирањето на еден тип војна како добар, а друг тип на војна како лош, испраќа лоша порака. Еди Рама си игра со сите нас, а сметам дека е воен криминал уништување на нервен боен отров од оние кои го произвеле, како и од оние кои го пренеле знаењето на разноразни автократи и диктатори; така што, ова го сметам како криење на трагите, при што одговорноста на Хемичарот Рама е далеку поголема!

Но, нели, долгорочните промени се случуваат бавно, со континуирано инсистирање, корупција и шок терапии. На пример, тука е приказната за намалување и уништување на нуклеарните боеви глави, која одвреме-навреме се појавува на сцената на „големите“, чии намери се да го разјадат противникот и супериорно да продолжат кон сеопшт страв; никако да се заврши таа приказна; имено, нема потреба да се лансираат руските или кинеските боеви глави кон Америка; доволно е да се детонираат на нивна територија за да заврши сагата на животното хомосапиенс и сите други животни форми.

Хемиските оружја се посебна нехумана класа како најстрашни производи на воените машинерии. Прво, имате психолошки ефект пред и по контаминацијата, но и физички. Нервните гасови се своевидна бавна тортура и лош начин да се умре; има случаи на парализа, ментални ретардации, психотрауми, срцеви проблеми, поттикнување на телото да развие различни форми на рак, а со оглед на менталната матрица на овдешните народи, според тоа и на Албанците, приказните ќе се шират со мошне лоша фабула. Но, сметам дека сега ни е потребна емпатија, па и поради тоа мораме да ги поддржиме нашите пријатели од Албанија да се борат не само за нив, туку и за нас! Ви давам поддршка!

На крај, не смееме да ја занемариме очигледната хипокризија. Фер играта при ваквите радикално антагонистички, но и заеднички руско-американски пактови со сите нас никогаш не постоела. Поентата е што во Студената војна народите не биле добро информирани за моменталните случувања и политичките лаги лесно врвеле поради контролата на медиумите од двете страни, иако и тогаш имало вакви инциденти. Денес таквите инциденти се повидливи. Затоа денес е времето за протести и рушење влади!