За сликата „Мртво дете“ на Миленко Станчиќ

21.12.2015 01:47
За сликата „Мртво дете“ на Миленко Станчиќ

Ми се појавува одненадеж, како Dopellgängger, како замена за оној другиот, мртвиот, кој егзистира во сопствен отсонуван сон, со доминантни меки форми, забавени движења, недефинирани магливи предели со сведен колорит, каде што преовладува некаква сиво-синкава гама со по некој јак акцент, можеби нешто како зеленкасто-жолтеникава, бледа, по малку разлеана кон аглите на пределот кој се расточува по рабовите и полека се губи, дефинитивно исчезнува. Ми доаѓа понекогаш тој сон во мојот сон, во кој како ехо, многу често, слушам нечиј глас: ...јас живеам во сон... јас живеам во сон... јас живеам во сон...

Се сетив, наеднаш, во миг се сетив кој е тој што рекол: „Јас живеам во сон“.

Во 1954 година тој ја насликал својата знаменита слика „Мртво дете“, еден мемориам на својот мртов брат над кого бдее, како што вели Игор Зидиќ: „само сенката на Мајката; пукнатина во зидот на времето, пепеласто сива Геа која му вели на синчето: `Прав си и во прав ќе се претвориш`. Од една страна стои таа, која му го даде на светот, а од другата страна е вратата низ која од светот тоа ќе излезе. Тоа е пејзаж на смртта: до половина гола земја од половина голо небо. Предивото на посмртната постела сè уште ги допира предметите од животот: некакви тенки конци се протегаат како раце за сламка спас. Но детето ќе замине и тие конци – пред да се раскинат за во вечноста да го отпуштат патникот – се напнуваат во последен обид за помирување со светот. Сè што допираат припаѓа, меѓутоа, на царството на Танатос и на ритуалот на Крајот“.

Навистина, само еден поглед на тие глетки, на тие нестварни предели, на тие тегобни ентериери на студената соба која е еден искинат простор преполн со страв од смртта, во звукот на бојата, во превртениот свеќник на подот и во предметите кои не припаѓаат веќе никому, во тој простор на белиот одар каде што е главата на детето, како маска преполовена со темно засенчување, во таа зеленкасто-кафеава гама, во тоа сфумато и во таа маглива проѕирна завеса, зад која има нешто што не може да се види, но кое го насетувам и кое ме обеспокојува и ме прави бескрајно тажен, тие слики на Миленко Станчиќ ми зборуваат дека единствено тој можел да ги изговори тие зборови – „Јас живеам во сон“.