„Катанга“ нова година

29.12.2015 12:44
„Катанга“ нова година

2015-та беше две во едно! Во период од една ни се случија две паралелни години. Се расцепи 2015-та на две паралелни димензии, на два света, на самопочитување и самозалажување. Па така оваа 2015-та во ист замав ме возвишува и понижува, се гордеам но и се срамам од неа, би ја гушнал но и би ја плукнал, и красна е но и гнасна оваа 2015-та.

Од една страна, ова е година на заминување во „партизани“, на одметнување во „комитлук“... но овојпат шумите во кои „заминаа“ храбрите беа улиците, нивното „оружје“ беа свирчиња, индекси, транспаренти и шатори, а „бункерите“ на кои јуришаа беа некогашните владини институции, а сега дворци на Царот Николај и неговите поданици, војници и дворски шутови.

Од другата страна, другата паралелна година беше година на груевистичките „мајмуни“ кои по наредба на Вождот, ги затворија своите уши, замижаа и онемеа. Глуви за „бомбите на вистината“, слепи за сеопштата материјална и духовна беда, неми за сè освен за хорско пеење на „Хвалоспевите за Св.Николај Економскиот Чудотворец“.

Некои години се „нирванизирани“ како Катманду, а некои пак се „диви“ и „опасни“ како Катанга. Па нас нè очекува токму таква – „Катанга“ нова година. Нè очекува година која, од историски аспект, ќе биде заокружена со црвено. Убеден сум дека 2016-та ќе се вреже длабоко во колективната свест, во архетипот на македонскиот народ, налик на 1992,1945, 1903...

И по мене, мошне е битно како секој од нас ќе се вгради себе во оваа епохална 2016-та, дали ќе биде на „барикадите“ или под „јорган планина“, дали во рацете ќе држи мегафон или партиски сендвич. Во наредната година очекувам победа на „партизаните“, и не само тоа, очекувам дека барем дел од груевизираните „мајмуни“ ќе почнат да гледаат, слушаат и зборуваат и на крај дури и да еволуираат во освестени граѓани (отсекогаш сум бил непоправлив оптимист), и како најважно - очекувам да ја изнајдеме (измислиме) „гилотината“ на оваа наша македонска револуција и на неа да им „летнат главите“ на крвопијците и тираните на сопствениот народ.

Или, со прости зборови кажано, од 2016-та очекувам да биде „година ќорке“!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото