Вејмен води љубов

05.01.2016 15:16

Најпосле Вејмен намамува девојка в постела.
Прегрнати се толку цврсто и страсно
што левата рака целата му е во трпки.
Наеднаш некој го зачукува од грб.
„Ишвинете“, мрмори тој некој, со јак германски акцент.
Вејмен и неговата девојка потстануваат, вџашени,
додека некаков џентлмен, целиот обраснат во брада,
се бутка под нивниот покривач,
онака во чизми и со долг реденгот.

„Се викам доктор Маркс“, објавува натрапникот,
удобно местејќи си го вратот на перницата.
„Доаѓам да ви го пресметам трошокот за бакнежот.“
Го извади нотесот. „Па, да видиме, имаме
цена на душек, мора да се земе предвид и станарината,
вашето отсуство од работа, грицки за двајцата,
медицински трошоци во случај на потреба...“

„Слушајте“, вели Вејмен,
„зарем не можеме за тоа ‒ после?“
Филозофот воздивнува и продолжува: „И вие,
госпоѓице, нема да поминете туку така.
Ако не работите, ќе зажалите
зашто зависите од друг. Тоа ќе има влијание,
ве уверувам, и на вашите најинтимни моменти...“

„Добога, докторе“, вели Вејмен, „сè што сакаме
е да бидеме оставени раат.“
Но уште една брада, понегувана,
исто така се уфрла во постелата.
Телата се грчат, збивтаат,
додека секој не се избори за своето место.
„Би сакал да ве запознаам со пријателот од Виена“,
им вели Маркс. „Ова е доктор Фројд.“

Новодојденецот подобро ги мести наочарите,
ѕвера во Вејмен па во девојката.
„Гледам“, почнува,
„дека вие двајца имате некои проблеми...“

Препев: П. В.

Оригиналната песна

Том Вејмен (Tom Wayman, 1945), канадски поет, роден во Источен Онтарио, пораснал во Британска Колумбија. Работел по фабрики, студирал и предавал во Калифорнија и Колорадо.. Објавил петнаесетина стихозбирки, неколку антологии и книги со есеи...

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото