Автопортрет со извадено око на Виктор Браунер

30.11.2015 05:14
Автопортрет со извадено око на Виктор Браунер

Под влијание на Сезан, експресионизмот и конструктивистите, Виктор Браунер конечно стигна до надреализмот. Уметникот како мотиви во своето сликарство започнува да користи египетски и ацтечки митолошки елементи. Уште во своите рани години во Букурешт си поигрува со Кабалата и со окултизмот. Во тој миг Браунер ја допира темната страна и длабоко навлегува во несвесното и ониричното. Присуствува на спиритистички сеанси и чита езотерична литература. 1925 година пристигнува во Париз, со куфер во раката и врзоп слики. Утредента му ги носи на Андре Бретон кој веднаш во Браунер препознава надреалист. Настапува едно неконтролирано креативно ослободување, Браунер ги буди силите на психизмот, а знаеме од учењата на старите езотеристи дека некои печати не треба да се скршат. „Секое дело кое го создавам е проектирано во најдлабоките извори на моите немири. Моето сликарство ќе ви се допадне бидејќи тоа е непознат свет населен со месечари, ликантропи, инкубуси, фантоми, духови, медиуми и цела низа фантастични суштества“, пишува Браунер во една од своите тетратки. Кој и каков немир го прогонувал Браунер во 1931 година, кога го слика својот прочуен „Автопортрет со извадено око“, една од редот на пророчките слики во историјата на уметност?

За епилогот извештај ни поднесува Ернесто Сабато, во својата книга „За хероите и гробовите“: „За време на тој лет за Рим се сетив што го снајде Виктор Браунер. Исто така се присетив дека кога се сретнав со Домингез, го прашав за сите по ред, за Бретон, за Пере, за Естебан Франсез, за Мата, за Марсел Фери. Единствено не го прашав за Виктор Браунер. Колку непретпазливо 'заборавање'! Ќе го раскажам тој настан за оние читатели на кои не им е познат. Како сликар, Браунер беше преокупиран со слепило и на неколку слики има насликано луѓе со едно продупчено или ископано око. Дури наслика и еден автопортрет на кој едното негово око е шупливо. Е сега, некаде воочи војната (поточно во ноќта помеѓу 27 и 28 август 1938 година. Заб. ДД), додека оргијале во ателјето на еден надреалистички сликар (некаде се вели дека биле токму во атељето на Домингез. Заб. ДД), Домингез се опијанил и гаѓал некого (Естебан Франсез, сликар. Забелешка Д.Д.) со чаша. Тој се тргнал а чашата го погодила Виктор Браунер во окото и му го ископала. Ајде сега, кажете: можеме ли воопшто да зборуваме за случајности? Луѓето се движат како месечари кон целта која понекогаш едвај ја согледуваат. Меѓутоа тие цели ги привлекуваат, како што пламенот ги привлекува пеперугите. Така Браунер тргна во пресрет на чашата на Домингез и на своето слепило.

Предупредување до наивните: СЛУЧАЈНОСТ НЕ ПОСТОИ“.